Достапни линкови

Анализа: Дали Талибанците ќе останат обединети?


Талибански борци ја преземаат контролата врз авганистанската претседателска палата во Кабул, 15 август 2021 година

Одлуките што сега ги донесуваат Талибанците за нова владина структура ќе одредат дали движењето останува обединето или ќе се распарчува во регионални талибански фракции. Рон Синовиц

Додека Талибанците го трансформираат својот воен команден синџир во управувачка структура во Авганистан, се тестираат сојузите и племенските конфигурации меѓу двете ривалски талибански фракции кои беа заедно во последниве години.

„Освојувањето земја е секогаш лесен дел. Тешко е да се владее со неа, во случајот со Авганистан“, вели историчарот Вилијам Далримпл, експерт за племенски ривалства на Паштуните.

ЕУ и 20 други земји ги повикуваат новите авганистански власти да ги почитуваат правата на жените

Експертот за Авганистан Тед Калахан вели дека одлуките што сега ги носат Талибанците за владејачка структура ќе одредат дали движењето останува обединето или ќе се распарчува во регионалните талибански фракции.

Калахан додава дека можното појавување на талибански феуди е прашање што тој и многу други експерти сега го разгледуваат. Далримпл забележува дека „расцепувањето“ е она што ѝ се случи на муџахединската влада во Авганистан по повлекувањето на Советскиот Сојуз од Авганистан во 1989 година.

„Регионалните воени лидери на муџахедините завршија во расправии едни со други и се бореа меѓусебно во Кабул во раните деведесетти години“, рече тој за РСЕ, додавајќи; „Може тоа да се случи и сега меѓу ривалските талибански фракции. Но, ова е прашање на кое никој не е во состојба да одговори во моментов.

„Една од работите што изненади многу западни набљудувачи е колку кохерентни и дисциплинирани беа Талибанците до сега“, вели Далримпл, наведувајќи: „Беше општо прифатена идеја дека Талибанците се разбиена сила и оти се распаднаа. Но, она што го видовме во последните два месеца ни покажа дека имаат извонредна дисциплина и добро организирана кампања со многу мала племенска дисонанца“.

Фракциски поделби

Фракциските поделби помеѓу талибанскиот раководен совет „Кета Шура“ и милитантните команданти подалеку на исток почнаа да се појавуваат по смртта на основачот на Талибанците Мула Мохамад Омар во 2013 година.

Резултатот беше далекусежно престројување меѓу талибанските фракции низ Авганистан и Пакистан-особено меѓу тврдокорните групи како мрежата Хакани кои сакаа да ги заострат борбите и поумерените талибански водачи кои бараа помирување со Кабул и Исламабад.

Сираџудин Хакани, шеф на мрежата Хакани
Сираџудин Хакани, шеф на мрежата Хакани

Знаците за раздорот беа очигледни во мај 2014 година кога водачот на мрежата Хакани, Сираџудин Хакани, им наредил на своите следбеници да не ги почитуваат наредбите на Кета Шура.

Во меѓувреме, најстариот син на мула Омар, мула Мохамад Јакуб, бараше поддршка од своите сојузници во Кета Шура за да ја исполни својата лична амбиција да стане следниот врховен водач на Талибанците.

Со оглед на тоа што Хакани се спротивстави на идејата за мула Јакуб како врховен водач, се чинеше дека Талибанците се пред распаѓање. Но, расколот беше решен, барем привремено, со компромиси во рамките на новиот талибански команден синџир.

Беа формирани три заменички лидерски места под врховниот лидер на Талибанците. Мула Јакуб стана заменик - водач задолжен за воени операции во 13 провинции означени како „западната зона“ на Талибанците. Тие го вклучуваат традиционалниот главен град на Талибанците, Кандахар.


Хакани беше именуван за заменик-водач кој ги надгледуваше воените операции во 21 провинција во „источната зона“ на Талибанците. Неговите борци сега го контролираат Кабул. И Мула Јакуб и Хакани, исто така, ги надгледуваа назначувањата на талибанската влада во сенка до локално и окружно ниво во рамките на нивните назначени територии.

Позицијата на третиот заменик-лидер беше креирана за коосновачот на Талибанците Абдул Гани Барадар, член на Кета Шура, кој беше ослободен од затвор во Пакистан на барање на Соединетите држави во 2018 година, пред да стане одговорен за политичките работи на Талибанците и нивната политичка канцеларија во Доха.

Но, многу аналитичари се сомневаат дека Барадар има големо влијание врз локалните команданти и борци на бојното поле во Авганистан - вистинскиот извор на моќта на талибанците.

Политиката на САД под оган за падот на Авганистан во рацете на Талибанците

И покрај намалувањето на тензиите што ги донесе ревидираниот синџир на команда на Талибанците, знаците за расцеп помеѓу мрежата Хакани и Кета Шура повторно се појавија откако преговарачкиот тим на Барадар потпиша мировен договор со САД во Доха во февруари 2020 година.

Антонио Ѓустоци, експерт за Талибанците од Кралскиот институт во Лондон, нападите врз Кабул во 2020 година ѝ ги припишува на мрежата Хакани, велејќи дека тие се изведуваат без да го одобри Кета Шура.

Племенски ривали

Далримпл вели дека оние кои сакаат да ја разберат промената на динамиката на Талибанците во следните недели и месеци, треба да ги разгледаат племенските конфигурации на Авганистан и вековните племенски ривалства на паштуните.

„Во текот на целата авганистанска историја, племенските верности се менуваа како парчиња во калеидоскоп и различни фракции правеа сојузи со различни фракции. Клучната работа што треба да се разбере е колку овие сојузи се засноваат врз племенските линии, вели Далримпл за РСЕ, додавајќи:

„Доколку не направите племенска пресметка, не можете да разберете што се случува во Авганистан. Сојузите и заклетвите за верност можат да се менуваат од месец во месец, од недела во недела. Но, основните поделби се прилично јасни“.

Далримпл заклучува дека клучното за она што ќе се случува понатаму со талибанското раководство, е вековното племенско ривалство на Паштуните меѓу клановите Дурани и Гилзаи.

„Описно кажано, објаснува Далримпл, кланот Дурани се „аристократи и земјопоседници“, додека Гилзаи се „номади, работници и обесправени“.

Барадар, како и многу клучни фигури во Кета Шура, е член на кланот Дурани - кои претежно живеат во јужните делови на Авганистан како провинциите Кандахар, Хелманд и Урузган.

Мула Јакуб е од племето Хотак, кое е огранок на кланот Гилзаи. Но, тој исто така е од јужен Авганистан и има силни врски со талибанците од Дурани. Неговите поддржувачи, вклучително и членови на кланот Дурани, тврдат дека тој треба да биде природниот наследник за врховен водач на Талибанците.

Борците под негова команда го контролираат регионот каде што беа создадени Талибанците, како и градовите Кандахар и Херат, провинцијата Хелманд, граничниот премин Спин Болдак кон Пакистан, целата авганистанска граница со Иран и границата со Туркменистан. Тие борци запленија софистицирана американска воена опрема од авганистанските владини сили кога го зазедоа аеродромот Кандахар и аеродромот Шинданд во провинцијата Херат.

Авганистанците во трка со времето на аеродромот во Кабул
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:39 0:00

Сираџудин Хакани е од племето Задран од кланот Гилзаи. Нивната база се наоѓа во југоисточните авганистански провинции како Хост и Пактија, како и племенскиот регион Северен Вазиристан во Пакистан. Хакани се смета за најмоќниот милитантен командант во Авганистан.

„Немаме избор“: илјадници Авганистанци бегаат пред талибанците

Како шеф на озлогласената мрежа Хакани, територијата што сега е под контрола на неговите борци ги вклучува Кабул и северниот град Мазар-и Шариф, покрај клучните гранични премини кон северозападен Пакистан, Узбекистан и Таџикистан.

Борците на Хакани, исто така, запленија значителни количини американско оружје од авганистанските безбедносни сили - вклучително и оклопни возила и авиони - кога го зазедоа аеродромот Баграм северно од Кабул и други воени места во северен Авганистан.

Лидерот на авганистанските талибанци Мавлеви Хибатулах Ахунџада
Лидерот на авганистанските талибанци Мавлеви Хибатулах Ахунџада

Санкциониран од Соединетите држави како меѓународен шверцер на дрога и официјално назначен како терористички лидер, Сираџудин Хакани се претпоставува дека има најсилни врски со терористичката мрежа Ал Каеда и со пакистанската агенција за разузнавање.

Безбедносниот аналитичар Калахан заклучува дека од сите талибански фракции, активностите на Хакани и неговите борци биле најповолни за интересите на пакистанската држава.

Нова владина структура

Талибанците допрва треба да ги објават своите пошироки планови за реструктуирање на улогата на управување, наспроти герилската војна. Но, некои детали почнаа да излегуваат на виделина.

Вахидулах Хашими, висок талибански претставник, запознаен со процесот на донесување одлуки, бара структура слична на таа во Авганистан од 1996 до 2001 година. Во тоа време, врховниот водач Мула Омар остана во сенка и секојдневното управување со земјата му го препушти на владејачкиот совет.

Хашими за Ројтерс изјави дека сегашниот врховен лидер Малави Хибатулах Ахунџада најверојатно ќе остане на чело на новиот владејачки совет – решавачкиот орган за верски, воени и политички прашања.

Но, тој сугерира една клучна разлика од талибанскиот режим на Мула Омар: Тој вели дека може да се создаде и нова функција, односно еден вид „претседател“.

Од тројцата актуелни заменици на талибанците, Хакани се чини дека е најактивен во обидот да се позиционира за главна извршна улога под Ахунџада. Откако неговите борци ги предводеа талибанците во Кабул на 15 август, тој го испрати својот вујко, Кахили-ур-Рехман Хакани, да побара верност од клучните авганистански политички фигури и племенски поглавари.

Тој, исто така, тврди дека добил ветување за верност од Ахмад Масуд, син на починатиот командант против талибанците, познат како „Лавот од Панџшир“, Ахмад Шах Масуд. Помошниците на Масуд потврдуваат дека „преговорите“ со Хакани се во тек. Но, тие инсистираат на тоа дека Масуд не ветил сојуз ниту со Хакани, ниту со Талибанците.

Масуд и други анти-талибански личности, вклучувајќи го и авганистанскиот потпретседател Амрула Салех, формираа анти-талибанско движење на отпорот со седиште во долината Панџшир северно од Кабул-еден од ретките делови на Авганистан што во моментов не е под контрола на Талибанците.

Тивко заминување на сојузниците и брзо напредување на талибанците во Авганистан

Во меѓувреме, талибански извори рекоа дека поранешниот затвореник во Гвантанамо, Мула Абдул Кајум Закир, е назначен за вршител на должноста министер за одбрана на Талибанците. Закир е роден во областа Кајаки во провинцијата Хелманд и е член на племето Ализаи, кое е дел од поголемиот клан Дурани.

Има известувања дека некои талибански личности, исто така, веќе се назначени на функции како на пример: гувернер на Кабул, шеф на разузнавањето, вршител на должноста министер за внатрешни работи и вршител на должноста министер за финансии.

Без оглед на тоа која владина структура е финализирана и кој и да е назначен за лидерските места на Талибанците, Хашими смета дека сигурно Авганистан нема да биде демократија.

„Воопшто нема да има демократски систем затоа што тоа нема база во нашата земја. Нема да разговараме за тоа каков политички систем треба да примениме во Авганистан, бидејќи е јасно. Тоа е шеријатскиот закон и тоа е тоа“, заклучува Хашими.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG