Достапни линкови

Конкурсот на Министерството за култура како Список на срамот


Илустрација
Илустрација

Нецели 24 часа по „ноќното“ објавувањето на резултатите од Конкурсот за проекти од национален интерес на Министерството за култура за 2019 – кулминира незадоволството во јавноста. Без денар оставени „Скопје џез фестивал“, Оф-фест, Златно славејче“...

Се снаоѓа некој во оваа каша-попара од резултати и табели? Има ли некој заеднички содржател? Успевате ли да ја доловите стратегијата на Министерството? Или некои делови/табели недостасуваат? Што сакаат да постигнат? Да нè поделат етнички? Вредносни критериуми гледам нема, па ни финансиски. Кому-колку? Ќе напишат комисиите/комисијата, врз основа на кои критериуми оценувале и делеле средства? Гледам дека доминантна е класичната музика, детските фестивали, гостувања на странски диџеи... Тука е фокусот за музичката култура за 2019-та? Македонската урбана сцена повторно е понижена/погребана колку што гледам.

Ова ќе го запише во својата реакција на социјалните мрежи Тошо Филиповски, авторот на Македонска рок енциклопедија, кој и минатата година беше меѓу најгласните по објавувањето на резултатите од Конкурсот за проекти од национален интерес на Министерството за култура.

Тошо Ивановски од Битола, човекот кој меѓу другите проекти го потпишува „Локумфест“, во својот пост пишува: Денес ми е рoденден. Министерство зa културa реши да ми гo честитa преку нaциoнaлниoт кoнкурс. Вo пренoснa смислa честиткaтa вели „Дрaг Тoше, ти си вреден дечкo, искусен професионалец, прoгрaмaтa ти е супер, фестивaлoт ти е зa мерaк. Знaеме декa вaквa прoгрaмa бaрa месеци труд, те oхрaбрувaме дa прoдoлжиш вo некoјa другa земјa!“

Композиторката Дарија Андовска, пак, забележува: „Годишна програма за нечиј интерес и генерален неинтерес за културата. За проекти од национален интерес - не е. Националистички - можда“.

Калина Бунтевска Исаковска, од „Блесок“, од своја страна со забелешка:

„Сто пати избришав па пак пишав и навистина не знам што да пишам! Знам само едно да пишам - до кога квантитет, а не квалитет? До кога по некој ваш пропис се добиваат средства? До кога ќе се дели на мои и твои“, прашува таа.

Тања Мицков со обид да се видат апсурдите во театарската дејност со навод дека Театар Комедија за три проекти добил 43.902 евра, Театар Тетово за исто толку двојно повеќе или 81.300 евра, а не заостанува ни штотуку формираниот Театар Гостивар со 76.422 евра – се разбира за исто толку претстави.

На ова актерката Јасмина Билаловиќ со дополна дека на театарот од Охрид за двата проекти му се одобрени 26.016 евра. Од таму нималку не чуди кога режисерот Јане Спасиќ само кратко ќе напише, ќе провикне: Каков циркус!!!

Кон забелешките и информацијата дека годинава на Конкурсот најмногу има добиено Здружението „Артал“ од Тетово, вкупно 3,5 милиони денари или 56 илјади евра за фестивал „Меридианс“ и за концерт „Класик и рок мјузик“.

И да биде уште почудно, прочуениот Скопски фестивал за урбана култура „Таксират“ добил само 500 илјади денари од бараните шест милиони, но исто толкава сума колку за него е одобрена за здружението „Елизиум“ со „концерт со млади во Тетово“?!

И, тука не е крајот. На Кумановскиот џез фестивал, кој патем по долга пауза лани се врати во реалноста, доделени му се само 200 илјади денари, наспроти 1,5 милиони денари на Џез-фест Тетово. А што да се каже, пак, за сознанието дека Скопскиот џез фестивал и Оф-фест, по кои Македонија е прочуена во светот, ги нема воопшто меѓу оние добиеле било каква помош од државата? Кој тоа таму оценувал?

Од таму не чуди ни кога Гоце Бојковски ќе забележи: „Незгодно ми е да реагирам дека Прилеп џез фестивал традиционално доби корпа, пошто не ги гледам ни Скопје џез фестивал ни Оф-фест?

„Се шокирав ноќеска. За Скопскиот џез фестивал, кој е фестивал од највисок ранг во државава, ова апсолутно не држи. Неофицијално дознавме дека се работи за некакви лични интереси на еден човек во Комисијата за музичко-сценска дејност кој му кумувал на ваквото решение. Ние за почеток ќе се жалиме и ќе побараме изземање на Комисијата. Место да се занимаваме со подготовка на програмата на фестивалите, сега сме принудени да правиме преписки за дилетантизмот во Министерството“, истакнува Оливер Белопета во својата првична реакција велејќи дека тие детално ќе разгледаат програмата и набрзо ќе го кажат својот официјален став.

Кон ова и информациите дека на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ за објавувањето на следбеникот на класичниот албум „Крушево“ (вистинско музичко ремек дело) им се одобрени 250 илјади денари иако се барани над 2 милиони, а не е поддржана ниту турнејата на СИНТЕЗИС во Австралија?!

Диригентот Сашо Татарчевски, истакнува дека кога ги видел резултатите од Конкурсот прво слатко се изнасмеал, за потем да ја осети сета горчина на реалноста. Вели дека работата нималку не е за смеење.

„Гледам дека таму се подржани некои ни видени, ни чуени. Зборувам за делот на музичката програма и за меѓународна соработка и небулози од типот кафеански пејач да добива средства за меѓународна презентација на културата од Република Македонија, а ансамбли кои секоја година се нејзини вистински репрезенти и носат награди да не постојат воопшто во Програмата. Да не се ни присутни. Не знам дали воопшто има поента да се разговара за ова. Очигледно се е тргнато надолу и како да не напуштил здрав разум генерално“, смета Татарчевски.

Во контекст на ова нималку не чуди, пак, што од КУД Илинден Битола како своја првична рекција ќе запишат: „Скандалозно! Сакаме да ве информираме дека повторно нашиот ансамбл е маргинализиран неосновано и тенденциозно (иако не сакаме да веруваме дека е намерно, фактите го зборуваат спротивното) од Министерството за култура на РМ. Од сите аплицирани и професионално изработени проекти за 2019 година, од кои и проектите за учество на меѓународните фестивали во Бурса, Турција, Искеле, С. Кипар и Шаламшабата, Будимпешта, Унгарија, сме одбиени и не се одобрени средства, а вкупната поддршка за 2019 е во висина од 30.000,00 денари (триесет илјади денари)“

И, се разбира тука не е крајот. Една наша позната писателка ќе забележи дека „на списокот на Срамот пред себе видела некоја авторка со наслов што личи на книга за деца. Дека таа добила 138.000 денари. Дополнува дека првпат слуша за неа. Прогуглала на интернет и видела дека нејзиното име се споменува „дури три пати“, наспроти нејзините 20.100. Ама која сум јас? Поздрав од Апсурдистан. Ќутете си, плачете си – заклучува таа“.

Кон ова само уште забелешката дека учесниците на годишниот Конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2019 година имаат право на жалба, која не го одлага извршувањето. Ова подразбира дека скандалот и натаму ќе ја тресе и не само културната јавност, дека власта ќе биде на мака со несирозниот третман на културата како монета за поткусурување и дека клопчето допрва ќе се одмотува.

П.С.

Инаку, поради вриежот и зголемениот интерес за небулозите, Интернет страницата на Министерство за култура денеска долго беше блокирана, што му даде за право на писателот Ненад Јолдески да напише: „Сајтот на Министерство за култура - инсталирале вордпрес тема и се одјавиле засекогаш. Хипер-линковите не функционираат, а на сајтот, после неколку обиди, може да се најде една грозна и неписмено сработена ексел табела, која ја девалвира македонската книжевна сцена. Важно може да изберете на кој јазик да ви биде ужасно. На здравје“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG