Достапни линкови

Столтенберг: Најдобар начин да му се оддаде почит на Навални е да се спречи Путин да победи во Украина


Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во интервју за РСЕ, 20 февруари 2024
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во интервју за РСЕ, 20 февруари 2024

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека најдобриот начин да му се оддаде почит на починатиот руски опозициски лидер Алексеј Навални е да се спречи рускиот претседател Владимир Путин да победи на бојното поле во Украина.

Во интервју за украинскиот сервис на Радио Слободна Европа, Столтенберг рече дека очекува Соединетите Држави да останат верен сојузник во НАТО и покрај можноста поранешниот претседател Доналд Трамп да се врати во Белата куќа. Неодамна Трамп рече дека ќе ја охрабри Русија да ги нападне сојузниците во НАТО доколку не платат доволно за сопствената одбрана.

Столентберг рече дека руските воени успеси во Украина во последните месеци и смртта на Навални „покажуваат дека има итна потреба да се поддржи Украина, делумно за да се осигура дека Русија нема да има дополнителни придобивки, но и дека Украина е во состојба да ослободи повеќе територии“.

„И јас цврсто верувам дека најдобриот начин да му се оддаде почит на Алексеј Навални е да се осигураме дека претседателот Владимир Путин нема да победи на бојното поле, туку Украина да победи“, рече генералниот секретар на НАТО.

Тој рече дека е добра вест што во последните денови има најави за нова помош за Украина. Тука се Шведска со над 600 милиони долари дополнителна поддршка и Канада со над 800 напредни дронови.

„И ова се надоврзува на најавата на Франција и Германија минатата недела, што претставува милијарди долари дополнителна поддршка“, рече Столтенберг, додавајќи дека најавата на Јапонија за дополнителна помош за деминирање од над 100 милиони долари е „многу добредојдена“.

„Се разбира, ние сме фокусирани на Соединетите Држави, но гледаме и како другите сојузници навистина се засилуваат и даваат значителна поддршка за Украина“, рече Столтенберг.

Во врска со можноста за враќање на Трамп во Белата куќа, Столтенберг рече дека САД „се цврст и посветен сојузник на НАТО од основањето на Алијансата во 1949 година“ и дека и републиканската и демократската администрација секогаш го поддржувале НАТО.

„И очекувам дека, без оглед на исходот од американските избори оваа година, САД ќе останат верен сојузник на НАТО бидејќи тоа е во безбедносни интереси на САД. САД се побезбедни и посилни со повеќе од 30 сојузници. Тоа е нешто што Кина и Русија воопшто го немаат. Тоа е голема предност за САД“, рече Столтенберг.

Генералниот секретар на Западната воена алијанса рече дека критиките од САД не се насочени главно против НАТО, туку против сојузниците од НАТО кои не трошат доволно за воениот сојуз.

„И добрата вест е што пред само неколку дена објавивме нови бројки кои покажуваат дека сè повеќе сојузници ја исполнуваат целта на НАТО да трошат два проценти од БДП за одбрана“, рече Столтенберг во интервјуто.

На прашањето кога Украина ќе може да користи борбени авиони Ф-16, Столтенберг рече дека не може да се каже.

Тој повтори дека сите сојузници на Украина сакаат авионите да бидат во Украина што е можно поскоро, но рече дека ефектот на Ф-16 ќе биде посилен доколку пилотите се добро обучени, а екипите за одржување и другиот персонал за поддршка се добро подготвени.

„Значи, мислам дека треба да ги слушаме воените експерти кога точно ќе бидеме подготвени или кога сојузниците ќе бидат подготвени да започнат со испраќање и испорака на Ф-16“, рече првиот човек на Алијансата, додавајќи:

„Колку побрзо, толку подобро."

Украина бара борбени авиони Ф-16 од американско производство за да се спротивстави на руската воздушна супериорност.

Во август, САД одобрија испраќање Ф-16 во Украина од Данска и Холандија веднаш штом ќе заврши обуката за пилоти.

„Секој сојузник ќе одлучи дали ќе испорача Ф-16 на Украина, а сојузниците имаат различна политика“, додава Столтенберг.

Војната во Украина е војна на агресија и, според Столтенберг, Украина има право на самоодбрана, вклучително и напади врз легитимни руски воени цели надвор од Украина.

XS
SM
MD
LG