Достапни линкови

Путин порача: Војната во Украина ќе продолжи, целите остануваат исти


Рускиот претседател Владимир Путин зборува на годишна прес-конференција во Москва што се емитува на телевизија во живо
Рускиот претседател Владимир Путин зборува на годишна прес-конференција во Москва што се емитува на телевизија во живо

Основните цели на Русија остануваат „денацификација“ и „демилитаризација“ на Украина, истовремено обезбедувајќи ја нејзината неутралност, порача рускиот претседател на годишната прес-конференција. Тој повеќе од 4 часа одговараше на прашања за теми од војната на Русија против Украина, за Американците во притвор до цената на јајцата.

Рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на попуштање во војната против Украина. Тој на годишната прес-конференција порача дека неговите цели остануваа исти и дека мирот ќе дојде само кога тие цели ќе се постигнат.

Путин повеќе од четири часа одговараше на прашањата од новинари, јавноста, војници, па дури и на верзија на себе генерирана од вештачка интелегенција. А имаше прашања за широк спектар на теми, од војната на Русија против Украина, за Американците во притвор до цената на јајцата.

Путин, кој минатата недела објави дека ќе се кандидира за петти претседателски мандат на изборите во март, рече дека основните цели на Русија остануваат „денацификација“ и „демилитаризација“ на Украина, истовремено обезбедувајќи ја нејзината неутралност.

„Ќе има мир кога ќе ги постигнеме нашите цели“, рече 71-годишниот руски лидер за војната, за која Владата донесе закон дека мора да се нарекува „специјална воена операција“.

„Што се однесува до демилитаризацијата, ако тие (Украинците) не сакаат да се договорат - добро, тогаш сме принудени да преземеме други мерки, вклучително и воени. Или ќе се договориме, ќе договориме одредени параметри (за големината и силата на војската на Украина) или тоа ќе го решаваме со сила. Ова е она кон што ќе се стремиме“, рече Путин.

Од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година, Путин рече дека целта на операцијата е „демилитаризација и денацификација“ на Украина, термини што претставниците на Кремљ ги користеа за лажно да тврдат дека владата во Киев е контролирана од нацистички симпатизери, иако украинскиот претседател Володимир Зеленски е Евреин и изгубил роднини во Холокаустот.

Путин на осми декември на церемонија во Кремљ, на војниците кои се бореле во војната во Украина им ја додели највисоката воена почест на Русија, Златната ѕвезда „Херој на Русија“.

Русија, Владивосток - Морнарите гледаат пренос од годишната прес-конференција на рускиот претседател Владимир Путин
Русија, Владивосток - Морнарите гледаат пренос од годишната прес-конференција на рускиот претседател Владимир Путин

Руските избори се строго контролирани од Кремљ и не се ниту слободни ниту фер, но владата ги смета за неопходни за да се пренесе чувство на легитимност. Тие се „уништени“ со исклучување на опозициските кандидати, заплашување гласачи, полнење гласачки ливчиња и други средства за манипулација.

Путин доби право да учествува на следните два претседателски избори во Русија, откако во 2020 година изврши уставни промени што му го отворија патот да остане на функцијата до 2036 година.

Тој е премиер или претседател од 1999 година, а со секој нов мандат ги урива демократските норми и слободи. Ако отслужи уште еден целосен мандат, тој ќе го надмине скоро 30-годишното владеење на Сталин и ќе стане најдолгиот руски лидер кој владеел од Катерина Велика (1762-1796).

Додека Путин се приближува кон нов шестгодишен мандат во услови на разорна војна, тој веројатно нема да се соочи со каков било предизвик во трката со неговите двајца главни ривали Алексеј Навални и Владимир Кара-Мурза и двајцата во затвор на издржување долги казни и поради несогласувања со владините политики.

Инвазијата на Украина, која сега е во својот 22-ри месец, беше катастрофа за Русија, одземајќи ги животите на десетици илјади војници. Таа меѓудругото ја наруши економијата на нацијата и ги уништи односите со Западот. Путин ги забрани критиките за војната и вооружените сили за да ја уништат опозицијата.

Путин на годишната прес конференција на 14 декември, која порано траеше и по неколку часа, рече дека во моментов не е потребен дополнителен бран на воена мобилизација, бидејќи „протокот на луѓе подготвени да ја бранат нашата татковина со оружје во рака не се намалува“.

Околу 300 000 Руси беа мобилизирани во војската минатата година.
Руските државни медиуми објавија дека повеќе од 2 милиони прашања биле поднесени од обичните граѓани за прес-конференцијата, на која учествуваа и западни новинари, што е првпат по инвазијата во Украина Путин да се соочи лице в лице со меѓународните новинари кои поставуваат прашања.

Ниту едно од прашањата не го предизвика Путин како прашањата за бројот на загинати во војната, неговото брутално задушување на неистомислениците и опозиционерите како Навални, или како би изгледал уште еден мандат на Путин.


И покрај опаѓањето на односите со Соединетите Држави, Путин одговори на прашање од новинарот на Њујорк Тајмс за разговорите со Вашингтон за судбината на двајца Американци, новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович и поранешниот американски маринец Пол Вилан, кои моментално се во руски притвор.

Путин праша дали Гершкович е „Австралиец“ пред да рече дека има дијалог меѓу двете страни за размена на затвореници, но ситуацијата е „комплицирана“ и одлуката „мора да биде таква што взаемно ќе ги задоволи сите страни“.

Алсу Курмашева, новинарка на РСЕ која во моментот е во притвор во Русија
Алсу Курмашева, новинарка на РСЕ која во моментот е во притвор во Русија


Тој не спомна ниту еден друг Американец кој во моментов е притворен од Русија, меѓу нив и новинарката на Радио Слободна Европа Алсу Курмашева.

Што се однесува до економијата, која е поттикната од државните трошоци за воено-индустрискиот комплекс, Путин го зголеми растот за кој рече дека годинава ќе достигне 3,5 проценти и покрај невидените меѓународни санкции од Западот и неговите сојузници поради инвазијата во Украина.

Во една област на економска загриженост, инфлацијата, Путин дури и понуди ретко извинување, велејќи дека владата не успеала да ги контролира цените, особено за јајцата. Тој потоа вети дека „ситуацијата ќе се поправи во блиска иднина“.

При крајот на настанот Путин се соочи со прашање од негова верзија генерирана од вештачка интелигенција, прашувајќи за заканата што вештачката интелигенција ја претставува за земјата.

Путин не одговори директно на прашањето, туку ги осветли постојаните гласини дека користи двојници како безбедносна мерка.

„Ова е мојот прв телесен двојник, инаку“, рече тој и додаде „само една личност треба да личи на мене и да зборува со мојот глас. А таа личност ќе бидам јас“.

XS
SM
MD
LG