Достапни линкови

Професор Ферид Мухиќ вели дека употребата на сила против академски граѓани е заштитен знак на диктаторски режими. На овој начин, власта вежба употреба на сила, но и им се заканува, не само на студентите, туку на сите граѓани, вели тој.

Покажување мускули за закана против сите граѓани и продлабочување на и онака веќе длабоките поделби во општеството е синоќешната полициска интервенција против активистите на Студентскиот пленум. Стотина специјалци во полна опрема ноќеска насилно ги исфрлија студентите што протестираа, против, како што велат, кражбата на студентските избори, од просториите на Студентскиот парламент.

Професор Ферид Мухиќ вели дека употребата на сила против академски граѓани е заштитен знак на диктаторски режими. Тој вели дека на овој начин, власта вежба употреба на сила, но и им се заканува, не само на студентите, туку на граѓаните воопшто.

„Ова е предупредување до граѓаните. Мислете што ќе ве снајде на изборите. Ако сага вака постапуваме, значи ние сме подготвени бескомпромисно да ја водиме работата на максимално ниво на интензитет на употреба на сила против граѓанските слободи. Штом тука ја применуваме вака, можете да мислите што сè имаме и на што сè сме спремни кога ќе дојде време за гласање и мислете тогаш дали ќе протестирате или не. Тоа значи отворена закана и отворено демаскирање, така да кажам, власта ја симна маската и сега просто вели ние сериозно мислиме дека треба да се вардите од нас. Или ние или вие“, вели Мухиќ.

Тој вели дека ова е многу загрижувачки настан за кој не треба само да се бара објаснување, туку и одговорност.

Професор Илија Ацевски смета дека на факултетите подолго време постои напнатост и поделеност меѓу студентите по партиски линии. За жал, младите ги копираат политичарите, односно ги копираат изборите што се случуваат на државно ниво. Интервенција на полицијата е нејасна, зашто штити една група, а напаѓа друга, вели тој.

„Едноставно, ако е веќе тука, ако дошла, таа треба да интервенира за воспоставување некаков ред, ако е можно тоа, а мислам дека полициска интервенција од тој тип не може да воспостави ред. Таа е повеќе за притисок, многу лесно се препознава дека е ставена во функција на една страна“, вели тој.

Студентскиот пленум вчера имаше неуспешен обид да ги бојкотира изборите на нов студентски лидер на УКИМ. На крајот на гласањето на Правниот факултет, Студентскиот парламент, со помош на набилдани момчиња, за кои на социјалните мрежи и во дел од интернет медиумите излегоа информации дека се административци и активисти на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ги изнесоа гласачките кутии од факултетите за да ги носат во Студентскиот парламент, иако гласовите треба да се бројат на лице место по завршување на гласањето. Студентскиот пленум поради тоа ги блокираше просториите на Студентскиот парламент во центарот на Скопје. Вечерта дојдоа стотина специјалци со оклопни возила по што влегоа внатре и насилно ги извлекоа студентите што протестира и не пружаа отпор.

СПУКИМ изутрината соопшти дека Давор Поповски е избран за нов студентски лидер и оти на изборите кои се одвивале во „фер и демократска атмосфера“ излегле над пет илјади студенти. Студентскиот пленум, пак, вели дека во гласачките кутии имало по десетина ливчиња.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG