Достапни линкови

logo-print

Странските инвестиции во минус пред изборите


Отворање на новата фабрика на „Џонсон Контролс“ во Технолошко-индустриската развојна зона во Штип на 21 јануари 2014

Отворање на новата фабрика на „Џонсон Контролс“ во Технолошко-индустриската развојна зона во Штип на 21 јануари 2014

Во септември годинава од земјава се одлеале 22,6 милиони евра странски инвестиции, а во октомври паѓа индустриското производство, пишуваат дневните весници меѓу големиот број текстови посветени на предизборната кампања.

Додека трае предизборната понуда на партиите, заедно со политичката неизвесност, „Странските инвестиции отидоа во минус“, ја објавува Утрински информацијата од Народна банка на Македонија и додава дека „Во септември годинава одливот на странски инвестиции изнесувал 22,6 милиони евра, двојно повеќе од истиот месец лани“. Истиот весник го објавува и извештајот на Државниот завод за статистика во кој се чита дека „Индустријата во октомври падна за 3,6 отсто“. Овие информации ги нема во другите весници кои се наклонети кон владејачката партија.

Што се однесува до предизборната кампања за 11 декември, овој пат ви ги нудиме насловите без некаква споредба, онака како што може да се прочитаат во печатот. Утрински објавува: „Груевски во Кочани – Нè очекува референдумска победа“; „Заев во Пехчево – Ќе ги вратиме среќата и животот во Македонија“; „Националистичките ветувања клучни во албанскиот блок“.

И натаму сме кај насловите во Утрински: „Двојната улога на Курц во Македонија – Себастијан Курц дошол како министер во Македонија, но авионската карта му ја платила партијата во Австрија“; „Изборните нерегуларности се прекршуваат врз администрацијата – додека кампањата досега тече релативно мирно, набљудувачите регистрираат повеќе случаи на изборни притисоци и закани зад кулисите на митингашките бини“; „Неодлучните гласачи во одлучувачка мисија – и натаму е највисок процентот на граѓани кои немаат изградено став кому би ја дале довербата“.

Наслови во Вечер: „Груевски до СДСМ: Разликата нема да биде 7-8 пратеници, ќе биде огромна победа, по која ќе ви биде срам да помислите на широка коалција“; „Груевски не ги менува позициите и има висока европска поддршка“; „Груевски во Кочани - СДСМ со албански радикали договарале полнење гласачки кутии“; „Од идеја до реализација – Ова е картата по која Заев сака да ја федерализира Македонија“; „СДСМ го подметна сценариото со Избирачкиот список за да иницира криза“;

Наслови од Дневник: „ДУИ со големи изборни апетити – Али Ахмети по изборите ја пикира премиерската фотелја“; „Заклучен Избирачкиот список – од 500-те илјади фантомски гласачи ни трага ни глас“; „Повторно 3:2 за СДСМ во ад-хок телото за медиуми – за ист прекршок ’НОВА‘ и ’Алфа‘ се казнети, а ’Телма‘ и ’24 Вести‘ се балансирани“.

Еве неколку наслови и од Слободен печат: „Заев во Делчево – Секоја жртва вредеше, пишуваме историја, рушиме режим, носиме живот“. „Груевски од Гостивар и од Тетово – Потребна ни е подобра економија“; „Власта на прилепчани им делела ’мала пажња‘, а полицајци пиеле по партиски штабови“; „Брисел молчи, европската јавност со жестоки критики – Курц поддржа автократ за да му ја чува капијата“;

Нова Македонија најнеутрално што може: „Партиите продолжуваат со митинзи и средби со граѓаните“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG