Достапни линкови

logo-print

Референдум и опасни намери за отцепување


Референдумот закажан за 25 септември на кој граѓаните на Република Српска треба да се изјаснат дали поддржуваат на 9 јануари да се слави Денот на Републиката и натаму предизвикува бројни реакции и стана вистински политички полигон за меѓусебни партиски обвинувања.

Референдумот стана најсериозен терен за собирање политички поени и за национална хомогенизација, иако се уште не почнала официјалната изборна кампања пред локалните избори кои треба да се одржат на 2 октомври, анализира дописникот на РСЕ од БиХ Гордана Сандиќ - Хаџихасановиќ.

Референдум во Република Српска (ДС) за Денот на ентитетот, референдум во Сребреница за отцепување на општината од Република Српска... Сето тоа укажува дека Босна и Херцеговина влегува во опасен период, вели професорот од Сараевскиот универзитет Нерзук Чурак.

„Ние сега сме во ситуација во која симболичните прашања се поважни од егзистенцијалните. Сето тоа им оди во прилог само на владејачките етнонационалистички олигархии. Ако се продолжи со ваквиот начин да се враќа мило за драго, тоа само ќе доведе до ново насилство. Затоа сметам дека би било многу паметно ако повторно се засилат мировните сили во БиХ, бидејќи тоа би била една силна порака дека не се креваат раце од БиХ и дека не се откажуваат од тоа овде никогаш повторно да не дојде до насилство“, вели професор Чурак.

Претседателот на Граѓанскиот сојуз, Реуф Бајровиќ во Обвинителството на БиХ поднесе кривична пријава против претседателот на Република Српска Милорад Додик и против членови на Комисијата за спроведување референдум во РС.

„Бараме државното обвинителство да се вклучи и да се приведат, односно да се уапсат наведените лица со оглед на тоа што се соучесници во обидот да се сруши уставниот поредок. Кривичиот законик на БиХ јасно пропишува казни за уривање на уставниот поредок и бараме институциите на системот да реагираат. Исто така очекуваме да престане однесувањето како да сме немоќни, а постои систем кој треба да делува и да го заштити уставниот поредок“, изјави Бајровиќ.

Комисија за спроведување на референдум.

Комисија за спроведување на референдум.

Тоа ќе биде само уште еден повод да фрлање искри меѓу политичарите од двата ентитета, поради што е прекината сета политичка активност и запрени сите процеси. Претседателот на Партијата за демократска акција и член на Претседателството на Босна, Бакир Изетбеговиќ, изјави дека септемврискиот референдум е пробен балон за отцепувањето на РС од БиХ.

„Референдумот е почеток на уривање на Дејтонскиот мировен договор, почеток на уривање на мирот во БиХ и во овој дел на Европа. Со уривањето на уставот на земјата и државните институции се оди во беззаконие, анархија, хаос и несигурност“, порача Изетбеговиќ.

Не се чекаше долго на одговор од претседателот на Република Српска, Милорад Додик.

„Референдумот за Денот на РС не е никаков пробен балон, како што смета Бакир Изатбеговиќ. Тоа е прашање за нашиот статус и прашање за нашите животи. Никој не може на тој начин да го минимизира референдумот за Денот на Републиката“, рече Додик.

Дополнителни тензии на политичката сцена предизвика иницијативата на пратеникот Садик Ахмедовиќ во партијата на Изетбеговиќ, кој предложи да се спроведе референдум за отцепување на Сребреница од Република Српска.

За спроведувањето на референдумот во Република Српска ќе бидат потрошени 1,4 милиони конвертибилни марки или околу 700 илјади евра.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG