Достапни линкови

„Пуч“ ќе чека специјален обвинител


Обвинителството побара да се укине мерката Заев да се појавува пред Судот во Струмица, но за сметка на тоа да му биде одземен пасошот. Одбраната чека случајот да го преземе специјалниот обвинител.

Судењето за случајот „Пуч“ во кој еден од обвинетите е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска беше повторно одложено. Јавното обвинителство побара на Заев да му се укине мерката на претпазливост, односно тој да нема обврска да се јавува секоја недела кај службено лице во судот во Струмица, а за сметка на тоа да му биде одземен пасошот. Заев на кого му беше вратен пасошот за да патува во странство за време на преговорите, има обврска да се јавува пред Судот во Струмица, но тој изјави дека не го прифаќа судот во Македонија и дека нема да се појавува на рочиштата за „Пуч“.

Поради предлогот на Јавното обвинителство и поради тоа што Заев не е присутен во судницата го одлагам рочиштето.
Љубинка Башеска, судијка.

За барањето на Oбвинителството треба да донесе одлука Кривичниот совет при Судот, по што судијката Љубинка Башеска го одложи рочиштето. Таа информираше и дека Заев добил покана за денешното судење.

„Поради предлогот на Јавното обвинителство и поради тоа што Заев не е присутен во судницата го одлагам рочиштето“, рече судијката Башевска.

Така да останува да видиме тековно политичкиот, односно правниот развој во Собранието како ќе се одвива, па потоа евентуално да изразиме свое мислење.
Ангеле Ивановски, адвокат на Заев.

Следното рочиштето е закажано за 5 октомври. Овој пат Башевска не спомена дали лидерот на СДСМ ќе биде стражарно проведен доколку не се појави и на следното судење, како што се закани на минатото рочиште.

Адвокатот на Заев, Ангеле Ивановски вели сосема е во ред мерката за одземање на пасошот, бидејќи шетањето до Струмица на обвинетиот е бесцелно. Според него, време е да се размислува и на тоа дека специјалниот обвинител од 15 септември ќе го преземе случајот по што Судот практично нема да биде надлежен за неговото решавање.

„Така да останува да видиме тековно политичкиот, односно правниот развој во Собранието како ќе се одвива, па потоа евентуално да изразиме свое мислење“, вели Ивановски.

Освен Заев кој е четвртообвинет во случајот „Пуч“, двајца од обвинетите, Бранко Палифров и Соња Верушевска, неодамна беа пуштени да се бранат од слобода. Првообвинетиот Зоран Верушевски и петообвинетиот Ѓорѓи Лазаревски се уште се наоѓаат во притвор . Тие се осомничени за неовластено прислушување, шпионажа и насилство спрема претставници на највисоките државни органи. Во меѓувреме, Верушевски беше осуден на тригодишна казна затвор за службениот пиштол од МВР што го пронајде полицијата во неговиот дом.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG