Достапни линкови

Колку пари дава ВМРО ДПМНЕ за рекламирање во САД?


Архивска фотографија - Никола Груевски на средба со потпретседателот на САД Џозеф Бајден во Вашингтон.

Архивска фотографија - Никола Груевски на средба со потпретседателот на САД Џозеф Бајден во Вашингтон.

Груевски денеска заминува во САД. Според договорот со американската компанија Дашл груп, партијата ВМРО-ДПМНЕ од ноември лани им плаќа по 49. 500 долари месечно за промоција на партијата во САД. Нема информации дали договорот се уште е на сила.

Активностите на Дашл груп може да вклучуваат комуникации во корист на ВМРО-ДПМНЕ со официјални лица во американските извршни органи и членови или вработени во американскиот Конгрес и со други личности или организации вклучени во владини или јавни политики. Ова е дел од договорот на ВМРО-ДПМНЕ склучен со американската консултантска компанија Дашл груп во ноември 2015 година на неодредено време.

Според документите објавени на Американската државна агенција за регистрација за странски соработници во Министерство за правда, за сума од 49.500 американски долари месечно Дашл груп и обезбедува на партијата стратегиско консултирање во врска со политичките и јавни прашања пред владата на Соединетите Американски Држави, застапувајќи ги интересите на партијата.

Договорот со Дашл не се знае дали се уште важи. Но ако е во сила, тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ само на Дашл груп досега им исплатиле околу 500.000 американски долари.

Од партијата ни потврдија дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска заминува во куса посета на Соединетите Американски Држави, но не прецизираат со кого точно ќе се сретне таму. Со конгресмени и други личности, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека се уште ја немале точната агенда на Груевски.

Во меѓувреме некои медиуми објавија информации дека претседателот на партијата се обидувал да се сретне со демократскиот претседателски кандидат Хилари Клинтон, но дека до тоа немало да дојде.

Досега ВМРО-ДПМНЕ не негираше ниту еден договор со американските компании, а за изворите на финансирањето на партијата упатуваа на завршната пресметка која што е објавена на партиската интернет страница. Таму е објавен документ од 2014 година, според кој партијата имала приходи од речиси 238 милиони денари, односно 3,9 милиони евра, а расходите биле околу 222 милиони денари, односно 3,6 милиони евра.

Интересно е што основач на Дашл груп е Томас Дашл, поранешен сенатор од Демократската партија кој бил во американската политика од 1978 година, а во 1994 година бил избран и за лидер на демократите во Сенатот. Тој заедно со неговиот син Нејтан Дашл, кој ја раководи сега компанијата, се потписници на еден од трите документи за договорот со ВМРО-ДПМНЕ објавени на американското регистрационо биро.

Томас Дашл се сметал и за близок до претседателот во заминување на САД Барак Обама, бил поддржувач на неговата кандидатура, па дури и му било понудено место во администрацијата. И неговиот син Нејтан е близок со демократите, па пред да се префрли професионално во компанијата основана од татко му, бил извршен директор на Асоцијацијата на демократски гувернери. Таа пак е директно поврзана со демократската партија во САД, а во асоцијацијата бил еден од клучните луѓе од 2007 до 2010 година.

Во февруари годинава претставник на Дашл груп бил и во Македонија, а и трошоците од околу 9.700 долари се пријавени во американското регистрационо биро. Во април годинава, по аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, Нејтан Дашл подготвил и извештај за ситуацијата во кој наведува дека во Македонија има значително назадување. Во документот испратен до, како што пишува, „заинтересираните страни“ се наведува дека е возможно разрешување на актуелната ситуација, но дека е потребна значителна соработка и јасно разбирање на ситуацијата на теренот. Напишано во одделни пасуси, извештајот дава информации за претседателот Иванов, неговата одлука за аболирање, реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, протестите, меѓународните реакции и за изборите, тогаш договорени за петти јуни.

Ова не е прва американска компанија што ја ангажира ВМРО-ДПМНЕ. Претходно партијата за месечна сума од 53 илјади американски долари ја ангажираше Њу партнерс консултинг за активности поврзани со односи со јавноста, конкретно да обезбеди промовирање на Македонија, особено улогата на Никола Груевски во епицентарот на бегалската криза. Таа консултантска фирма во последните пет години меѓудругите работела и за потребите на американскиот претседател Барак Обама.

И Глобал Секјурити иноватив стратегис беше ангажирана од декември 2015 до април 2016 година за вкупна сума од 140 илјади долари месечно со цел меѓудругото „запознавање на владините претставници на Соединетите Американски Држави за напорите на ВМРО-ДПМНЕ за надградба и подобрување на односите меѓу Македонија и САД“. Во оваа компанија директор е Марк Суливан кој исто како и првите луѓе на Дашл груп имал политичка кариера. Во 2006 година републиканецот Џорџ Буш од позиција на претседател на САД го назначил Суливан за директор на тајната служба.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG