Вести
Обилните дождови предизвикаа поплави, евакуација на граѓани и тешкотии во сообраќајот
Центарот за управување со кризи информира дека обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјата во текот на последните два дена предизвикаа поплави, излевање на реки и потешкотии во сообраќајот поради одрони и свлечишта на дел од патиштата.
Најголеми проблеми се регистрирани во Тетовско-Гостиварскиот, Охридско-Кичевскиот и Битолско-Преспанскиот регион, каде службите за итно дејствување веќе интервенираат.
Во Кичево, околу 100 лица се евакуирани поради поплави на улицата „Прилепска“, каде се поплавени повеќе станбени објекти, а евакуираните се сместени во спортската сала „Христо Узунов“ со обезбедена храна, вода и основни потреби.
Во оваа општина дополнително се регистрирани излевања на Зајашка река во реонот над стадионот „Влазрими“ и новото училиште „Санде Штерјоски“, како и на реката Треска, со поплави на земјоделско земјиште во околните села. На терен интервенирале екипи на Црвениот крст, Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалниот центар за управување со кризи, Територијалната противпожарна единица, ЈП Комуналец и Општина Кичево.
Во тетовскиот и гостиварскиот регион, локалниот пат меѓу селата Форино и Тумчевиште е тешко прооден, забележано е излевање на Лакавичка река во селото Мало Турчане и на Сушечка река во Горна Бањица. Надлежните институции и службите за итно дејствување ја следат состојбата на терен.
Во Охрид се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации, а реката Далјан е излеана од коритото, при што се поплавени голем број куќи. Локалната самоуправа и Кризниот штаб постапуваат по пријавите, а службите за итно дејствување се организирани и се на терен.
Во Битолскиот и Преспанскиот регион, врнежите предизвикале зголемување на водостојот и излевање на повеќе водотеци, при што се поплавени голем број куќи и дворни места. За утврдување на приоритетите и координација на активностите, Кризниот штаб на Општина Битола закажал состанок во 9 часот.
Врнежите продолжуваат во дел од градовите во државата, а состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано од надлежните институции.
Нова дводневна блокада на грчките земјоделци на граничните премини „Богородица“ и „Меџитлија“
Од 10 часот по македонско време (11 часот по локално грчко време), грчките земјоделци ќе го затворат граничниот премин „Ники“ - односно „Меџитлија“ кон Северна Македонија.
Еден час подоцна, во 12 часот, ќе се блокира и преминот „Евзони“ - „Богородица“ од македонска страна (кај Гевгелија). Ова е дел од 48-часовната акција на блокади, во која ќе бидат блокирани целата национална патна мрежа, споредните патишта, клучните сообраќајни правци во Грција, како и граничните премини.
Блокадата со трактори на „Евзони“ започна на 1 декември, вчера се зајакна со возила од четири околни места. Според информациите на државната агенција МИА, земјоделците од 12 часот денеска ќе го блокираат сообраќајот за сите возила на премините кон Грција – траењето сè уште е непознато, бидејќи одлуките ги носат на лице место и во последен момент.
Слична е ситуацијата и на „Ники“, каде што блокадата ќе започне еден час порано и ќе се однесува на камиони, автомобили и автобуси.
Единствено на граничниот премин Дојран сообраќајот се одвива непречено, со оглед на тоа што таму не се поставени блокади.
Затворени ќе бидат и граничните премини кон Бугарија, како и Какавија кон Албанија.
Во другите делови на Грција, блокади се планирани на автопатот Солун-Атина, на автопатот Егнатија, на автопатиштата на Пелопонез, како и автопатот во западна Грција.
Со блокадите на различни локации, Грција во следните 48 часа ќе биде поделена на два дела, со оглед на тоа што невозможно е да се стигне од Солун до Атина поради затворањето, не само на автопатиштата, туку и на споредните патишта.
Одлуката за 48-часовната блокада беше донесена на масовниот состанок одржан во неделата во Малгара во близина на Солун, кога претставниците на земјоделците одлучија радикализација на активностите, веднаш по празникот Водици што во Грција е на 6 јануари.
Од друга страна, грчката Влада вчера детално ги објасни мерките за поддршка на земјоделците. Вицепремиерот Костис Хаѕидакис уште еднаш посочи дека од 27 барања на земјоделците, 16 се исполнети или се третираат позитивно, четири се разгледуваат, додека пак седум се или вон буџетската или вон европската рамка и повтори дека секогаш се отворени за дијалог со земјоделците.
Дел од мерките предвидуваат намалување на цената на струјата на 8,5 центи за киловатчас до 2028 година, поврат на посебниот данок на потрошувачка на нафта, 100 отсто покриеност на обесштетувањето при елементарни непогоди, специјален баркод за потеклото на производите.
Со оглед на тоа што станува збор за познати мерки, земјоделците изразија незадоволство од она што вчера го соопшти Владата и одлучија да продолжат со планираната 48-часовна блокада.
Според грчките медиуми, доколку земјоделците не ги запрат протестите и блокадите, Владата е подготвена да го спроведе „Планот Б“, што предвидува административни казни за оние кои продолжуваат со затворање на патиштата.
Протестите на земјоделците траат веќе 40 дена, со оглед на тоа што започнаа на 30 ноември.
Агент на имиграционата служба на САД уби жена во Минеаполис
Агент на американската Служба за имиграција и царина (ИЦЕ) уби 37-годишна жена во Минеаполис, предизвикувајќи масовни демонстрации во американскиот град, објавија американските медиуми.
Федералните власти тврдат дека жената се обидела да ги прегази агентите со автомобил додека тие приведувале нелегални имигранти, но градоначалникот на Минеаполис го оспорува ова и бара ИЦЕ да го напушти градот, објавуваат седум светски агенции.
Асошиетед прес известува дека голема толпа се собрала на местото на смртта на жената и дека локалните и федералните службеници биле гаѓани со разни предмети.
Би-Би-Си известува дека Министерството за внатрешна безбедност соопштило дека жената, Рене Никол Гуд (37), била демонстрантка која се обидела да ги прегази агентите со автомобил.
„Агентот неодговорно употребил сила, што резултирало со смрт на едно лице“, изјавил градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј.
Портпаролката на Министерството за внатрешна безбедност, Триша Меклафлин, изјави дека пукањето се случило во станбена област во Минеаполис и дека го започнал агент на Службата.
Министерството претходно соопшти дека започнало операција со 2.000 лица во Минеаполис и соседниот Сент Пол, насочена и кон сомалиските имигранти осомничени за масовна измама со фондови за социјална помош. Министерството подоцна соопшти дека извршило стотици апсења.
Снимките објавени на социјалните медиуми наводно го покажуваат моментот на пукањето, кое се случило околу 10:25 часот по локално време во среда, 6 јануари.
Според Би-Би-Си, на снимката се гледа возило како ја блокира улицата додека група демонстранти стојат на тротоарот со полициски автомобили во близина. Агентите се приближуваат до возилото, му наредуваат на возачот да излезе, едниот ја повлекува рачката на вратата, додека другиот стои пред автомобилот. Не е јасно дали возилото го удрил, но може да се види како агентот отвора оган додека возилото се обидува да се движи. Се слушаат три истрели, а возилото ја губи контролата и удира во паркиран автомобил, објавува Би-Би-Си.
На социјалната мрежа Truth, американскиот претседател Доналд Трамп напиша дека агентот на Службата бил „брутално прегазен и чудо е што е жив“, додавајќи дека се опоравува во болница.
Шефот на полицијата во Минеаполис, Брајан О’Хара, рече дека возачот ја блокирал улицата на Портланд Авенија и дека кога федерален агент ѝ се приближил, таа почнала да си оди.
Министерката за внатрешна безбедност, Кристи Ноем, рече дека жената „ги следела и ги попречувала агентите во текот на целиот ден и се обидела да го искористи возилото како оружје во чин на домашен тероризам“.
Агентот, рече таа, пукал во самоодбрана и бил повреден во тој процес.
Сепак, Градскиот совет на Минеаполис тврди дека Гуд „се грижела за своите соседи кога била убиена“.
„Агентите на Службата прават хаос во нашиот град и оваа агенција мора веднаш да го напушти градот и државата Минесота“, рече градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј.
Министерството за внатрешна безбедност на САД соопшти дека насилните демонстранти користеле возило управувано од жена како оружје за да ги прегазат агентите, објави Си-Ен-Ен.
„Полицаецот на Службата за имиграција и царина, плашејќи се за својот живот и животите на неговите колеги и јавната безбедност, пукал во самоодбрана“, се вели во соопштението на одделот.
Гувернерот на Минесота, Тим Волц, рече: „Не верувајте во пропагандата“ и вети брза и непристрасна истрага.
Градоначалникот на Минеаполис, Фреј, ги отфрли тврдењата за самоодбрана на прес-конференција.
„Го видов снимките. Агентите на ИЦЕ во овој случај буквално убиваат луѓе и се обидуваат да го претстават како чин на самоодбрана. Тука, агентот употребил неодговорна сила што резултирала со убиство на некого“, рече Џејкоб Фреј.
ФБИ објави истрага за инцидентот, додека Службата за имиграција и царина продолжува со операциите во градот.
Убиството на жена во Минеаполис е драматична ескалација во масовното ограничување на мигрантите под администрацијата на Трамп.
На демонстрациите во Минеаполис им претходеа слични протести во Лос Анџелес и Чикаго.
Асошиетед прес истакнува дека инцидентот се случил во сиромашен дел од Минеаполис, недалеку од местото каде што полицијата го уби Џорџ Флојд, Афроамериканец осомничен за користење фалсификувана банкнота од 20 долари во продавница, во 2020 година, кога група полицајци го совладаа и се обидоа да го уапсат. Убиството предизвика еден од најголемите протести за расна правда во Соединетите Американски Држави.
Полицискиот службеник Дерек Шовин клекнал на вратот на Флојд повеќе од девет минути додека Флојд бил врзан со лисици и прикован на тротоарот. И покрај тоа што Флојд рекол „Не можам да дишам!“ 27 пати, Шовин продолжил да врши притисок дури и откако Флојд повеќе немал пулс.
Сите четворица полицајци вклучени во убиството беа отпуштени и осудени, Шовин на 22,5 години во затвор во Минесота и 21 година во федерален затвор, обете казни требаше да се издржат истовремено.
Другите тројца полицајци беа осудени на повеќе од шест години затвор секој. Градот Минеаполис му исплати на семејството на Флојд 27 милиони долари отштета во 2021 година.
Местото на убиството, раскрсница наречена „Плоштад Џорџ Флојд“, е место каде што има подигнат споменик на тупаницата и чести протести.
Поплавени домови во Охридско и Кичевско, одрони и свлечишта по силниот дожд
По обилните дождови во делови од земјата се пријавени поплави и одрони на патиштата.
Поплави се пријавени во Кичево, каде се евакуираат жители од повеќе станбени објекти на улицата „Прилепска“ и во Охрид, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Во тек е евакуација на жители, а на терен се екипи на Општина Кичево, ДЗС, Црвен крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби“, велат од ЦУК.
Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации. За состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои, како што велат, постапуваат по пристигнатите пријави.
Во Битола обилните врнежи од дожд кои предизвикаа поплавување на улици низ градот битолската „Нискоградба“ и другите јавни претпријатија започнаа акција за санирање на состојбата.
Дополнително пријавени се одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, при што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања и на патниот правец с. Татеши – с. Мислодежда - Струшко.
„Се апелира до граѓаните да не патуваат по делницата Тетово- Бањиче додека не се стабилизира состојбата. Општинските екипи се на терен и ја следат ситуацијата“, наведуваат од ЦУК.
По пријави преку бројот за итни случаи 112, евидентирани се излевања на реката Вардар во с. Балин Дол, Лукавичка Река во с. Мало Турчане и Сушичка Река во с. Горно Бањице. Поплавено е земјоделско земјиште и дел од дворови.
Поради зголемен водостој од поројните дождови ХЕЦ Маврово презема мерки за намалување на производството на електрична енергија.
Во Општина Боговиње поради излевање на вода надвор од постоечки канали, поплавено е обработливо земјиште.
Покрај преспанското селото Сирхан, е саниран одрон, додека во с. Дрмени поплавени се два двора, известуваат од ЦУК.
Врнежите продолжуваат, а состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано од надлежните институции.
ЕУ подели 40 илјади билети за бесплатно патување со воз низ Европа
Европската комисија подели околу 40.000 билети за бесплатно патување со воз низ Европа на млади луѓе кои лани наполнија 18 години. Според соопштението, поводот за делењето на бесплатни билети за патување со воз е одбележување на 40-годишнината од постоењето на Шенген зоната.
Добитниците на билетите можат со нив да патуваат низ Европа во временска рамка од 30 дена. Можниот период на патување се протега од март 2026 до мај 2027 година.
Покрај тоа, постои картичка за попуст за користење на друг јавен превоз, како и културни, сместувачки и други понуди во 36 европски земји.
Програмата започна во 2018 година и доделува илјадници билети на млади луѓе двапати годишно.
САД заплени руски танкер по долга потера
Американските поморски сили запленија руски танкер кој пловел низ Северниот Атлантик, што претставува најнов потег на Вашингтон против бродови поврзани со нелегална трговија со венецуелска нафта.
Командата на американските сили во Европа соопшти на 7 јануари на социјалните мрежи дека танкерот Маринера (Marinera), претходно именуван како Бела 1 ( Bella 1), бил запленет во Северниот Атлантик, меѓу Исланд и Обединетото Кралство.
„Бродот беше запленет во Северниот Атлантик врз основа на налог издаден од американски федерален суд“, се наведува во соопштението.
Претходно, руските медиуми прикажаа американски хеликоптер како лебди над танкерот, додека повеќе медиуми, повикувајќи се на извори, известуваа дека се спроведува операција што го вклучува овој брод.
Овој потег следи само неколку дена по изведувањето на напад на Венецуела од американските сили и приведувањето на нејзиниот лидер, Николас Мадуро.
Американските сили веќе запленија два брода во рамки на кампањата против Венецуела во последните недели: Скипер (Skipper) на 10 декември и Сентурис (Centuries) на 20 декември.
Американскиот претседател Доналд Трамп тогаш изјави дека наредува „блокада“ на танкерите под санкции кои влегуваат и излегуваат од Венецуела.
Танкерот „Бела 1“ отплови од Иран кон Венецуела, наводно за да наполни нафта од земјата која е под американски санкции. Во декември, Американската крајбрежна стража се обиде да се качи на бродот додека се приближуваше кон венецуелските води.
Обидот беше спречен, а бродот брзо отплови кон Атлантикот и беше преименуван во „Маринера“. Беше додаден во официјалниот руски бродски регистар, а членовите на екипажот на него поставија руско знаме.
Москва од тогаш поднесе официјален дипломатски протест, барајќи од Вашингтон да ја прекине потрагата по бродот, кој е под американски санкции од јули 2024 година.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека бродот делувал „целосно во согласност со нормите на меѓународното поморско право“.
Белата куќа и Министерството за надворешни работи на САД не одговорија веднаш на барањето за коментар од Радио Слободна Европа.
Американските официјални лица исто така, обвинија, дека бродот бил вклучен во нелегален транспорт за компанија во сопственост на Хезболах, група со седиште во Либан која САД ја сметаат за терористичка организација.
Активисти во Иран повикуваат на внатрешни промени, а не на странска интервенција
Она што првично започна како протести поради економско незадоволство прерасна во најголемата закана за иранските верски владетели во последниве неколку години. Истакнати активисти во земјата, кои зборуваа за Радио Фарда, сервис на Радио Слободна Европа, велат дека националните демонстрации укажуваат дека многу Иранци сакаат да замине верскиот естаблишмент.
Но, тие додаваат дека промената мора да дојде одвнатре, а не како резултат на странска интервенција. Соединетите Американски Држави се заканија со воена интервенција доколку властите продолжат со бруталната пресметка со демонстрантите.
„Она што го гледаме е знак дека луѓето достигнаа заедничко разбирање“, изјави Мехди Махмудијан, политички активист и бранител на човекови права со седиште во Техеран.
„Ова повеќе не се само наставници или една општествена група што протестира. Овојпат, безгласните формираа сојуз“, додаде тој.
Според Махмудијан, демонстрантите повеќе не повикуваат на реформи на политичкиот систем доминиран од свештенството, туку бараат темелни промени.
„Она што сега треба да се промени е самата Исламска Република, и тоа мора да се случи од темел“, рече тој.
Тековните демонстрации се најголеми во Иран од движењето „Жени, живот, слобода“ во 2022 година. Властите ги задушија тие протести, при што беа убиени стотици демонстранти.
И на најновиот бран протести властите одговорија со брутална сила, убивајќи десетици демонстранти и апсејќи повеќе од 1.000 лица.
Тоа, според активистите, ја покажува неподготвеноста на властите да ги слушнат и да ги адресираат легитимните незадоволства на населението.
Економскиот колапс, поттикнат од вртоглава инфлација и слободен пад на националната валута, нашироко се наведува како клучен поттик за протестите.
Верската научничка и активистка за човекови права Седигех Васмаги изјави дека влошените услови за живот турнале големи делови од општеството преку точката на издржливост.
„Економската и егзистенцијалната состојба на луѓето денес е похаотична од кога било“, изјави Васмаги за Радио Фарда.
Таа рече дека властите се наоѓаат во значително послаба позиција отколку за време на претходните бранови немири, наведувајќи ја продлабочената економска криза во земјата, поттикната од разорните американски санкции, како и од лошото владеење и корупцијата.
Васмаги предупреди дека проширувањето на репресијата од страна на државата може дополнително да ја радикализира ситуацијата.
„Ако државата истрае, ова неизбежно ќе прерасне во конфронтација“, рече таа.
„Луѓето, со сила, ќе го соборат режимот“, додаде таа.
Без воена интервенција, но поддршката е добредојдена
И покрај сè поостриот тон, активистите категорично нагласуваат дека не сакаат странско воено вклучување во Иран. Махмудијан направи јасна разлика меѓу меѓународна поддршка и интервенција.
„Поддршката и мешањето не се исто“, рече тој.
„Меѓународните институции можат и треба да понудат поддршка во рамките на меѓународното право, но секој воен напад или странска воена интервенција е недвосмислено осудена“, смета Махмудијан.
Васмаги го повтори тој став, нагласувајќи дека надворешната воена акција би го поткопала легитимитетот на протестите.
„Лично се противам на странска воена интервенција. Меѓународната заедница треба да ги поддржи мирните протести, но не смее да има интервенција“, рече таа.
Активистката за човекови права Мотахарех Гоунеи укажа на невидената инфлација во последните месеци како дополнителен доказ дека јавноста сака промени.
„Луѓето повеќе немаат никакви очекувања од Исламската Република. Јасно порачуваат: не го сакаме овој систем“, изјави таа за Радио Фарда.
Гоунеи опиша сцени од протестите во изминатите денови, во кои толпи директно се движеле кон безбедносните сили, што укажува дека населението повеќе нема чувство дека има што да изгуби.
„Сакаме оваа порака да стигне до светот“, рече Гоунеи.
„Не го сакаме овој политички естаблишмент,“ додаде тој.
Смртоносни судири во сириски Алепо меѓу владините и курдските сили
Жестоки борби повторно избија во северниот сириски град Алепо меѓу владините сили и курдските борци, втор ден по ред во средата, принудувајќи илјадници цивили да избегаат и оставајќи најмалку четири лица загинати.
Насилството, како и меѓусебните обвинувања околу тоа кој го започнал, укажуваат дека застојот меѓу Дамаск и курдските власти, кои се спротивставуваат на интеграцијата во централната власт, се продлабочува и станува сè посмртоносен.
Судирите започнаа во вторникот, кога најмалку шест лица беа убиени, меѓу кои две жени и едно дете, во размена на артилериски оган меѓу сириските владини трупи и Курдските сириски демократски сили (СДФ).
По релативен мир во текот на ноќта, гранатирањето продолжи во средата и се интензивираше во попладневните часови, изјавија новинарите на Ројтерс од градот. Дирекцијата за здравство во Алепо соопшти дека уште четири лица се убиени, а 18 се ранети.
Владата отвори хуманитарни коридори за цивилите да избегаат од жариштата на судирите, превезувајќи ги со градски автобуси. Извор од владината служба за цивилна заштита изјави дека се проценува оти околу 10.000 луѓе избегале.
„Ги пренесуваме безбедно до местата каде што сакаат да одат, според нивната желба или во прифатни центри за раселени лица“, изјави Фајсал Мохамад Али, шеф на операциите на цивилната заштита во Алепо.
Последните борби го нарушија секојдневниот живот во еден од водечките сириски градови, затворајќи го аеродромот и автопатот кон Турција, запирајќи ја работата на фабриките во индустриската зона и парализирајќи ги главните патишта кон центарот на градот.
Владата во Дамаск соопшти дека нејзините сили одговараат на ракетен оган, напади со дронови и гранатирање од населбите под контрола на СДФ, но курдските сили изјавија дека го сметаат Дамаск „целосно и директно одговорен за … опасната ескалација што ги загрозува животите на илјадници цивили и ја поткопува стабилноста во градот“.
За време на 14-годишната граѓанска војна во Сирија, курдските власти воспоставија полуавтономна зона во североисточна Сирија, како и во делови од градот Алепо.
Тие беа воздржани да се откажат од тие зони и целосно да се интегрираат во исламистичката влада што дојде на власт по соборувањето на поранешниот претседател Башар ал-Асад кон крајот на 2024 година.
Минатата година, владата во Дамаск постигна договор со СДФ кој предвидуваше целосна интеграција до крајот на 2025 година, но двете страни постигнаа мал напредок, меѓусебно обвинувајќи се за одолговлекување или постапување со лоша намера.
Неуспехот да се интегрира СДФ во сириската армија носи ризик од понатамошно насилство и потенцијално може да ја вовлече Турција, која се закани со упад против курдските борци што ги смета за терористи.
Зеленски очекува средба со Трамп
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека се надева дека наскоро ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, евентуално во Вашингтон.
Во меѓувреме во Париз продолжуваат разговорите за рамка за ставање крај на речиси четиригодишната војна во Украина.
Зеленски, кој бара цврсти повоени безбедносни гаранции од САД и европските земји за да ја одврати Русија од повторен напад, им рече на новинарите дека сè уште не добил јасен одговор од партнерите на Украина за тоа каков би бил нивниот одговор на таков напад.
Покрај Зеленски, на разговорите одржани на 6 јануари во Париз учествуваа и главните преговарачи на американскиот претседател Доналд Трамп — Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
„Потврдивме дека обезбедувањето на суверенитетот и трајната безбедност на Украина мора да биде составен дел од мировниот договор и дека секое решение мора да биде поткрепено со силни безбедносни гаранции за Украина“, се наведува во соопштението објавено по состанокот.
„И Коалицијата на партнери и Соединетите Американски Држави ќе имаат клучна и тесно координирана улога во обезбедувањето на овие безбедносни гаранции“, се додава во соопштението.
Состанокот се одржа во услови на засилена дипломатска активност со цел финализирање на мировен предлог за ставање крај на најголемиот и најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна наваму.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете