Достапни линкови

АЕК како Елдорадо за роднини на функционери


Агенција за електронски комуникации АЕК

Нема поголеми препукувања меѓу политичките „непријатели“ кога станува збор за вдомување на нивните роднини, во на пример Агенцијата за електронски комуникации. Ги има од сите партии без разлика дали се на власт или во опозиција.

Сопруги, ќерки и синови на сегашни и поранешни функционери како и поранешна пратеничка се дел од 150-те вработените во Агенцијата за електронски комуникации. Во изминативе четири години бројот на вработени во оваа институција е зголемен за нови 20 луѓе.

Сопругата на министерот за надворешни Бујар Османи, Валбона Хаџи Османи е вработена во АЕК како советник за меѓународна соработка, потврдуваат од АЕК. Министерот Османи за Радио Слободна Европа вели дека неговата сопруга е вработена во АЕК пред четири години. Османи во јуни 2017 година е назначен како Заменик претседател на Влада задолжен за европски прашања. Неговата сопруга е вработена во февруари 2018 година. Директор на АЕК е негов сопартиец, Јетон Акику кој на таа функција беше именуван во декември 2020 година.

Покрај неа на списокот се и сопругите на поранешните генерални секретари на минатата влада Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски, Христина Протоѓер и Кристина Божиновска. Едната како соработник за човечки ресурси, другата како раководител на сектор за регулатива. За нив Антикорупциската комисија ги затвори предметите откако по нивно разгледување во 2019 утврди дека не е надлежна. Причината беше што во периодот кога се отворени, нивните сопружници повеќе не беа на фунција.

Меѓу нововработените е и Ѓоко Бухов, син на директорката на Државниот здравствен инспекторат Иринка Сотирова Бухова, како помлад соработник за човечки ресурси. Таа за РСЕ одговори дека нејзиниот син е вработен во АЕК во минатата година, откако конкурирал на оглас. Претходно конкурирал за работа во АД Водостопанство и приватната фирма Лука Мобил, но не бил примен. Од АЕК велат дека неговиот прв договор на определено време од една година бил склучен во април 2021, и годинава е продолжен на уште една година.

Но, оттаму не одговорија на прашањето зошто во оваа институција се вработени роднини и блиски на сегашни и поранешни функционери.

Меѓу претходно вработените е Бојана Стефановска, ќерка на Елена Гошева која беше претседателка на Уставниот суд во периодот од 2013 до 2016 година, за чие вработување имаше отворен предмет во Антикорупциската комисија во 2019 година, но го затвори затоа што нејзината мајка повеќе не е на функција.

Кои се членовите на Комисијата на АЕК

Од петмина членови на комисијата на АЕК, двајца доаѓаат од редовите на СДСМ. Во ребалансот на буџетот на АЕК за петчлената комисија за лични примања се одвоени вкупно 118 илјади евра, или по речиси 2 илјади евра бруто приход месечно.

Претседателот на Комисијата Стевица Јосифовски на ова столче доаѓа од правниот сектор на Телеком, но и од правниот тим на СДСМ, каде што беше овластено лице на Коалицијата предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија при поднесувањето на приговорите до Државната изборна комисија. Неговата адвокатска канцеларија од почетокот на годинава наплатила 5 илјади евра од неколку институции за адвокатски услуги, покажува датабазата „Отворени финансии“.

Тој во август 2019 година е избран за претседател на Комисијата, откако на еден од состанoците како член побарал да биде разрешена неговата претходничка Гордана Клинчарова. Со три гласа за, по нејзиното разрешување тогашниот членка на комисијата Дешира Имери за нов претседател го предложила Стевица Јосифовски, за што позитивно се изјасниле тројца членови броејќи го и неговиот глас, е наведено во записникот од седницата.

Член на комисијата на АЕК е и поранешната пратеничка Тања Ковачев која беше дел од пратеничкиот состав 2016-2020 од редовите на СДСМ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред три години ја обвинуваше пратеничката дека откако е на власт во администрација си ги вработила сопругот, сестрата, зетот за сестра и золвата.

Државната комисија за спречување на корупцијата во 2019 година покрена прекршочна постапка против тогашната пратеничката Тања Ковачев затоа што не го почитувала законот. Таа не ја известила Комисијата за вработувањето на нејзиниот сопруг Дејан, во АД Аеродроми.

Меѓу вработените во АЕК е и Сања Димитриевска која на позицијата советник на директорот за човечки ресурси и меѓународна соработка која до 2016 година била на позицијата државен секретар во МВР, по што била префрлена во кабинетот на тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Антикорупциска комисија отворила предмет за нејзиното вработување во агенцијата во изборната 2017 година. Антикорупционерите се сомневале дека се креирале посебни услови за Димитриевска да биде вработена.

Предметот бил затворен, а постапката запрена. Во образложението на одлуката е посочено дека непосредно пред нејзиното преземање од Кабинетот на Иванов во АЕК е изменет правилникот за работа каде што е наведено дека итно им е потребен кадар – советник за човечки ресурси и меѓународна соработка со завршено образование – машинство, наместо економски науки, како што се барало претходно.

Меѓу вработените во АЕК е и сестрата сестра на Андреј Лепавцов, македонски амбасадор во 2011 година во ЕУ, Драгица Лепавцова како раководител на служба за меѓународна соработка.

И сопругата на поранешниот уредник на Сител Телевизија Драган Павловиќ Латас, Марија е вработена во АЕК како советник во службата за логистика. Латас важеше за новинар близок со поранешната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ

Мисијата на Агенцијата за електронски комуникации е да создаде поволни услови за ефективна и одржлива конкуренција на пазарот на електронските комуникации за да им служи на интересите на корисниците, стопанството и индустријата за комуникации. Но, вработувањата во оваа агенција со години се во интересот на јавноста, поради „звучните политички имиња“ кои привлекуваат внимание.

Длабоко вкоренет непотизам

Универзитетскиот професор Темелко Ристевски смета дека непотизмот е длабоко вкоренет во администрацијата и како социопатолошка појава е присутен долго време во земјава. Тој смета дека една од главните причини поради која АЕК е во привлечен за вработување на блиските на политичарите е платата.

„Начелно се вработуваат каде што платите се повисоки, секој бара повисока плата и секој што може да си овозможи вработување за повисока плата, си го обезбедува тоа“, вели Ристевски.

Според овогодишниот буџет на Агенцијата, вкупно 1,8 милиони евра се предвидени за нето износ на плати, што значи дека во просек вработените во оваа агенција добиваат илјада евра плата. Поранешен вработен во Агенцијата, кој побара да остане анонимен, изјави дека основна плата на директорот е 90 илјади денари, додека неговите советници во кабинетот добиваат по најмалку 75 илјади денари.

Во ребалансот на буџетот на Агенцијата за електронски комуникации се предвидени и 4 милиони денари за регрес, што значи дека за 150 вработени добиваат по 26 илјади денари К-15.

Од АЕК не одговорија конкретно на прашањето колку изнесува најниската и највисоката нето плата исплатена минатиот месец.

„Начинот на уредување на основната плата и на додатоците на плата на вработените во Агенцијата, како и висината на коефициентот на основната плата ги пропишува Комисијата а висината на коефициентот на основната плата за вработените во Агенцијата со статус на административни службеници е поделен по нивоа во рамките на категории на работни места на административни службеници“, се вели во одговорот од АЕК.

Непотизмот е помалку присутен само во оние општества каде што има сериозни механизми на контрола и проверка, додава Ристевски. Според законот за спречување на корупција и конфликт на интереси, функционерите не смеат да вршат влијание за вработување или унапредување на блиско лице во институции кои располагаат со државен капитал. Дополнително, тие се должни по закон да ја известат Државната комисија за секој избор, именување или вработување, унапредување на член на неговото семејство во државен орган, орган на локалната самоуправа, јавно претпријатие или друго правно лице што располага со државен капитал, во рок од десет дена од денот на извршениот избор, именување, унапредување или вработување.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG