Достапни линкови

Вести

Барадар ќе ја предводи новата авганистанска влада

Мула Абдул Гани Барадар

Коосновачот и политичкиот шеф на Талибанците, Мула Абдул Гани Барадар, кој се смета за релативно умерен во оваа исламистичка група, ќе ја предводи новата влада во Авганистан, цитира Ројтерс неколку извори. Изворите велат дека Мула Мохамад Јакуб, син на починатиот талибански основач и духовен водач Мула Мохамад Омар и Шер Мохамад Абас Станекзаи, член на политичката канцеларија на Талибанците во Доха, ќе преземат високи позиции во владата.

ЕУ нема да брза со признавање на Талибанците

Исламистите се соочуваат со огромен предизвик да се префрлат од бунтовничка група во владејачка власт, повеќе од две недели по преземањето на контролата врз поголемиот дел од земјата и неколку дена откако Соединетите држави целосно ги повлекоа своите војници по 20 години присуство. Многу од водечките држави во светот чекаат да видат дали постапките на следната администрација ќе бидат во согласност со ветувањата на Талибанците дека ќе бидат поумерени отколку за време на нивното брутално владеење помеѓу 1996 и 2001 година.

Бајден: повлекувањето од Авганистан е „најдоброто за Америка“

Легитимитетот на новата администрација во очите на меѓународните донатори и инвеститори ќе биде од клучно значење за економијата, , бидејќи земјата се бори со сушата и опустошувањата од конфликтот, во кој животот го загубија околу 240.000 Авганистанци.

види ги сите денешни вести

Германските експерти денеска вршеа увид во опожарената модуларна болница во Тетово

Германските експерти денеска започнаа со увидот во опожарената модуларна болница во Тетово. Нивната истрага треба да ги открие причините зад пожарот во кој животот го загубија 14 лица.

Германски тим од Федералната криминалистичка служба донесе своја опрема и е составен од двајца крим техничари за истражување пожари и двајца крим техничари и форензичари за ласерско мерење на простории и за фотографирање.

Изгоре ковид-центарот во Тетово, потврдени 14 починати

Германските експерти ќе работат заедно со крим техничарите на МВР како поддршка на Основното јавно обвинителство.

Нови 557 случаи на Ковид-19 а починаа 28 лица

Модуларна ковид болница во Гостивар

Во последните 24 часа регистрирани се нови 557 случаи на Ковид-19, од направени 3.885 тестирања. Во изминатото деноноќие се евидентирани починаа 28 лица. Од починатите најмногу се од Скопје- вкупно 11, потоа по 3 починати лица од Струмица и Тетово, по 2 починати лица од Гостивар и Куманово, по едно починато лице од Битола, Кичево, Валандово, Кавадарци, Гевгелија, Охрид и Струга.

Од пријавените 28 лица, 26 се починати во болнички услови, а две лица се починати во домашни услови. Досега во земјата се направени вкупно 1.238.106 тестирање на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 185.450 бројката на оздравени пациенти е 166.099, на починати е 6.367, а бројот на активни случаи изнесува 12.984.

Иран дозволи употреба на американската вакцина на „Џонсон и Џонсон“

Иранските власти ја одобрија употребата на вакцината против коронавирус, произведена од американскиот фармацевтски гигант „Џонсон и Џонсон“, додека Иран се соочува со петтиот бран на инфекции со ковид-19. Одлуката на Иран да ја одобри вакцината на фирмата „Џонсон и Џонсон“ доаѓа осум месеци откако врховниот лидер Ајатолахот Али Хамнеи ги забрани вакцините произведени во Велика Британија и САД, велејќи дека тие земји се „недоверливи“.

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси, кој ја презеде функцијата во август, вети дека ќе даде приоритет во борбата против пандемијата.

До сега Иран користеше сопствена вакцина позната како КовИран Баракат, потоа рускиот „Спутник Ве“ , идниската „Коваксин“.

Иранското Министерство за здравство соопшти дека околу 13 милиони луѓе од 83 милиони жители на земјата се целосно вакцинирани.

Според ресурсниот центар за коронавирус Џонсон Хопкинс, Иран регистрирал повеќе од 5.378.000 заразени со ковид-19 и 116.072 смртни случаи од коронавирусот од почетокот на пандемијата, што ја прави најтешко погодената земја на Блискиот Исток. Иран регистрираше скоро 16,000 смртни случаи од ковид-19 во последните 28 дена.

Рама: Никој не може да и држи лекции на Албанија

Албанскиот премиер Еди Рама

Албанскиот премиер Еди Рама, чиј нов, трет по ред владин кабинет треба да биде изгласан денеска, при презентацијата на владината програма, задржувајќи се на иницијативата „Отворен Балкан“ повторно ја критикуваше Приштина што не се приклучила на иницијативата. Тој одлуката на Приштина ја оцени како избрзана. Според Рама Косово си игра со незнаење и порача да стане дел од оваа иницијатива, затоа што од неа корист имаат сите Албанци.

Рама вели дека сагата за конфликтот Косово-Србија никогаш не се затвора со изолација, туку само со отворање, пристапување кон проблемот, дискусија.

„Отворен Балкан не е игра на Србија. Отворен Балкан не е руски или кинески заговор за заживување на Југославија. Тоа не е отстапување од интеграцијата. Сето ова се приказни на гугл, со непријател кого Косово, Албанија, конечно го победија како непријател во вистинската војна со топови и пушки, благодарение на САД и најголемите европски сојузници. Секому треба да биде јасно дека Отворен Балкан не е „српска игра“, туку „ пород на Берлинскиот процес“, изјави денеска Рама.

Тој на критичарите на оваа иницијатива им порача дека на Албанија не може да и се држат предавања и за нејзините суверени одлуки не може да се преговара никаде, а времето ќе покаже кој е во право.

„Косовските власти треба да ја донесат одлуката, додека наше е само да ги почитуваме. Сепак, албанските власти одлучуваат за Албанија и тие мора да ги почитуваат нашите одлуки. Ако не ни се допаѓаат одлуките, треба да разговараме за нив, но никогаш да не ги прогласуваме за предавници, проруси и просрби, оние кои размислуваат поинаку, играјќи со незнаење“, истакна во својот говор Рама.

Европските пратениците сметаат дека санкции за Либан и натаму се опција

ИЛустрација Либан

Европската унија треба и натаму да размислува за воведување санкции против либанските политичари кои го блокираат напредокот на новата влада, се вели во соопштението на парламентот на ЕУ. Претходно еврокомесарот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел изјави пред Европскиот парламент дека моментот за санкции помина бидејќи политичарите во таа земја формираа влада на 10 септември.

Либан по повеќе од една година политички ќорсокак пред една недела го направи првиот чекор кон формирање на влада.

Парламентот „ги повикува либанските лидери да ги исполнат своите ветувања и да бидат функционална влада“, се вели во резолуцијата на парламентот. Таа не е обврзувачка за новата либанска влада, која вети дека ќе се справи со едно од најлошите економски кризи во историјата во светот.

Пратениците од ЕУ предупредија дека воведувањето на целни санкции за попречување или поткопување на демократскиот политички процес останува како опција.

ЕУ се согласи во јуни да подготви забрани за патување и замрзнување на имотот за либанските политичари обвинети за корупција и попречување на напорите за формирање влада, финансиски малверзации и кршење на човековите права.

Но, досега имињата на политичарите не се официјално идентификувани. Дополнително со финансискиот колапс, хиперинфлацијата, прекини на електрична енергија и недостаток на храна што ја уништуваат земјата, Парламентот се надева дека овој повик ќе ги фокусира умовите на либанските политичари, од кои многумина имаат имот во ЕУ.

Најмалку две лица загинаа при експлозија на автомобил во Украина

Во експлозија на автомобил загинаа портпаролката на регионалната служба за итни случаи и нејзиниот придружник во југоисточниот украински град Днипро, соопшти а полицијата. Причината за експлозијата се уште е непозната.

Службата за државна безбедност на Украина соопшти дека започнала истрага за терористички акт поради смртоносната експлозија што се случи во четвртиот по големина град во Украина.

Државната служба за итни случаи во регионот Днепропетровск ги идентификуваше жртвите на експлозијата како нејзината 35-годишна портпаролка Дарја Хречишчева и член на јавната група на украинската Легија, болничар Олексиј Кавлак.

Милановиќ-Црна Гора е заложник на незаинтересираноста на ЕУ

Црна Гора е заложник на незаинтересираноста на европската политика, изјави денеска хрватскиот претседател Зоран Милановиќ за време на посетата на црногорскиот колега Мило Ѓукановиќ. Миловановиќ предупреди дека геополитичкиот вакум на Балканот се искористува од земји како Русија, кои се против европскиот систем на вредности.

„Фактот дека нема војна, тоа што фала богу нема крв, не е причина да се држат луѓе како заложници. А Црна Гора во моментов е заложник на незаинтересираност, спазмичност на европската политика“, изјави Миловановиќ по средбата со Ѓукановиќ.

Тој смета дека напредокот кој Подгорица го постигна во преговорите за членство во Европската унија, отворајќи го и последното поглавје, во европските кругови не е наградена со диференцијација од другите земји кандидати на Западен Балкан, кои заостануваат во тој процес. Миловановиќ смета дека Црна Гора заслужува повластен третман и дека негова задача е да се „привлече внимание“ на тој факт, како и на неодамнешните етнички и верски тензии во соседната земја на Хрватска.

Црногорскиот претседател Ѓукановиќ истакна дека Подгорица „е погодена од дефицит на внимание од најважните европски политички адреси“, што создаде политички вакуум на Балканот.

„Русија денес не дејствува толку на територијата на Западен Балкан заради Западен Балкан, туку поради војната која ја води против европското единство и вредносниот систем. Суштинската порака што ја добиваме секој ден директно од Москва или преку нејзините сателити е дека нашиот избор за членство во НАТО и ЕУ не е добар геополитички избор“, вели црногорскиот претседател.

Црна Гора е членка на НАТО од 2017 година.

Ѓукановиќ пристигна во дводневна посета на Хрватска во услови на зголемени политички и етнички поделби во неговата земја, само еден ден откако црногорските опозициски партии, предводени од неговата Демократска партија на социјалистите, побараа формирање преодна влада која ќе распише парламентарни избори по устоличувањето на митрополитот црногорско-приморски Јоаникије во Цетиње, кое беше проследено со насилни протести.

Бериша отстранет од пратеничкиот состав на Демократската партија

Албанскиот Парламент го прифати барањето на Демократската партија за составот на пратеничката група без Сали Бериша, кој беше исклучен од пратеничката група, од лидерот на демократите Љуљзим Баша, по барањето на американската амбасадорката Јури Ким, откако тој од страна на САД беше прогласен за „персона нон грата“, поради корупција.

Бериша е исклучен од пратеничкиот состав на Демократската партија иако на конституивната седница, тој даде заклетва, како дел од пратеничката група. Законодавниот дом на тој начин го легитимираше барањето на Демократската партија, без името на Сали Бериша.

Пратеничката група на Демократската партија има 44 пратеници и ја предводи пратеникот Алфред Рушај. Демократите, со другите помали партии, со кои беше во изборна коалиција, освоија 59 пратенички места.

Бериша, кој е почесен претседател на демократите, поранешен шеф на државата и експремиер остро реагираше на одлуката на лидерот на партијата Баша. Бериша го обвини Баша дека прави договор со Еди Рама, додавајќи дека него го избрале граѓаните и тој ќе биде во парламентот.

По денешното соопштение од парламентот Бериша се обрати на Фејсбук, во наведувајќи дека ја почнува битката за „ една пообединета, посилна и поотворена Демократска Партија“, напиша тој.

Бериша најави средби со членството низ целата земја, со цел, како што вели, за да ја врати партијата на пиедесталот што го заслужува.

Кумановски притвор за Авганистанци кои држеле Индиец како заложник

Транзитниот центар во Табановце

Двајца Аваганистанци во атарот на Табановце ограбиле Индиец и го држеле како заложник. Кумановското обвинителство од Судот бара да им биде одреден 30 дневен притвор на 25 и 31 годишните Авганистанци кои со нож му се заканиле на Индиецот и го ограбиле. Тие се осомничени за кривичното дело разбојништво. Според соопштението на оБвинителството, осомничените го повредиле државјанинот на Индија.

„По ударот жртвата паднала на земја, по што двајцата осомничени му ги врзеле рацете и нозете и сериозно му се заканиле дека ќе го убијат ако не им ги даде сите пари што ги има“, стои во соопштението.

Во него е посочено дека осомничените му украле 440 евра, и продолжиле да го тепаат присилувајќи го Индиецот да бара од неговиот брат да му испрати 2.300 евра преку „Money Gram“ ако сака да биде ослободен

Над 100 евакуирани Авганистанци, од Косово, заминаа за Британија

Една група од 117 Авганистанци, кои неодамна беа евакуирани во Косово, денеска заминаа за Велика Британија

Една група од 117 Авганистанци, кои неодамна беа евакуирани во Косово, денеска заминаа за Велика Британија. Евакуираните Авганситанци кои властите во Kосово ги опишаа како цивили кои работеле со силите на НАТО во Авганистан и нивните семејства, денеска го напуштиле меѓународниот аеродром Приштина.

„Денес, по многу напорна работа, заедно со НАТО и Владата на Косово, ние се збогуваме со првата група Авганистанци кои порано работеа за НАТО додека летаа кон Обединетото кралство за да започнат нов живот по престојот на Косово“, објави Британската амбасада во Приштина на својата официјална страница на Фејсбук.

Соединетите држави и нивните сојузници евакуираа десетици илјади Авганистанци кои беа опасност во својата татковина. Тие беа евакуриани откако Талибанците пред еден месец ја соборија владата во Кабул која беше поддржана од Западот. Илјадници други луѓе сакаат да ја напуштат земјата која 20 години беше зафатена од војна.

„Велика Британија се обврза да премести околу 150 Авганистанци поврзани со НАТО“, се вели во соопштението.

Косово соопшти дека привремено ќе смести околу две илјади Авганистанци.
„Исклучително сме благодарни за великодушноста која ја покажа Косово со сместувањето на овие ранливи луѓе, како и за поддршка на НАТО кога тоа е потребно“, стои во соопштението на амбасадата.

Курти - Случајот Монструм не е разјаснет докрај

Премиерите на Косово и на Македонија, Албин Курти и Зоран Заев

Косовскиот премиер Албин Курти не одговори конкретно дали ќе бидат испорачани Африм Исмаиловиќ и Алил Демири осудени во случајот „Монструм“. Само кратко рече дека министерствата за правда на двете земји се во постојан контакт и дека во интерес на сите е да се дознае целосната вистина за тешките предмети и да се дојде до правдата.

„Знаеме дека од минатото наследивме трагични случаи и тешки предмети. Но има и други предмети кои според мое убедување не се разјаснети докрај и ја немаме целосната вистина. Заедно со премиерот Зоран Заев разговаравме за меѓусебна поддршка, но и за меѓународна помош, како би имало правда и за двете земји, но и за жртвите, како би се научила вистината на крајот”, изјави Курти.

Курти и министрите денеска се во посета на Македонија, каде одржаа заедничка седница.

Скопје бара од Приштина екстрадиција на двајцата осудени во Монструм, кои со години се во Косово. Африм Исмаиловиќ, еден од осудените на доживотен затвор во процесот „Монструм“, во април годинава беше уапсен во Косово.
Исмаиловиќ и Демири се осудени во отсуство на доживотен затвор затоа што на 12 април 2012 година кај Смилковско Езеро извршиле петкратно убиство.

СЗО го суспендира одобрувањето на Спутник Ве

Вакцина против ковид 19

Светската здравствена организација (СЗО) го суспендирала процесот за одобрување на руската вакцина против коронавирус Спутник Ве, откако биле откриени голем број прекршоци во производството за време на инспекцијата во Русија претходно оваа година, соопшти претставник на СЗО.

Претставникот на канцеларијата на СЗО за Америка, Џарбас Барбоса, во изјава на 15 септември сугерираше дека ќе бидат потребни нови инспекции во една од фабриките каде што се произведува вакцината, пред вакцината да добие одобрение за итна употреба.

„Фабриката треба да го послуша советот, да ги направи потребните промени и да биде подготвена за нови инспекции. СЗО чека производителот да испрати вести дека се подготвени“, рече Барбоса.

Во извештајот објавен во јуни, СЗО објави дека открила повеќекратни прекршувања во фабрика во сопственост на руската фармацевтска компанија Фармастандард во градот Уфа, вклучително и во врска со „спроведувањето на соодветни мерки за ублажување на ризиците од прекумерна контаминација“.

Подоцна фабриката рече дека ги решила овие проблеми.

Русија поднесе апликации за одобрување на вакцината и до СЗО и од Европската агенција за лекови (ЕМА) во февруари, откако резултатите од рецензијата објавени во медицинскиот весник „Лансет“ покажаа дека вакцината е безбеден и 91,6 проценти ефикасна против ковид-19.

И покрај тоа што нема одобрение од СЗО и од ЕМА, руската вакцина Спутник Ве се користи во голем број земји низ целиот свет.

Во Бугарија онлајн пописот се продолжува за една недела

Бугарија

Онлајн пописот кој во моментов се одржува во Бугарија да продолжи уште една недела и да трае до 24 септември, предложил директорот на Националниот институт за статистика, Сергеј Цветарски. Предлогот го доставил до Советот на министри.

Продолжувањето е очекувано поради дефекти во системот, поради што неколку денови имаше проблеми со електронската платформа за попис во Бугарија.

Цветарски пред неколку дена беше сослушан од собраниската комисија по тој повод, која беше заинтересирана дали се случил злонамерен упад во системот и дали податоците се заштитени од хакерски напади.

Пописот во Бугарија започна на 7 септември и според планот требаше да трае онлајн до 17 септември, а потоа, до 3 октомври, да се спроведе со физички попишувачи во домовите.

Цветарски додаде дека предложиле предавањето на кодот на попишувачите преку Интернет да не се врши за време на физичкото присуство на попишувачите, бидејќи Националниот институт располага со тие кодови.

До денеска, речиси еден милион бугарски државјани се попишани онлајн, вкупно 998.694. Се очекува дека околу 50 отсто од населението во земјата ќе се попише електронски.

Цветарски посочи дека имало злонамерен напад врз системот за електронски попис, а не колапс поради големиот прилив на корисници.

Нови ковид правила за влез во Швајцарија, Белгија и Австрија

Швајцарија, Белгија и Австрија имаат нови ковид -19 правила за патници кои влегуваат во нивните земји, соопшти Министерството за надворешни работи.
Македонските државјани ќе може слободно да патуваат во Швајцарија, но само со потврда за примени две дози од вакцина и пополнет онлајн формулар, додека за тие што патуваат во Белгија и Австрија е задолжителен карантин, освен ако се приложи доказ за извршена целосна вакцинација или за прележаност на болеста.

Во Швајцарија веќе не може да се влезе со поседување на негативен тест (ПЦР или Антиген тест). Потребно е до 12 часа пред влезот во Швајцарија, да го пополни формуларот кој се наоѓа на веб страна на швајцарската Федерална канцеларија за јавно здравје на следниот линк: https://swissplf.admin.ch/formula.

Белгиската Влада воведува карантин за невакцинираните патници кои во Белгија ќе влегуваат од т.н. „црвените зони“, меѓу кои е и Северна Македонија. Оние кои не се целосно вакцинирани (две дози во соодветен временски интервал) или немаат сертификат за прележана болест, по пристигнувањето во Белгија од „црвената зона“, мора да поминат 10-дневен период на карантин. Карантинот може да се скрати ако резултатот од дополнителниот тестот на седмиот ден е негативен.

Кога влегувате во Австрија, мора да обезбедите еден од следните докази: доказ за вакцинација или доказ за прележан ковид-19, што преставува единствен начин да се избегне карантин (самоизолација) од 10 дена, што може да биде прекинат по 5 дена со нов негативен резултат на ПЦР тест.

Малолетниците до дванаесет години, исто така, мора да се изолираат и да се регистрираат при пристигнувањето, освен ако возрасниот што патува со нив не е ослободен од самоизолација; децата над 12 години мора да поседуваат доказ за вакцинација или доказ за прележан KОВИД-19. За примена вакцина со единечна доза, мора да покажете дека сте ја примиле вакцината пред повеќе од 21 ден, но не повеќе од 360 дена пред пристигнувањето.

ЕУ критикувана за малата поддршка на бегалците од Авганистан

Луѓе од Авганистан влегуваат во авион.

Европската унија да ја зајакне заштитата на Авганистанците кои се обидуваат да ја напуштат својата земја откако талибанците ја презедоа власта минатиот месец, повикаа групите за човекови права и бегалци.

„ЕУ треба да ја споделува, наместо да избегнува одговорноста и да им понуди заштита“, се вели во заедничката изјава на Амнести Интернешнл, Каритас Европа и 22 други организации, објавена денеска.

Во соопштението се повикаат земјите членки на ЕУ да ги прошират начините за помош на луѓето на кои им е потребна заштита, дополнително на тоа да се понуди и програма за преселба на авганистански бегалци.

Засега нема реакција од ЕУ, чија Агенција за азил (EASO) денеска објави дека пет месеци по ред се зголемуваат барањата на Авганистанците за азил. Во јули, пред да падне владата, имало 7300 барања за азил. Од нив речиси 1.200 биле малолетници без придружба, наведува Агенцијата за азил на ЕУ. Повеќе од половина од апликациите во јуни биле одбиени.

Десетици илјади Авганистанци ја напуштија земјата откако талибанците ја соборија владата во Кабул поддржана од Западот пред еден месец.

Илјадници други луѓе сакаат да ја напуштат земјата зафатена од војна и погодена од суша.

Во Европа, дел влади, се загрижени дека може да се повторат настаните од 2015, кога над 1 милион бегалци дојдоа во Европа од Сирија и од други земји зафатени од конфликти и тешкотии.

Организациите за човекови права во соопштението наведуваат дека жалат за таквата реторика на европските лидери.

Во Иран и во Пакистан во моментов се наоѓаат речиси 90 отсто од раселените Авганистанци. Има на два милиони регистрирани бегалци од Авганистан.

Пожарот на Јабланица ставен под контрола, нема опасност за куќите

Пожар, илустрација

Под контрола е ставен пожарот кој пред три дена избувна на планината Јабланица, во близина на селото Вишни, информира командирот на Територијалната противпожарна единица во Струга Фети Мазари.
Тој вели дека сега не терен има една екипа со противпожарно возило и тројца пожарникари, како и две екипи на шумското претпријатие „Јабланица“.

„Теренот е непристапен има многу гранки и екипите не можат да стигнат, сега е само под контрола. Далеку е од селото и нема опасност за зафаќање куќи“, појасни Мазари, посочувајќи дека вчера побарале помош од ЦУК за воздушно пристапување и гасење на пожарот.

Меат Куртиши командир на смена во ТППЕ Струга, посочи дека пожарот најверојатно е почнат од полето, зафатил сува трева и борова и дабова шума.

Тоде Малески од Центарот за управување со кризи од Струга истакна дека чекаат најнови информации за состојбата на терен за натамошно делување.

Десетици блиски на Путин се заразиле со ковид - 19

Путин преку видео врска се обрати на конференција со лидерите на земјите-членки на Организацијата за колективна безбедност

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ќе остане во самоизолација неколку дена, откако десетици членови од неговиот близок круг се потврдени дека се позитивни на ковид-19.

Тој денеска имаше видео обраќање на конференција со лидерите на земјите-членки на Организацијата за колективна безбедност, која се одржува во Душанбе. Путин им рече на присутните лидери дека сака да може да се ракува и да се прегрне со нив, како што било и претходно планирано, но дека морало да се самоизолира.

„Знаете, за жал, морав да го откажам патувањето во Душанбе во последен момент и ми е жал за тоа. Но, тоа е затоа што, како што знаете, коронавирусот не беше откриен само кај едно или две лица, туку кај неколку десетици луѓе во [мојот] најблизок круг. Така, сега морам да останам во самоизолација неколку дена“, рече Путин.

Не е познато кој од блиските контакти на Путин е позитивен на ковид-19, но портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера им рече на новинарите дека претседателот е „апсолутно здрав“ и е негативен на ковид.
Путин кој има 68 години пред неколку месеци примил вакцина Спутник Ве.

Во Организацијата за колективна безбедност членуваат Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Русија и Таџикистан.

Досега попишани над 700 илјади луѓе

Попис 2021

Државниот завод за статистика (ДЗС) информираше дека заклучно до 20 часот вчера попишани се вкупно 711.418 лица, 221.268 домаќинства и 297.085 станови.

Пописот на населението, домаќинствата и становите официјално започна на 5 септември, но имаше времени прекини поради технички предизвици, како што рекоа од ДЗС. Од Полицијата и од Заводот за статистика потоа рекоа дека системот за попишуваше бил цел и на хакерски напади, но дека тие биле одбиени.

Предвидено е пописот да трае до 30 септември.

Во земјава последен пат попис е спроведен пред 19 години.

Преговори со ЕУ, Отворен Балкан и Косово -приоритети на албанската надворешна политика

Албанскиот премиер Еди Рама

Приоритети на надворешната политика на новата албанска Влада ќе бидат да се одржи првата меѓувладина конференција за интеграција во ЕУ, да се зајакне Косово на меѓународна сцена и да се унапреди иницијативата „Отворен Балкан“, стои во програмата на новата албанска Влада.

Владата нагласува дека ќе се посветат на регионалната соработка „Отворен Балкан“ и пакетот за интерконекција и инвестиции на Берлинскиот процес. Албанија, Србија и Македонија се дел од проектот „Отворен Балкан“ за регионална соработка, кој стартуваше како „Мини Шенген“.

Новата албанска Влада исто така се обврзува дека ќе лобира за признавање на Косово од сите земји во светот и негово прифаќање како земја со права во ОН.

Во меѓувреме, се очекува на годишната тркалезна маса на владите на Косово и Албанија, Албанија да ги вклучи и албанските малцинства во целиот регион.

Ова е трета по ред влада раководена од Рама, откако неговата партија победи на изборите на 25 април годинава.

Радев ја претстави новата Влада, Јанев останува технички премиер на Бугарија

Новиот состав на бугарската Влада.

Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска ја претстави новата привремена влада на Бугарија. Во новата техничка влада остануваат најголем број од досегашните привремени министри, има промена само на три места. Преоден премиер останува Стефан Јанев. Остануваат и министрите за надворешни работи Светлан Стоев, министрите за внатрешни работи Бојко Рашков, министрите за одбрана Георги Панајотов, кои ги задржуваат своите места.

За првпат во новата политичка историја во Бугарија преодна влада ги презема своите функции од друг привремен кабинет, откако вториот последователен парламент во Бугарија не избра редовен Совет на министри и земјата. Нови избори во Бугарија се закажани за 14 ноември.

Од досегашната преодна влада си одат двајца од најпопуларните министри – за економија и финансии – Кирил Петков и Асен Василев. Се очекува тие да формираат своја партија, која ќе учествува на изборите на 14 ноември. На местото на Петков како министер за економија доаѓа Даниела Везиева. А нов министер за финансии ќе биде Валери Белчев.

Третото ново име е на министерот за транспорт Георги Тодоров.

Радев ја пофали првата техничка влада на Стефан Јанев, велејќи дека таа многу добро се справила со својата задача. Во овој период, според Радев, владата одржа фер избори и драстично го намали бројот на купените гласови.

За помалку од седум месеци, бугарските граѓани на 14 ноември ќе излезат на гласање за вторите предвремени и трети парламентарни избори оваа година, како и редовните претседателски избори.

Премиерот Заев не размислува за оставка

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не размислува да даде оставка. Неговиот коментар доаѓа по вчерашното барање да си поднесе оставка од претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села. Заев вели дека во изјавата на Села да си даде оставка од морална причина, гледа политикантство, желба за власт и за победа на изборите.

Заев денеска беше во посета на нова фабрика во Сарај.

Во однос на понудените оставки за пожарот во модуларната ковид болница во Тетово, премерот рече дека нема дополнителен коментар. Тој останува на ставот дека прво ќе ги причека форензичките извештаи.

Лидерот на Алијанса, Зијадин Села, вчера во гостување на ТВ 21 рече дека трагедијата во Тетово е доволна причина за оставка и на премиерот Заев.
Оставките досега понудија министерот и заменикот за здравство и директорите на тетовската болница.

Во пожар во модуларната ковид болница во Тетово на 8 септември загинаа 14 луѓе.

Во судовите во Грција дозволен влез само со документ за ковид-19

Волонтери на Црвен крст мерат температура на луѓе пред за влезат во Суд во Грција.

За да се влезе во судовите во Грција од денеска задолжително треба да се има сертификат за вакцинација, потврда за прележан ковид-19 или резултат од негативен тест. Правилото важи и за , службениците и адвокатите и за граѓаните, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за правда на Грција соопштуваат дека со почетокот од новата судска година, сите судови ќе работат регуларно, а за безбеден пристап неопходен е документ за ковид-19.

Исклучоци има за одредени итни случаи, кога наместо рапид или ПЦР тест, може да се покаже негативен резултат од селф тест.

Прописите важат за лица со наполнети 12 години, додека пак децата од четири до 11 години, може да влезат со потврда од негативен селф тест.

При влезот во судовите или службите, ќе се врши проверка на сертификатите, во печатена или електронска форма.

Грција во последните недели ги заостри мерките за невакцинираните луѓе. Тие не може да влезат во затворени угостителски објекти, спортски сали, објекти за култура и рекреација, музеи, археолошки локалитети. Задолжителна вакцинација има за медицинскиот персонал, а посебни правила ќе има и за невакцинираните вработени во државниот и приватниот сектор. Невакинираните ќе мора да прават брз тест доколку сакаат да патуваат низ Грција со јавен превоз.

САД, Британија и Австралија во нов пакт АУКУС - веднаш критики од Кина

Џо Бајден, Скот Морисон и Борис Џонсон

САД, Велика Британија и Австралија објавија ново безбедносно партнерство за Индо-Пацификот, што веднаш наиде на критики од Кина. Американскиот претседател Џо Бајден, британскиот премиер Борис Џонсон и австралискиот премиер Скот Морисон вчера го објавија новиот пакт, кој ќе се вика АУКУС.

Партнерството ќе овозможи поголемо споделување на одбранбените капацитети, вклучително и помош за опремување на Австралија со подморници на нуклеарен погон. Други области на соработка ќе бидат и вештачка интелигенција, сајбер и подводни одбранбени способности. Сите три земји нагласија дека Австралија ќе добие напредна нуклеарна технологија за придвижување подморници, а не за развој на програма за нуклеарно оружје.

При објавувањето на соопштението, ниту една од трите земји не спомена дека ја предизвикува Кина, но, новата безбедносна алијанса најверојатно ќе се гледа како провокативен потег во Пекинг, кој ги заостри односите со трите држави поради многу прашања, вклучувајќи ги човековите права, трговијата и статусот на Хонг Конг. Кинескиот воен притисок врз Тајван и распоредувањето во спорното Јужно Кинеско Море исто така беа причина за загриженост.

Амбасадата на Кина во Вашингтон соопшти дека земјите „не треба да градат исклучиви блокови насочени или повредувајќи ги интересите на трети страни“.

„Особено тие треба да го отфрлат менталитетот од Студената војна и идеолошките предрасуди“, се вели во соопштението.

Румен Радев ќе ја претстави новата техничка влада на Бугарија

Румен Радев

Претседателот на Бугарија Румен Радев денеска на специјална церемонија ќе ја претстави новата техничка влада, јави МИА од Софија. Актуелната техничка влада на Бугарија беше назначена од Радев на 12 мај, откако 45 -то народно собрание не успеа да избере редовна влада по парламентарните избори на 4 април.

За прв пат од падот на комунизмот во есента 1989 година и по воведувањето на повеќепартискиот систем во Бугарија, преодна влада ќе ја предаде власта на следната техничка влада.

Ова доаѓа откако 46-то национално собрание не успеа да избере редовна влада по изборите на 11 јули. За помалку од седум месеци, бугарските граѓани на 14 ноември ќе излезат на гласање за вторите предвремени и трети парламентарни избори оваа година, како и редовните претседателски избори.

Радев веќе изјави дека составот на новата преодна влада е јасен, а поранешниот привремен премиер Стефан Јанев најави дека ќе продолжи да биде премиер и во идната влада.

Претседателот Румен Радев е првиот претседател во поновата политичка историја на Бугарија што го започна и го заврши својот мандат со привремена влада.

Протести против ковид-мерките во Словенија, повредени полицајци

Синоќа во Љубљана протестираа противници на мерките за борба против коронавирусот, барајќи промена на мерките и оставка на Владата. Тие запалија факели и почнаа да ги фрлаат кон Собранието на Словенија, објавија словенечки медиуми.

За време на протестот повредени се неколку полицајци, а хеликоптери го надлетувале градот.

Пред протестот, организаторите повикале на мирен собир, но инцидентот се случил веднаш штом непознато лице фрлило шише кон еден од полицајците што го обезбедувале собирот. Собраните луѓе се приближиле и до влезот во зградата на Собранието, поради што полицијата го засилила своето присуство пред Националното собрание, јавија медиумите.

Како што е наведено, за да ја растера толпата која фрлала факели кон Парламентот, полицијата одговорила со солзавец и водени топови.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG