Достапни линкови

Платите од државата, профитот кај странските инвеститори


Бранимир Јовановиќ, економски истражувач
Бранимир Јовановиќ, економски истражувач

Од 2007 до 2015 година се потрошени 159 милиони евра за привлекување или поддршка на странските директни инвестиции, а во тој период тие исплатиле плати во вредност од 92,1 милиони евра, покажува истражувањето на Институтот за општествени и хуманистички науки од Скопје.

Странските инвестиции им исплатиле плата на вработените помалку отколку што државата потрошила за привлекување на странските инвестиции, што е исто како платите да им ги дава државата, а профитот да си го земаат инвеститорите. Истражувањето на Институтот за општествени и хуманистички науки од Скопје покажува дека од 2007 до 2015 година се потрошени 159 милиони евра за привлекување или поддршка на странските директни инвестиции. Во истиот период, странските инвеститори исплатиле плати во вредност од 92,1 милиони евра, а оствариле нето добивка од 235 милиони евра.

„Парите на македонските даночни обврзници завршуваат како добивка на странските фирми“, вели економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ, кој е автор на анализата.

Вкупно исплатени плати во странските инвестиции во Македонија од 2007 до 2015. Извор: Институт за општествени и хуманистички науки од Скопје.
Вкупно исплатени плати во странските инвестиции во Македонија од 2007 до 2015. Извор: Институт за општествени и хуманистички науки од Скопје.

Поради тоа што државата не кажува директно колкава помош добиваат странските инвеститори, анализата е правена врз база на тоа колку пари вкупно се потрошени за оваа намена. Анализирани биле 25 фирми во кои има 12.600 вработени, што значи дека секое новоотворено работно место кај странски инвеститор ја чинело државата по 12.580 евра.

„Ова е околу 5.000 евра повеќе од она што го троши владата на Србија“, вели Јовановиќ.

Околу три четвртини од овие 12.600 вработени работат само во три фирми – Дрекслмајер со 5.730 вработени, Кромберг и Шуберт со 2.265 и Џонсон Контролс со 1.773 вработени. Просечната плата во анализираните 25 странски компании во 2015 година била 261 евра, слично како и претходните години. Највисока просечна плата од 517 евра има во Џонсон Мети, а најниска од 200 евра во Џонсон контролс, покажува истражувањето. Најниски плати има токму во компаниите со најмногу вработени, односно во Дрекслмајер е 235, а во Кромберг и Шуберт 239 евра.

Просечна плата во странските инвестиции во 2015. Извор: Институт за општествени и хуманистички науки од Скопје.
Просечна плата во странските инвестиции во 2015. Извор: Институт за општествени и хуманистички науки од Скопје.

„Обично економистите сметаат дека соодносот плати-профити треба да биде една третина за профити и две третини за плати, а во овие странски фирми е обратно, три четвртини одат за профити, а само една четвртина за работниците“, вели Јовановиќ.

Во истражувањето се препорачува да се прекине со политиките за издвојување огромни државни средства за привлекување странски инвестиции, да се промени законот за поголема заштита на работниците, да се зголеми функционалноста и професионалноста на државните институции за заштита на работничките права и да се зголеми социјалната сигурност.

„Најчести примери за кршење на работничките права се мобинг, неплаќањето на работата за време на викенди, наметнување на работниците да работат за време на викенди и празници, работниците не можат да користат годишен одмор кога сакаат, туку фирмата им наложува, на некои од работниците им се ограничува слободата на говор и не смеат да разговараат со новинари или истражувачи за условите во нивните фирми, а има и примери за ограничување на извршување одредени физиолошки потреби, како одење во тоалет или јадење“, вели Јовановиќ.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG