Достапни линкови

logo-print

Судењето за „Пуч“ одложено, Заев не се појави


Пред Судот имаше мала група на поддржувачи на Заев кои држеа транспарент со неговиот лик.

Пред Судот имаше мала група на поддржувачи на Заев кои држеа транспарент со неговиот лик.

Следното рочиште е закажано за 7 септември. Одбраната побара подолго одложување, бидејќи е постигнат политички договор, но судијката не ја интересираат политичките околности.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, како што беше најавено денеска не се појави на судењето за случајот „Пуч“ во Основниот суд Скопје 1. Следното рочиште е закажано за 7 септември. Судијката Љубинка Башеска констатираше дека Заев бил уредно поканет. Таа прочита и известување од судот во Струмица дека Заев не се појавил ни на тој суд иако имал обврска тоа да го направи.

Знаете дека е постигнат политички договор и оти случајот ќе го води специјален обвинител.

Адвокатот на одбраната, Филип Медарски и одговори на судијката дека Заев вчера бил во судот во Струмица, но само за да го извести дека нема да ја почитува обврската која му е издадена со мерката на претпазливост. Башеска потоа ја запраша одбраната дали има некакви сознанија зошто Заев не е присутен на денешното рочиште. Медарски реплицираше дека нема сознанија и оти Заев јавно ја кажал причината зошто нема да присуствува на судењето.

Заев претходно изјави дека не го признава Судот и дека нема да присуствува на закажаните судски рочишта, ниту, пак, ќе ја почитува мерката, која му беше определена, редовно да се јавува во Судот. Башевска потоа констатираше дека Заев е неоправдано отсутен и бидејќи не се исполнети условите сакаше следното рочиште да го закаже за крајот на август, по што одбраната побара судењето да биде одложено на подолг рок.

„Знаете дека е постигнат политички договор и оти случајот ќе го води специјален обвинител“, рече адвокатот Медарски.

На што Башевска одговори дека не ја интересираат политичките околности, туку фактите и оти има луѓе кои се уште се во притвор за случајот и затоа мора судењето да биде закажано за пократок рок.

Потоа уште еден адвокат од одбраната Драган Малиновски побара судењето да биде закажано после 5 септември. Судијката Башевска тогаш ги праша обвинетите Зоран Верушевски и Ѓорѓи Лазаревски, кои се наоѓаат во притвор дали би им било проблем судењето да биде подоцна закажано. Тие рекоа дека немаа забелешки следното судење да биде закажано во септември.

Пред Судот имаше мала група на поддржувачи на Заев кои држеа транспарент со неговиот лик. Заев е четвртообвинет во случајот Пуч. Двајца обвинетите, Бранко Палифров и Соња Верушевска, неодамна беа пуштени да се бранат од слобода. А првообвинетиот и петообвинетиот Верушевски и Лазаревски се наоѓаат во притвор. Тие се осомничени за неовластено прислушување, шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи.

Во меѓувреме, Верушевски, кој е и поранешен директор на УБК беше осуден на тригодишна казна затвор за службениот пиштол од МВР што го пронајде полицијата во неговиот дом.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG