Достапни линкови

Оставка на Александар Поповски од Управниот одбор на МНТ


Александар Поповски
Александар Поповски

Незадоволен од состојбите во Македонскиот народен театар, неназначувањето директор и нов уметнички раководител цела една година, нерасчистена ситуација во однос на моменталните финансиски обврски и посебно од молкот на надлежните институции за овие проблеми, режисерот Александар Поповски си поднесе оставка на местото претседател на Управниот одбор на оваа наша национална куќа.

Александар Поповски се збогува со местото претседател на Управниот одбор на Македонскиот народен театар. Тој смета дека неговата работа во тоа тело е сосема бесмислена доколку надлежните институции не се произнесат и не реагираат на појавите што се причина за неговото повлекување. Според него, и по цела една година од кога е формиран овој Управен одбор, сè уште нема ниту блага назнака тие да започнат да се бават со проблемите што ја тресат оваа наша национална театарска куќа.

Имено, исто толку време се чека на распишувањето на конкурс за нов директор и за назначување на нов уметнички раководител поради нејасниот статус на работното место на неговиот колега Дејан Пројковски, кој по поднесената оставка на местото директор, во систематизацијата на МНТ фигурира и како режисер и како уметнички директор. Згора на тоа, тука се и другите проблеми со вработувањата и уште многу други нелогичности со што „дополнително се парализира работата на МНТ“.

Покрај тоа, нивното делување, како што истакнува Поповски, било отежнато и од нерасчистена ситуација во однос на моменталните финансиски обврски на Театарот кон добавувачи врз основа на претходно склучени договори за јавни набавки на стоки, услуги и обврски за комуналии во периодот 2015-2017 година. Според него, постои основ на сомневање за ненаменско трошење на средства во износ од 150 илјади евра. Ова сума била утврдена од правната служба на МНТ и од страна на независна ревизија, а по барање на Управниот одбор и сегашниот в.д директор Симона Угриновска. Се разбира, за ова биле известени Министерството за култура и службите на МВР.

„Сметам дека мојата работа во ова тело е сосема бесмислена доколку надлежните институции до кои писмено се обративме и на неколку наврати усно искомунициравме, не се произнесуваат и не реагираат на овие појави. Доколку тие институции документирано се изјаснат дека е сосема во ред да не се постави директор, дека некој може да зема плата за место на кое не работи, а работи на место кое не постои, дека долг од 150 илјади евра не е долг, тогаш можеби јас нешто не разбирам, но сеедно и да не разбирам, во тоа не сакам да учествувам. Затоа ја поднесувам својата оставка со надеж дека надлежните институции ќе се вознемират и ќе реагираат соодветно според законите на Република Македонија“, истакнува Поповски.

Тој со дополна дека идејата да биде еден од членовите на управниот одбор за него била многу важна бидејќи „чувствувал дека МНТ низ една транспарентна и квалитетна процедура треба да добие директор кој ќе го дефинира уметничкиот правец на оваа куќа“. Се залагал за тоа да биде на начин на кој „само стручноста и квалитетот на програмската и уметничката визија ќе пресудат за изборот“. Но, бидејќи од сето тоа ништо не се случило и морале „да почнат да спасуваат сезона по сезона без да се воспостави јасна визија што се сака да се направи со оваа куќа која треба да биде огледало, носител и пример на драмската уметност во земјава“, без да чека да помине уште една сезона со „недефинирана мисла и програма“, се решил на ваквиот личен чин.

Александар Поповски, фото: Киро Попов
Александар Поповски, фото: Киро Попов

На новинарско прашање дали ваквата одлука има врска со неговото поставување за уметнички директор во Словенечко народно гледалишче во Марибор, Словенија, Поповски со појаснување дека сето тоа не влијае врз ваквиот след на настаните.

„Ова го правам затоа што не би сакал да работите одат по една инерција. Мислам дека не се кристализира сликата. И тоа е најважно. Ова е повеќе, на некој начин, мој гест со којшто мислам дека малку ќе се размрдаат работите со желба да станат подобри. Оваа куќа е една од подобрите и таква треба да биде. Сакав едноставно да помогнам. Го ставив целиот свој кредибилитет и своите контакти овој театар да порасне, ама не сакам да бидам дел од тонењето на МНТ“, вели режисерот.

Прашан, пак, за тоа дали состојбите во МНТ се слика и прилика за состојбите со културата во државава, Поповски со објаснување дека тој сега говори за оваа национална театарска куќа, но преку сето тоа може да се согледа целосната култура кај нас.

„Мој личен став е дека апсолутно во културата треба да искристализираат работите на поинаков начин. Да се мрднеме од ова каде што сме, бидејќи сега одиме само по инерција. Посилна, помоќна порака треба да испратиме во културата. Ова треба да биде почеток на отворање една сериозна дебата и тема за културата во Македонија. Ајде да ги отвориме прашањата. И ајде да ја дефинираме културата. Ако претходно, по смената на власта, беа тоа луѓе кои се залагаа за еден друг тип на култура, тој тип на култура сега треба да се направи. Ако зборуваме за таа нова модерна, ајде да ја видиме таа модерна. Да отвориме дебата каде е таа модерна. Каде се точките на таа нова македонска култура. Тоа е тоа што мене ме интересира. Не ме интересира учество во тело кое ќе седи и ќе биде нем набљудувач на состојбите“, категоричен е Поповски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG