Достапни линкови

logo-print

Одложен „Пуч“, обвинувања за политички процес и манипулации


Рочиштето за случајот „Пуч“ денеска помина во тензична атмосфера, откако Специјалната јавна обвинителка не се согласи со судијката Љубинка Башевска процесот да биде одложен. Јанева ја обвини Башевска за манипулација и злоупотреба на службена должност.

Расправа во судот за „Пуч“ денеска имаше, но не за случајот, туку за одложувањето на рочиштето. Судење за случајот, во кој е обвинет и лидерот на СДСМ, Зоран Заев беше одложено на неопределено време, бидејќи, како што кажа судијката Љубинка Башевска, две од судијките поротнички се уште немале безбедносни сертификати. Башевска рече дека и покрај интервенцијата на Судот, сертификатите не се обезбедени, иако процедурата е започната. Со цел повторно да не се губи енергија и време за да се одложува судењето, тоа ќе биде закажано кога ќе се обезбедат сертификатите, рече Башевска.

На ова бурно реагираше Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која побара да се идентификуваат сите оние кои имаат безбедносни сертификати и истакна дека Башевска ја злоупотребува службената должност, бидејќи неоправдано година и половина се одложува рочиштето. Јанева и порача на судијката да не заборави и дека животите на луѓето кои се обвинети се доведени во прашања.

„Ја манипулирате јавноста. Не може да го одложувате судењето. Како не ви е срам“, ја праша Јанева, Башевска.

Јанева не сакаше да ја напушти судницата и бараше од Башевска да го направи истото. Се вмеша и адвокатот на одбраната Филип Медарски кој бараше одговор од судијката зошто не е присутен сведокот на СЈО, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, но не доби одговор. Башевска се закани со казни на што реагираше и поранешниот шеф на УБК, Зоран Верушевски, кој исто така е обвинет во случајот. Башевска посочи дека со такво однесување го навредуваат судот и дека беспотребно се крева тензија и покрај барањето на Заев и Верушевски да се обратат ја напушти седницата. Заев по рочиштето рече дека се покажало оти судството е клекнато на колена и е потполно уништено.

„Денеска претседателот на судскиот совет покажаа пред јавноста дека немаат намера да водат правен процес, туку водат политички процес. Суштината на одлагањето се состои во неколку моментуми. Тоа е целкопуна стратегија на бандитската власт која има што има намера да го држи во живот процесот кој што е врзан со најсуштествената тема во Македонија, а тоа е кој го правел и како го правел прислушувањето во Македонија“, истакна Заев.

Заев прецизираше дека политичката агенда која ја исполнува Судот е агендата на Груевски и на ВМРО ДПМНЕ. Во случајот освен Заев и Верушевски, обвинета е и Соња Верушевска, како и Ѓорѓи Лазаревски, вработен во МВР и Бранко Палифов, вработен во Општина Струмица Тие се товарат за неовластено прислушување, шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG