Достапни линкови

ОФ-ФЕСТ 2018 со силни музички и политички пораки


Dirtmusic

Со програма чија срцевина ја чинат настапите на африканската кралица Уму Сангаре, авангардните Dirtmusic, хипнотичните Officina Zoe од Италија, повратникот Jupiter & Okwess од Конго, транзичните тунижани Ifriqiyya Electrique, од 31 мај до 5 јуни, на три сцени во Скопје, ќе се одржи 17-то издание на ОФ-ФЕСТ, манифестацијата на „една поинаква музика“ и громогласни пораки за слободата на народите од светот.

На урбано Скопје и на македонската култура, од 31 мај до 5 јуни, на три сцени во градот, ќе им се случи 17-то издание на ОФ-ФЕСТ, манифестацијата која промовирајќи ја музиката на светот сите овие години, всушност, говори за незгасливата жед за слобода на народите на глобален план. Од таму, Фестивалот наспроти едукативната цел, да се види широкиот дијапазон на звучни изблици кои биле далеку од нашиот светоглед во времево на изместени вредности, поодамна е и промотор на слободоумната мисла на сите оние на кои музиката им била и е моќно оружје во борбата за човечки права независно пред како ѕид на предрасуди и тиранија да се исправени.

Ете, токму и затоа со толку многу нагласена љубопитност и потреба да се биде свој се чека секое идно издание на ОФ-ФЕСТ, кое по некое непишано правило со одбирот и концептот го надраснува претходното. Таков е случајот и со годинешново кое на десетте предвидени концерти ни донесува актуелни и врвни имиња од т.н. Музика на светот од Европа, Африка, Азија и од САД.

Испишувањето на страниците од актуелната приказна во Младински културен центар ќе го започне стариот познаник Јупитер Боконџи, симболичниот „Генерал на бунтовниците“, кој на Киншаса и го врати почесното место како центар на африканската музика. Опкружен со извонредниот состав Okwess International, тој во митската румба на Конго ги внесе фанкот и урбаните ритми. За него само уште тоа дека со минатогодишниот албум „Kin Sonic“, објавен за Glitterbeat Records, продолжува со истражувањата и патувањата низ богатото музичко наследство на родната земја и дека несомнено ќе предизвика еуфорично расположение кај публиката.

JUPITER & OKWESS
JUPITER & OKWESS

Наредниот ден, на 1 јуни, во истиот простор - двојна програма. Воведот ќе го сторат нашите Fighting Windmills. Станува збор за музичари од помладата генерација кои творат звуковност која не подлежи на никаква категоризација, сосем природно пронаоѓајки го својот идентитет во играта со повеќе жанровски и стилски извори, меѓу другите и со пост-рок, фри-џез, пост-панк, фолклор, амбиентална и современа класична музика. Филип Букршлиев и Никола Гогоски – гитари, Никола Спировски на саксафон и кларинет, Дени Омерагиќ – бас и Антоние Весковски – тапани, зад себе имаат пет албумски објави, а на ОФ-ФЕСТ ќе ја сторат концертната промоција на својот штотуку објавен албум „An Exercise in Surprise“.

И, веднаш по нивниот перформанс следува бендот чие доаѓање во Скопје се очекува со нагласен интерес. Dirtmusic се формирани од американските музичари Крис Екман (The Walkabouts) и Крис Броков и австралиeцот Хуго Рејс (The Bad Seeds), како „сирово“ акустично блуз трио. Светски позната музичка група станаа речиси случајно, кога пред една деценија на фестивалот во Тимбукту се здружија со туарезите од групата TAMIKREST (кои на ОФФЕСТ ги видовме во 2012 година). На Екман и Рејс пред две години им се придружи и нам добро познатиот Мурат Ертел (од турскиот состав Baba Zula во кој едно време пееше нашата Елена Христова) и тројцата мулти-инструменталисти од различен бекграунд минатата година за Glitterbeat Records го објавија фантастичниот албум „Bu Bir Ruya” во кој во идеална звучна слика се вклопени пост-панк, турска психоделија, фанк, рок и електронска музика.

OFFICINA ZOE
OFFICINA ZOE

А, по еден ваков звучен удар следува вистински музички маратон. На 2 јуни најнапред на сцената во кино „Фросина“ е предвидено да се искачат Officina Zoé од Саленто, од Италија кои веќе неколку години се меѓу главните чувари на „пициката“, народен танц и музички стил кои што се спојуваат во едно. За нив е познато дека на концертите провоцираат искуство на транс, со долгите интензивни и повторувачки вокални делници, силните, огнени и бесни перкусии и вртоглавата хармоника.

Веднаш потоа, во Дансинг салата, публиката ќе има можност да проследи еден уникатен проект. Да ги види и чуе Ifriqiyya Electrique. Во најавата за нив се вели дека „тоа е повеќе од концепт, тоа е вистински адорцистички обред и транс кој што го практикува Банга заедницата од Тунис. Банга е древна музичка традиција карактеристична за јужниот дел на пустината во Тунис, со цврсти, метални перкусии и групирани гласови Настап на Банга музичарите во интеракција со електроника и засилувачи. Рекомпонирана музика, трансцендентална и пост-индустриска церемонија. Нивниот деби албум „Rûwâhîne“ објавен во мај 2017 година за Glitterbeat Records беше меѓу првите десет на светските музички листи во Европа и САД. Тоа е неверојатнo делo, неслушнато досега и тешко повторливо.

Но, тука не е и крајот. Напротив. Некаде пред полноќ зад микрофонот ќе застане турската пејачка Гаје Су Акјол. За неа се вели дека растејќи во Истанбул, градот кој низ вековите привлекувал и спојувал различни култури, ја вдишувала секоја длабока и слоевита историска одлика на секојдневието, заедно со древните корени на нејзиното семејство од Анатолија и дека е извонредно успешна во спојувањето на рок и „инди“ музиката со препознатливиот турски звук. Нејзиниот последен албум „Hologram Ĭmparatorluğu“ е енергичен, моќно опоен и отровно убав, а беше проследен со брилијантна европска турнеја.

Гаје Су Акјол
Гаје Су Акјол

Конечно точка на долгата и возбудлива ноќ се очекува да стави Белгиецот Бенџамин Толет. Тој е музички новинар, глобален „грув“ активист, радио-водител и продуцент и многу познат ди-џеј од Брисел. Неговото Радио Мукамбо се нурнува во светскиот „грув“ и пулсирањата на градовите, при што афро-битот, етиопскиот грув, афро-латинските и афро-бразилските, сукус, арабеска и португалските звуци, како и хип-хопот, создаваат светска фузија без граници. Последните четири години Мукамбо е движечката сила на најголемата глобална „грув“ забава во Брисел - „Groovalicious“. Во Скопје ќе настапи со поддршка од нашиот ди-џеј Шурбе, на пополноќна забава во клубот „Епицентар“.

Наредниот ден, во малку посмирена атмосфера, следуваат уште два интересни концепта.

Најнапред ќе имаме мошност да го проследиме настапот на Barmer Boys или на „следната генерација на музичари кои ги продолжуваат вековно старите индиски музички традиции“. Тие се глобални амбасадори на современиот фолклор на Раџастан и Суфи музиката, а се познати и по „нескротливата енергија со која го надградуваат секој настап, почнувајќи од тажните Суфи калами, преку веселите свадбени песни, песните за љубовта и сеќавањата, до веселите „бит-бокс“ и ди-џеј џем-сејшни. Групата беше формирана во 2011 година за време на Amarrass Desert Music фестивалот во Њу Делхи, за потоа да ја маѓепса публиката на многу светски фестивали.

TRANS-AEOLIAN TRANSMISSION е нов концепт: патување, компонирање, пишување и снимање, некаде на сосем непознати места каде што ниту музичката индустрија ниту агенциите некогаш ќе однесат западен музичар. Средби со музичари од различни светови, долги патувања и долг престој во срцето на последните градови од Патот на свилата. Неверојатна авантура меѓу пакистанската, таџикистанската и киргиската граница. Двајцата музичари од Trans-Aeolian Transmission, Франсоа Камбузат, ветеран од медитеранската панк и авант-рок сцена, и басистката Џана Греко, хероина на италијанската електрична музичка, го свират концертот заедно со проекцијата на документарниот филм за магичното патување што самите го снимиле.

Уму Сангаре
Уму Сангаре

И, конечно големото финале е оставено за Уму Сангаре, суперѕвездата од Мали, најголемата африканска пејачка и добитник на наградата Греми. Таа е Амбасадор на добра волја на Обединетите нации, добитник на International Music Award на УНЕСКО и Womex 2017 Artist Award Winner.

Сангаре е пејачка, композитор и посветен активист за правата на жените во татковината и воопшто во Африка. Нејзиниот стил на пеење е Васулу и затоа е позната како „песнопојната птица на Васулу“. Тоа е популарен музички жанр произлезен од народните традиции во руралниот југозападен дел на Мали. Токму тој стил ѝ донесе меѓународен успех и со него продолжува да ја доближува Васулу културата и традицијата до светската публика. Последниот албум „Mogoya“, кој многумина го прогласија за албум на годината во 2017, претставува ново возбудливо поглавје во нејзината плодна солистичка кариера.

Во пресрет на почетокот на ОФФЕСТ, Зоран Ингилизов од Скопје џез фестивал, вели дека годинешната програма е богата и разновидна иако е направена со големи потешкотии поради скусените средства. Тој дополнува дека наспроти тоа решиле и успеале да направат фестивал кој е најбогат по број на изведувачи во целата историја на манифестацијата. Дека гостуваат музичари од целата планета кои ќе ја претстават шареноликоста на Музиката на светот.

„Имаме групи кои се и политички и социолошки многу ангажирани и ќе пратат многу важни пораки. Имаме и голема ѕвезда како што е Уму Сангаре, кралицата на Африка која ќе ни гостува последната вечер. Како и секоја година водиме внимание за тоа секоја вечер да биде што пошарена, што поразнолика и македонската публика да се запознае со сето она што е врвно, свежо и актуелно од т.н. Музика на светот“, истакнува Ингилизов.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG