Достапни линкови

logo-print

Кампања - нерегуларности, притисоци, закани, уцени


Архива - Државната изборна комисија со жребување го одреди редоследот на гласачкото ливче за предвремените парламентарни избори

Архива - Државната изборна комисија со жребување го одреди редоследот на гласачкото ливче за предвремените парламентарни избори

Неодвојувањето на државата од партијата останува голем проблем и во досегашниот тек на предизборната кампања. Проблеми има и со избирачкиот список, а има информациии и за притисоци врз државната администрација.

Непочитување на принципот на одвојување на државата од партијата, проблеми со избирачкиот список, користење на државни пари во партиски цели, притисоци на работното место во јавната администрација. Овa се дел од главните забелешки на граѓанскиот сектор кои ја отсликуваат атмосферата во која поминa првата половина од изборната кампања.

Од невладината организација Мост се уште го подготвуваат извештајот за нерегуларностите во првите десеттина дена од кампањата, но како и во предизборниот период, најголеми отстапувања има во делот неодвојување на државата од партијата. Покрај бесплатната телефонска линија 080 080 080, од денеска граѓаните ќе може да пријавуваат нерегуларности и на платформата neregularnosti.most.org.mk, информира Теа Поп-Трајков од МОСТ.

„Веќе имаме неколку пријави кои се јавни и можат да ги видат сите, а се поврзани со проблеми во избирачкиот список и продолжување на оној тренд кој граѓанската асоцијација МОСТ веќе го забележа а се однесува на мешањето на државата и партијата“, изјави Поп-Трајков и додава дека се поголем број граѓани се охрабруваат и пријавуваат нерегуларности, а истите тимови на МОСТ дополнително ги проверуваат на терен и проценуваат дали тие пријави се веродостојни.

Низа нерегуларности во овој изборен период забележале и од невладината Цивил. Тоа се над 70 случаи на нерегуларности кои тие ги регистрирале, а од страна на граѓаните повеќе од 100 случаи.

„Притисоците, заканите и уцените продолжуваат непречено наспроти сите потписи кои ги ставија лидерите во Пржинскиот процес. Забележуваме голем број закани по административците, нивно принудување да учествуваат на митинзи, а тука се и добро познатите списоци од 15-30 сигурни гласачи мораат да дадат сите вработени во јавните претпријатија. Забележавме партиски вработувања во приватниот сектор, сериозна злоупотреба на јавните ресурси, а работата оди до таму што дури и малолетниците се злоупотребени во изборната кампања. Секое училиште е претворено во изборен штаб“, вели Џабир Дерала од Цивил.

И покрај апелот до граѓаните испратен преку рекламни материјали на Државната изборна комисија да пријават изборни нерегуларности од ДИК велат дека досега нема забележано нерегуларности. Субхи Јакупи вели дека ги слушаат информациите од невладините организации, но нивните проверки за одредени случаи покажале дека се работи за пропуст, а не нерегуларности.

„Ние не сме во позиција да видиме дали може да спречиме некоја постапка, да не влијае негативно на изборите. Тоа што можеме, веднаш постапуваме, ако се работи за прекршочна или кривична постапка тогаш таа ја процесуираме до надлежните органи“, вели Јакупи.

Присуството на министри во изборни кампањи и на средби со граѓани за време на работното место според Јакупи е недозволиво, но според него во ваков случај треба да реагира Државната комисија за спречување на корупцијата и да покрене дисциплинска постапка до сторителот. Ако ДИК има сознанија за такви прекршувања, пријавата ја процесуира до надлежните органи, констатира Јакупи. Дерала, пак, смета дека во вакви случаи најголемата реакција треба да биде од страна на граѓаните кои како што вели треба да сфатат дека министрите треба да си ја вршат работата за која ги плаќаат граѓаните, а не да спроведуваат партиска пропаганда.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG