Достапни линкови

Студентскиот референдум успешен, на потег Сенатот


Иако референдумот поминал генерално мирно, организаторите велат дека на одредени факултети биле забележани притисоци од членовите на Студентскиот парламент врз студентите.

Првиот студентски референдум Студентскиот пленум го прогласи за успешен. На прашањето „Дали Студентскиот парламент треба да остане невладина организација како што е во моментот?“, потврдно гласале само 137 студенти, додека негативно се изјасниле 2615 студенти.

„Вчера студентите одржаа час по демократија, вчера студентите покажаа како треба да изгледаат едни студентски избори, вчера студентите им порачаа на СПУКМ: Ние сме вашиот крај! Затоа наредната среда ве покануваме на отворен пленум на платото на УКИМ кадешто заедно од тука ќе ја продолжиме борбата за УКИМ“, изјави Деа Здравковска од Студентскиот пленум.

Иако референдумот поминал генерално мирно, организаторите велат дека на одредени факултети биле забележани притисоци од членовите на Студентскиот парламент врз студентите и членовите на изборната комисија во пребројувањето на гласовите. Она што сега се очекува е одлуката на Сенатот. Комисијата која беше формирана летово, а која ја претставуваа членови од СПУКМ и Студентскиот пленум, достави два предлози за студентското организирање, а по нив треба да донесе конечната одлука.

„Доколку Сенатот не донесе одлука, сите факултети, единици на УКИМ, имаат законска обврска да донесат правилници за сопствено студентско организирање на сопствените факултети, но се надевам дека нема да дојде до тоа и Сенатот ќе донесе одлука во рамки на своите овластувања“, вели Горан Таневски од Студентскиот пленум.

Пленумци се задоволни од начинот на кој бил спроведен референдумот, имајќи ги предвид ограничените ресурси и краткиот период за изборна кампања.

„Задачата на овој референдум беше да го опипа пулсот на студентите. Сметаме дека тоа е сторено и дека сега Сенатот не може да каже дека не е запознаен со мислењето на студентите. Иако и досега беа запознаени. Иако сите професори, но и студентите од СПУКМ кои нелегитимно седат таму, знаат каков е ставот на студентите и знаат каде е решението. Овој пат бегање од проблемот нема. Нема да помине и со неодржување на седница на Сенат, овој пат излезот е да се донесе решение, а тоа е целосно реформирање на студентското организирање во рамките на УКИМ“, додава Таневски.

Моделот за кој се залага Студентскиот пленум е Студентскиот парламент при УКИМ да стане тело во рамки на Универзитетот, а со тоа да се зголеми контролата врз парите кои оваа невладина организација ги троши, како и да има увид во начинот на кои се вршат студентските избори. Оттаму повторуваат дека СПУКМ е дисфункционален и непостоечки, без слух за проблемите на студентите, но тука за нивните џебови.

Доколку не се дојде до саканото решение, протести велат нема да има, но останува извесно дека тогаш секој факултет, односно секоја единица на Универзитетот посебно, ќе мора да формира свој студентски парламент, односно модел на студентско организирање.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG