Достапни линкови

Комисија за да (не) се реши проблемот со студентските избори


На вонредната седница која се одржа утринава, УКИМ ги оцени изборите за нов студентски лидер како скандалозни, но не и како нерегуларни. Ректорската управа не сакаше ги поништи изборите.

Петчлена комисија ќе ги разгледува доказите за случувањата на изборите за лидер на студентите по одлука на ректорската управа на УКИМ. На вонредната седница која се одржа утринава, управата ги оценија изборите како скандалозни, но не и како нерегуларни. Тие не сакаа ги поништат изборите, односно да наложат Студентскиот парламент да организира нови избори в септември, што беше наведено во предлог заклучокот на деканот на Правниот факултет Борче Давитковски, кој во текот на гласањето ја напушти седницата.

„Черчил рекол ако сакаш еден проблем да не го решиш формирај комисија. Мислам дека ние имаме проблем и тој проблем треба, ако има добра волја меѓу двете страни, да го решиме во рамките на универзитетската заедница, затоа што очигледно забораваме дека членови на универзитетската заедница, покрај професорите, се и студентите“, вели Давитковски.

Со сличен став се и претставниците на Студентскиот пленум.

„Ние сме делумно незадоволни затоа што таквото формирање на комисии често доведува до тоа да никогаш проблемите да не се решаваат. И токму заради такви работни групи, комисии, ние и сме стигнати до овој степен таа специјална полициска единица да се пресметува со 20 студенти во маички на прерамки“, вели претставничката на пленумот Ивана Туфекџиќ.

Универзитетот доживеа да се организираат најлоши, најнедостоинствени, најнеакадемски студентски избори проследени со полициско присуство од формирањето на УКИМ, изјави ректорот во заминување Велимир Стојковски. Тој истакна дека улогата на ректорската управа може да биде само советодавна, затоа што работата на СПУКИМ е независна. Стојковски на почетокот на седницата ги отфрли обвинувањата во јавноста дека причините за проблемите на студентите лежат во самиот универзитет и посочи дека никој од Управата не ги повикал специјалните полициски единици.

„Ама факт е дека јавно кажавте на медиумите дека вие сте ги повикале два пати и дека СПУКМ ги повикале два пати. Значи самите студенти си повикале полиција, да бидеме на сосема чиста позиција“, рече тој.

На ваквото тврдење остро се спротивставија претставниците на Студентскиот пленум кои тврдат дека во полицијата побарале да пријават кражба на избирачки кутии и материјали и да пријават насилство.

„Ова беше скандалозно и сега веќе не ви се обраќам како декани и професори. Ви се обраќам како татковци, бидејќи секој ден од вас нам ни е татко. Во текот на она што го преживувавме во четвртокот, тоа е неприфатливо, не само за академската заедница, тоа е под човековото достоинство. Бараме УКИМ да не прифати студентски претставници избрани за вакви избори. Ова не е направено од некаков си туѓ интерес, ова е направено за ниту еден студент никогаш да не почувствува она што ние го почувствувавме. Бруталното исфрлање од полицијата бараме веднаш јавно да биде осудено“, вели Туфекџиќ.

За досегашниот претседател на студентскиот парламент Кирил Спироски, жртви на денот на изборите биле 35-те студенти кои биле заложници во студентскиот дом.

„Претседателот во заминување Кирил Спироски, т.е јас, бев брутално навреден, исплукан и повреден со тврд предмет од неконтролирана група луѓе кога се обидов да го напуштам објектот. Тие снимки не ги прикажуваат, каде што бев нападнат, човечкото достоинството, човековите мои права беа повредени, прегазени тој ден, меѓутоа не можат 35 студенти и две постари жени да бидат заложници на неконтролирана група што кога видовме дека се собира над 100, 150 луѓе кои не беа студенти таму, што требаше да направиме?“, изјави Спироски пред ректорската управа.

Незадоволни од ваквиот исход, Пленумците кои излегоа на протест на влезот на Ректоратот фрлија примероци од Етичкиот кодекс за кој велат дека е целосно погазен. Додека траеше седницата тие пред зградата на ректорската управа на видео бим прикажуваа видео инсерти од случувањата на изборите кои беа снимени од медиумите.

Во меѓувреме, на прес конференција пред Ректоратот, и Професорскиот пленум побара вонредна седница на Сенатотот на УКИМ, на којашто ќе се расправа за скандалозните студентски избори.

Во четвртокот вечерта специјални полициски единици интервенираа на протестот на студентите пред канцелариите на СПУКМ по несогласувањата со спроведувањето на изборите за студентски лидер.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG