Достапни линкови

Лакрдија од студентски избори


На Правниот и на Филолошкиот факултет нема паравани за гласањето кое треба да биде тајно. На гласачките ливчиња нема редни броеви, ниту пак соодветен печат, а гласачките кутии се обложени со бели листови за да не се гледаат ливчињата внатре, велат во Студентскиот пленум.

И покрај низата нерегуларности и технички недостатоци кои беа забележливи на некои од гласачките места, неуспешен беше обидот на Студентскиот пленум да ги спречи изборите за нов студентски лидер. На платото на УКИМ ве дочекуваат расфрланите флаери со ликовите на студенти од пленумот со дел од раководството на СДСМ. Но, на Правниот и на Филолошкиот факултет нема паравани за гласањето кое треба да биде тајно. На гласачките ливчиња нема редни броеви, ниту пак соодветен печат, а гласачките кутии се обложени со бели листови за да не се гледаат ливчињата внатре. Посочувајќи на сите овие недостатоци, од Студентскиот пленум се обидуваа да им докажат на студентите дека изборите се обид да се фалсификува студентската волја.

„Каде ги евидентираш ти гласачите? Каде? Не гледам јас лист сега овде. Ова вие си седите на маса и некој доаѓа и јавно гласа.“

„Добро, вие очигледно си ја исполнивте вашата желба. Сакате публицитет, еве ве има на сите телевизии.“

„Не, не сакаме публицитет. Еве студенти има од страна. Кој сака да гласа? Повелете гласајте. Кој ве спречува?“

„Но, вие ги спречувате.“

„Да, точно. Затоа што ти го злоупотребуваш нивното право. И сè додека го правиш тоа, ќе ги спречувам да го злоупотребуваш нивното право.“

Членовите на избирачките комисии не беа расположени за изјави пред микрофони. Кратко изјавија дека проблем немало сè додека не се појавиле пленумците, а за сите прашања поврзани со техничките проблеми немаа одговор. Од избирачката комисија на Филозофскиот факултет велат дека гласањето течело без проблеми и дека се задоволни од одзивот.

„Досега гласањето е во најдобар ред. Почнавме во 9 часот формално, завршува во 16 часот. Засега излезеноста е добра. Досега нема никакви инциденти, проблеми“, изјави Марија Цветковска од избирачката комисија на Филозофски.

Разговаравме со дел од студентите. Некои гласаа јавно, некои се предомислија кога ги видоа камерите, а за други, пак, изборите се апсурдни и нелегитимни.

„Двата студентски претставници кои се кандидирани, јас прв пат ги слушнав. Ниту знам кои се, ниту сум видел дека имаат програма. А како функционираат студентските парламенти најдобро може да видите на факултетите кадешто во еден тоалет нема сапуни и основните потреби на факултетите не се задоволени.“

„Со изборот на новиот лидер не мислам дека нешто ќе се промени, уште малку ќе даде на ова лудило некој стимуланс и дека оваа Бардовци политика што ја води студентскиот парламент ќе добие на императив“, велат анкетираните студенти.

РСЕ: Не ви пречи тоа што јавно гласавте?

Студентка: Ми пречи. Затоа и ливчето е неважечко.

На денешните избори гласаше и студентскиот правобранител Васка Бојаџи. За сите аспекти од начинот на кој се спроведува гласањето обратете се кај соодветната надлежна избирачка комисија, изјави Бојаџи по што го оствари своето право на глас.

„Доколку сметате дека е повредено некое ваше право, слободно поднесете писмена претставка. Јас не сум дел од изборна комисија и не би сакала да навлегувам во натамошни дискусии“, изјави Бојаџи.

За студентските избори нема цензус. Новиот студентски лидер може да биде изгласан и само со еден глас. За оваа позиција се борат двајца кандидати - Стефан Василевски и Давор Поповски кои во досегашните настапи во јавноста ветуваа програми со кои ќе ги надминат проблемите во високото образование. И едниот и другиот немаа намера да се откажат од изборите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG