Достапни линкови

„Немаме пари“: Талибанците го втурнаа Авганистан во економски хаос


Авганистанка облечена во бурка на пазар во Кабул

Откако Талибанците ја презедоа контролата врз Авганистан, земјата се најде и во економски хаос. Повеќето Авганистанци се борат со зголемените цени на храната и недостатокот на готови пари. Фруд Бежан

Стотици Авганистанци стојат покрај правливите патишта во главниот град Кабул, очајно обидувајќи се да продадат дел од нивниот оскуден имот. Многумина нудат користени саксии, чинии и чаши натрупани на постелнина.

Други продаваат искинати душеци и стари килими или се надеваат дека некој ќе им го купи телевизорот или фрижидерот.

УНХЦР предупредува на уште поголема хуманитарна криза во Авганистан

„Нема работа и немаме пари“, вели Хаџи Азиз, невработен готвач, кој стои до купот прибор за продажба покрај прометниот пат во центарот на Кабул.

„Се обидувам да продадам сѐ што можам за да го нахранам моето семејство“, вели Азиз, кој сам го издржува своето деветчлено семејство.

Тој е меѓу милионите Авганистанци кои се вознемирени од економските шокови од брзото преземање на талибанците на Авганистан, осиромашена нација, зафатена од војна, со околу 38 милиони луѓе.

Од заземањето на Кабул од страна на милитантната група на 15 август, жителите беа погодени од зголемените цени на храната и недостаток на готовина. Инфлацијата се зголеми и вредноста на националната валута, афгани, опадна.

Многу бизниси и продавници остануваат затворени. Владините работници, од кои многумина се кријат, не се платени. Илјадници луѓе се редат пред банките и банкоматите додека вооружени талибански борци се обидуваат да го одржат редот.

„Големи економски пречки“

Дури и пред преземањето на Талибанците, економијата на Авганистан беше крајно кревка, поддржана од странската помош 20 години. Меѓународната помош сочинува околу 40 проценти од бруто домашниот производ на земјата.

Но, откако милитантната група ја врати власта, странските донатори ја прекинаа помошта за Авганистан. Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд исто така ги прекинаа исплатите.

Талибански борец поминува покрај купувачи на пазарот Мандави во Кабул, 1 септември 2021 година
Талибански борец поминува покрај купувачи на пазарот Мандави во Кабул, 1 септември 2021 година

Девизните резерви на авганистанската Централна банка се замрзнати. Оваа банка има резерви од околу 9 милијарди долари, од кои повеќето се чуваат во Соединетите држави.

„Со оглед на замрзнатите резерви и немањето донатори, новата администрација ќе се соочи со значителни економски пречки“, изјави за РСЕ Ајмал Ахмади, поранешен гувернер на Централната банка кој избега од Кабул по преземањето на Талибанците.

УНХЦР се подготвува за околу 500 илјади бегалци од Авганистан

Тој очекува повеќето економски показатели - вклучително и зголемената инфлација и падот на валутата - да се „влошат“.

Бруто домашниот производ на Авганистан се предвидува да се намали за речиси 10 проценти оваа финансиска година, со понатамошен пад од 5 проценти следната година.

Странските инвестиции од „некои големи економии, како Кина и потенцијално Русија“, би можеле да го спречат економскиот колапс на Авганистан, велат од „Фич рејтингс“, врвна американска финансиска фирма.

Внатрешно раселените авганистански семејства, кои побегнаа од провинцијата Кундуз и Тахар поради битки меѓу Талибанците и авганистанските безбедносни сили, се туркаат за храна во Кабул на 9 август 2021 година
Внатрешно раселените авганистански семејства, кои побегнаа од провинцијата Кундуз и Тахар поради битки меѓу Талибанците и авганистанските безбедносни сили, се туркаат за храна во Кабул на 9 август 2021 година

Но, тоа сценарио претпоставува дека Москва и Пекинг-кои имаат контакти со милитантната група-ќе ги признаат Талибанците како легитимна влада.

Експертите велат дека авганистанската економија може да пропадне, мрачно сценарио што ќе поттикне широка глад и ќе ја влоши веќе и онака голема хуманитарна криза.

Анализа: Дали Талибанците ќе останат обединети?

Повеќе од 550.000 Авганистанци се внатрешно раселени од јануари 2021 година, со што вкупниот број на раселени Авганистанци достигна речиси 4 милиони, се наведува во податоците на ОН.

Скоро половина од 38 милиони луѓе во Авганистан имаат потреба од хуманитарна помош за да преживеат.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди на претстојната „хуманитарна катастрофа“ во Авганистан и ги повика земјите да обезбедат итни средства.

„Немаме избор“

Со економијата на работ на колапс, Авганистан се соочува со масовен егзодус на луѓе.

Десетици илјади Авганистанци под ризик од одмазда на Талибанците побегнаа од Кабул во хаотичните напори за евакуација предводени од Соединетите држави и другите земји на НАТО, кои завршија на 30 август.

Десетици илјади други Авганистанци кои работеа со странските сили се оставени во Авганистан.

Тие заедно со другите кои се соочуваат со економски тешкотии и перспектива за живот под тврдокорната талибанска власт, одат кон соседните Пакистан и Иран, од каде што некои ќе платат шверцери да ги однесат до Турција и Западна Европа.

Авганистанците на границите со Пакистан и Иран во обид да избегаат од талибанската власт

Меѓународната организација за имиграцијата проценува дека во 2021 година, околу 1,5 милиони Авганистанци ќе избегаат на запад во потрага по безбедност и работа.

Оние што остануваат во Авганистан прибегнуваат кон очајни мерки како Азиз, продавајќи ги предметите од своето домаќинство на патиштата низ земјата.

За некои се работи за преживување, односно за да ги нахранат своите семејства. Други ќе ги искористат парите за да ја напуштат својата татковина и нејзините нови фундаменталистички владетели. „Луѓето се очајни“, вели Нематула. „Нема работа и нема пари. Луѓето немаат друг избор“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG