Достапни линкови

logo-print

Младите небитни, освен пред избори


Архивска фотографија - Јавна дискусија во Националниот младински совет.

Архивска фотографија - Јавна дискусија во Националниот младински совет.

Младинските организации бараат од партиите можност и тие да учествуваат во креирањето политики. Од организациите велат дека партиите се сеќаваат на младите обично во предизборието.

Собранието и владата што ќе се формираат по изборите треба што побрзо да формираат комисија за млади во Собранието, младинска лоби група или која било друга форма на учество која Собранието ќе ја користи како консултативен механизам со младите луѓе, бараат младинските организации. Ова е само едно од низата барања испратени до идните кандидати за пратеници, а главната идеја е создавање на услови и можности да се зголемат капацитетите за активно вклучување на младите во демократските процеси во општеството, вели претседателот на Националниот младински совет, Дамјан Николовски.

„Еден од приоритетите за да се случи ова е воспоставување механизам за соработка на институциите со Советот и на тој начин на младите да им се даде шанса директно да учествуваат во креирањето на политиките кои ги засегаат нив. Доколку успееме да го оствариме тоа, потоа заедно со претставниците на институциите ќе можеме да работиме и на креирањето на другите политики и лоцирањето на оние што се горливи теми за самите млади. Затоа што никој не може подобро да знае што му е потребно отколку самиот тој“, вели Николовски.

Младинските организации имаат вклучено и барања за посветеност кон реализацијата на националната стратегија за млади за периодот 2016 -2025 и алокација на буџет за реализација на нејзините средства, како и низа барања поврзани со социоекономската положба на младите што треба да го подобри квалитетот на нивно живеење во земјава.

Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум истакнува дека младите обично не се приоритет, туку оти се занемарена категорија во државата, освен кога доаѓа време за избори.

„Очигледно дека партиите стануваат свесни дека тоа е една голема категорија на гласачи, но и една голема група на луѓе кои причинуваат болка кај сограѓаните со тоа што ја напуштаат земјата, разочарани од условите за квалитетен живот во Македонија. Веројатно и поради тоа младите често се дел од предизборните кампањи на партиите и барем за поздравување е што се препознаваат како релевантна категорија во тие моменти“, вели Костуранова.

Таа потенцираше дека политиките за млади не смеат да останат само на ниво на предизборни ветувања и оти партиите мора да се држат до нив откако која било од нив ќе влезе во Собранието или ќе дојде на власт. Таа вели и дека има многу одговорни младински организации кои по изборите ќе следат дали ќе се случи младите да станат партнер на институциите во креирањето и спроведувањето политики.

И Николовски исто така забележуваа дека досега повеќепати декларативно младите луѓе добиваат подршка, иако не од сите партии, и оти со поголем дел од нив разговараат за проблемите. Но кога станува збор за реализација на мерки и политики и трансфер од хартија во пракса преку соработка со институциите, тука е местото каде нештата застануваат, вели тој

„За жал, можам да констатирам дека нашите институции се уште немаат отворена волја за го слушнат гласот на младите и заедно да седнат и да реализираат активности“, изјави Николовски.

Од Младинскиот образовен форум се на мислење дека погодното време за почетокот на преразгледување на состојбата ќе биде по изборите во моментот кога ќе се направат првите чекори на која било партија или партии со кои ќе покажат дека навистина се грижат за улогата на младите во ова општество.

„Има неколку многу јасни чекори што може да бидат направени од собранието и владата за да се покаже дека младите ќе бидат приоритет во периодот што следи. Еден од првите чекори што може да се направи е да се формира комисија за млади во Собранието“, вели Костуранова.

Taa дополни дека исто така по изборите треба да има значајна промена и во Агенцијата за млади и спорт и оти во моментов таа функционира без ресурси или значајни активности за млади. Младинскиот Совет веќе на два пати во резолуциите од Европскиот Парламент за земјава посочи дека државните институции мора да направат напори да воспостават траен механизам за соработка со младите луѓе.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG