Достапни линкови

Битола во ритамот на „Локум фест-музика и традиција 2018“


Со учество на реномирани ансамбли од Бугарија, Турција, Словенија, Индија и од Македонија, во Битола, од 19 до 21 јули, се одржува 12-то издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест-музика и традиција“. Станува збор за манифестација којашто ја слави традицијата, културното наследство и повикува на чествување на различноста низ музика и изложби.

Седум докажани музички дружини од соседна Бугарија, Турција, Словенија, Индија и од Република Македонија, звучно ќе го обојат 12-то по ред издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест-музика и традиција“, којшто, од 19 до 21 јули, се одржува во Битола. Се работи за единствената ваква манифестација која својата инспирација ја црпи од културното наследство на најопеаниот македонски град. Фестивалот беше инициран во 2007 година и зад него како организатор тогаш застана тамошниот Центар за културна деконтаминација, со желба да се стори нешто продуктивно во срцето на старата битолска чаршија, земајќи го притоа во фокусот обичајот на „локум и кафе “ како синоним за средба, еснафлук, пријателство помеѓу сите култури во градот под Пелистер.

„Локум фест – музика и традиција“ е можеби единствениот фестивал кој е директно инспириран од живото културно наследство и традиција, во овој случај на најопејаниот град во Македонија – Битола. Знаеме за неговата конзулска традиција, за славното минато, за амалгамот на култури и каде тие култури би се споиле ако не најповеќе во старата битолска чаршија кадешто се зборувале многу јазици, се слушала различна музика... меѓутоа сите тие имале еден заеднички дух. Сите нив ги обединувал еден интересен интимен момент – кафето и локумот како синоним на средба меѓу нив“, вели Тоше Ивановски од Центарот за културна деконтаминација и Здружението на граѓани „Локум фест“, организаторите на оваа манифестација.

Тој дополнува дека од основањето до денес, вклучувајќи го актуелното издание на Фестивалот, настапиле преку 60 ансамбли од 15 земји кои почнуваат со чалгија, за да потем се редат оние кои ги вкрстуваат културите и музиките, а целиот настан вообичаено бива збогатен со изложби на ракотворби и старини од приватните семејни колекции. На тој начин, како што забележува, „тие раскажуваат за минатото и на виделина ги вадат сите тие моменти кои ги имаме како културно наследство и не прават она што сме ние денес“.

Овојпат на почетокот на манифестацијата, во четвртокот вечерта, најнапред настапија старите познаници МОРСКИ ПЕРЛИ И ТРИО МАКЕДОНКА од Варна, Република Бугарија, кои изведуваат народни песни во староградски напев. По нив следуваше перформансот на БАЛКАНАНАТОЛИЈА ПРОЏЕКТ, автентичен спој на македонски и турски музичари со заеднички интерес за чалгијата. Тие својата авантура ја започнале од забава свирејќи различни стилови балканска музика, за да потем откако на Дарко Фурнаџиски, Зоран Беговски и Кан Сачкантар им се придружила и Гизем Алевар, работите почнале да земаат поинаков замав и нивните изведби да добиваат посебен шарм.

Конечно првата вечер триумфално била крунисана со еуфоричниот настан на нашите ЧАЛГИЈА МЕРАК, кои се сметаат за најпопуларната чалгаџиска тајфа во земјава и за вистински продолжувачи на оваа музичка традиција кај нас.

Групата ETHNUSIASM од Словенија
Групата ETHNUSIASM од Словенија

Втората вечер е резервирана за две силни музички постави и ансамбли со меѓународна репутација – македонската гордост БАКЛАВА, која по трет пат е присутна на „Локум фест“ и словенечкиот состав EТHNUSIASM во кој членуваат пејачката Марта Костурска, Миха Петриќ на гитара, Вања Диздаревиќ на бас, Горан Гаревски на тамбура и перкусионистот Жига Шерцер. За нив е познато дека се обидува да ја негува и збогатува традиционалната музика со модерни аранжамни, така нагласувајќи ја вредноста на едно од едно од најстарите музички наследства на светот – Балканот.

Елена Христова - пејачката на групата БАКЛАВА, Македонија
Елена Христова - пејачката на групата БАКЛАВА, Македонија

И, конечно на последната вечер, оваа сабота, најнапред е планирано да настапат ВЕВКИ ЧАЛГИЈА ТРИО во кое се искусните македонски инструменталисти Вевки Амедов на кларинет и Џенгис Ибрахим на канон. По нив и нивната приказна за турската чалгија и нејзиниот продор на овие простори, публиката ќе има можност да го проследи и концертот на индискиот ТАПИ ПРОЏЕКТ, спој на современ фолклор со џез, импровизирана и светска музика.

Во рамките на програмата на „Локум фест-музика и традиција“ оставен е простор и за несекојдневните изложби на Регионалната занаетчиска комора, ЗУР Македонски ракотоворби и Органiзацијата на жени од градот којашто ќе ја претстави своја поставка „Архитектурата на Битола низ вез“.

Инаку, Фестивалот е делумно поддржан од Министерство за култура на Република Македонија, Општина Битола која го вклучи настанот во рамките на Бит фест и Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

„Не е лесно да се снајдиме со спонзори затоа што „Локум фест“ е комплетно некомерцијален настан и не постојат никакви комерцијални елементи во нашето работење. Всушност ние застанавме против естрадизацијата на културата и се трудиме на оние културни феномени, тајфи и т.н. кои имаат авторство или се трудат да настапат на свој авторски начин да им дадеме соодветен простор. Сметаме дека Битола и битолчани сеуште го носат тој културолошки, културен ген од минатото и се многу отворени и гостопримливи кон сите оние коишто ни доаѓаат и мислам дека тоа е одличен лајтмотив и за туризам и за сите други можности затоа што треба да се искористи тоа што го носиме во себе и тоа што го имаме како кулурно-историско наследство и амбиенталност на градот“, смета Ивановски.

Тој заклучува дека со оваа година ја „преминале таа граница на препознатливост и етаблираност и дека понатаму ќе се обидат да станат вистински европски етно-фјужн фестивал на кој секогаш ќе се почнува со чалгија и која и натаму ќе ја негува сефардската традиција затоа што таа е многу битна во овој амалгам на култури кои егзистирале во Битола и оставиле своја трага“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG