Достапни линкови

Работници, кренете го гласот против трудовата експлоатација


Рубинчо Аризанкоски, граѓански активист и член во Здружение Достоинствен работник

Рубинчо Аризанкоски, граѓански активист и член во Здружение Достоинствен работник

Македонија како земја кандидат за членство во Европската унија мора да воведе брз интегриран пристап за превенција и дестинација на трудовата експлоатација, со активно вклучување на граѓанските организации и синдикатите и ставање на акцент дека трудовата експлоатација во земјата според законските регулативи е кривично дело, пишува Рубинчо Аризанкоски, граѓански активист и член во Здружението Достоинствен работник во младинската колумна за Радио Слободна Европа.

Според Меѓународната организација за миграции, се проценува дека годишно преку границите транзитираат околу 2 милиони жртви на трговија со луѓе. Но, според податоците на УНИЦЕФ се вели дека бројот на деца кои се жртви на трговија со луѓе се движи околу 1,3 милиони годишно, а според податоците на Обединетите нации, 700 илјади жени, деца и мажи секоја година стануваат жртви на трговија. Новиот извештај на Меѓународната организација на трудот во поглед на присилниот труд иницира дека како жртви на трговија се проценуваат 2,6 милиони луѓе од кои најмногу една третина се предмет на продажба за економска експлоатација.

Овој вид на економска експлоатација е растечка форма на организиран криминал на глобално ниво, која првенствено е поврзана со сиромашните и недоволно развиените земји. Земјите од Југоисточна Европа кои долги години поминуваат низ политичка и економска транзиција се посебно засегнати со трговија на луѓе и трудова експлоатација.

Македонија како земја кандидат за членство во Европската унија мора да воведе брз интегриран пристап за превенција и дестинација на трудовата експлоатација, со активно вклучување на граѓанските организации и синдикатите и ставање на акцент дека трудовата експлоатација во земјата според законските регулативи е кривично дело.

Од тој аспект, граѓанската организација Достоинствен работник - Прилеп од почетокот на месец август 2016 година го реализира проектот „Идентификација и заштита на работниците од трудова експлоатација“ поддржан од ФООМ. Според добиените податоци од теренските истражувачи е утврдено дека постои трудова експлоатација во земјоделството и текстилната индустрија во Прилеп и регионот, покрај останатите дејности, каде голем процент се жени и деца. Исто така, од податоците се гледа дека има злоупотреба на детскиот труд во земјоделскиот сектор во руралните средини.

Според учеството во БДП, земјоделството во Македонија има слично значење во вработеноста и тоа заедно со прехранбената и тутунската индустрија, кои што се суровински засновани на земјоделското производство, покажува големо учество во вработеноста на населението. Во 2014 година, во регистарот на Управата за јавни приходи биле регистрирани вкупно 164.992 земјоделци, од кои 16.593 се регистрирале како лица на кои земјоделството им е основна дејност, додека другите 143.399 пријавиле дека земјоделството им е дополнителна дејност.

Додека, текстилната индустрија е трета најзначајна индустриска гранка во Македонија. Производството на облека учествува со 12,73 проценти во вкупното индустриско производство, а заедно со производството на текстил, учеството изнесува речиси 16 проценти.

Трговијата со луѓе заради трудова експлоатација е сложена појава којашто бара одговори од различни правни полиња кои се вкрстуваат – кривично правосудство, човекови права, емиграција и трудово право. Државите имаат обврски да ги исполнат меѓународните стандарди во секоја од овие области. Почитувањето и унапредувањето на човековите права се важен дел од една сеопфатна стратегија на борбата против трговија со луѓе. Меѓународното право бара од државите кривично да ја гонат и казнуваат трговија со луѓе и принудната работа. Меѓународните работнички стандарди, особено оние на МОТ, гарантираат голем број основни права за работниците општо, како и посебно за земјоделските и работниците емигранти. Затоа што лицето жртва на трговија со луѓе е и жртва на криминал и експлоатиран работник, одговорот на трговијата со луѓе бара разбирање на прашањата на работничките права.

Според извештајот на Стејт Департментот посветен на трговијата со луѓе, Република Македонија по петти пат е рангирана во групата земји кои ги исполнуваат стандардите за справување со оваа појава. Исто така, во извештајот се посочени сите 7 идентификувани жртви меѓу кои три биле принудени на сексуална експлоатација и три на трудова експлоатација. Македонија и понатаму останува како земја извор, транзит и дестинација на мажи, жени и деца кои се принудени на сексуална и трудова експлоатација. Според извештајот, македонските жени и девојки се предмет на сексуална и трудова експлоатација во ресторани, барови и ноќни клубови во земјава. Децата, главно од ромската популација, преку нивни роднини се сексуално експлоатирани преку таканаречените принудни бракови. Жртвите во Македонија главно доаѓаат од Источна Европа или земјите од соседството, додека македонските државјани се жртви на сексуална или трудова експлоатација во земјите од Јужна, Централна и Западна Европа.

Затоа, почитувани работници мора да го кренете својот глас за подобри работни места и достоинствена плата, глас против трудовата експлоатација врз работниците од страна на работодавачите за нивни поголеми приходи мора да престане. Гласот на работникот е глас против дискриминацијата и мобингот од страна на работодавачите преку нивните шефови, раководители, менаџери, и слично.

Синдикатите во Македонија мора и треба да бидат зајакнати од вистинските работници кои се борат за унапредување и заштита на работничките права. Синдикатите мора да ја имаат главната улога, а тоа е да ги промовираат правата на работниците и да ги заштитуваат од политичките влијанија, и да се борат за поголемо достоинство на работникот преку измени во законските регулативи и колективните договори.

На крај, сакам да потенцирам дека мора да се воспостави соработка меѓу државните институции, синдикатите и граѓанските организации за поуспешна борба против трговијата со луѓе со цел трудова експлоатација и унапредување на работничките права во земјата.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG