Достапни линкови

logo-print

Бошњаците во Сребреница страхуваат од српскиот градоначалник


Хатиџа Мехмедовиќ беше меѓу првите босански муслимани кои се вратија во Сребреница по војната во Босна. Таа беше решена да живее покрај гробовите на нејзиниот сопруг и нејзините два сина, убиени во масакрот по што овој град стана синоним за геноцид. Во понеделникот властите потврдија дека во Сребреница, каде што 8 илјади муслимански мажи и момчиња беа убиени, е избран Србин за градоначалник, за прв пат од масакрот.

За повеќето роднини на жртвите, изборот на Младен Грујичиќ, кој отфрла дека имало геноцид во Сребреница и покрај пресудата на Меѓународниот суд, е сигнал дека српската кампања од времето на војната за етничко чистење ги постигнала своите цели.

„Значи идеолозите кои се во Хашкиот трибунал, таа идеологија се уште трае и се спроведува. Што ќе донесе? Дај боже да не е она најлошото“, вели Хатиџа Мехмедовиќ.

Според неа, западната дипломатија не успеала да ја зачува мултиетничката демографија која ја карактеризираше Босна и Херцеговина пред војната која избувна во 1992 година.

Дејтонските мировни спогодби, постигнати со посредство на Соединетите Држави што ја запреа таа војна поставија сложена федералната структура со слаба централна власт со цел да се зачува Босна и Херцеговина како една мултиетничка држава.

Но, децентрализацијата во автономни кантони всушност претставува статус кво на она што го постигна завојуваните страни во конфилктот, велат критичарите.

Сребреница која пред војната имаше мнозинско муслиманско население, со мировниот договор се најде на територијата на Република Српска.

Во градот живеат 7,5 илјади луѓе од кои 55 насто се Срби, а 45 насто Бошњаци. Драгиќ Милошевиќ, жител на Сребреница вели:

„Не знам што да ви кажам, ни оваа влада досега не беше лоша, беше еднаква и за Србите и за муслиманите и за сите. Е сега како ќе биде од каде да знам“, вели тој.

Грујичиќ, пак, изјави дека е време да се стави крај на дискриминацијата врз Србите во Сребреница и негира дека Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг некогаш докажал дека масакрот бил геноцид.

Младен Грујичиќ

Младен Грујичиќ

„Кога ќе се докаже дека било вистина, јас ќе бидам првиот што ќе го прифати тоа“, изјави тој.

Зулфо Салиховиќ, локален политичар, кој беше еден од последните Бошњаци кои успеале да избегаат од Сребреница пред масакрот, е загрижен за иднината на Бошњаците во градот.

„Стравуваме дека Бошњаците и другите граѓани кои мислат поинаку од лидерите на српските националистички партии ќе биде понижени, малтретирани и дискриминирани“, рече тој.

Кога Бошњаците, повеќето од нив се постари жени кои сакаат да бидат во близина на гробовите на роднините,почнаа да се враќаат во Сребреница по 2000 година, меѓународната заедница, која е вклучена во мировниот процес во Босна, им вети заштита.

Сега тие се плашат дека ќе бидат принудени да ги напуштат своите домови повторно.

Масакрот, најголемото злосторство во Европа по Втората светска војна, ги предизвика западните воздушни напади врз српските сили со што беше ставен крај на борбите во 1995 година.

Хашкиот трибунал во почетокот на годинава го осуди лидерот на босанските Срби, Радован Караџиќ за геноцид на 40 години затвор.

На генералот на босанските Срби, Ратко Младиќ, и натаму му се суди за неговата улога во војната во која загинаа 100.000 луѓе.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG