Достапни линкови

logo-print

Само половина од пензиите од пензиско осигурување


Илустрација

Илустрација

Владата предизборно ги части пензионерите, а Светската банка предупредува на состојбите во македонскиот пензиски систем. Догодина дури 452 милиони евра, односно 45 отсто од пензиите ќе се исплаќаат од буџетот, а не од пензиските придонеси. Прашањето е ќе дочекаат ли идните генерации да земаат пензија поради денешниот популизам?

Светската банка предупредува дека пензискиот систем на Македонија е фискално неодржлив на среден рок. Пензиите растат, бројот на пензионери расте, но приходите во Фондот за пензиско осигурување не го следат тој тренд, па дупката во пензискиот фонд, која од година в година е сè поголема, се пополнува со пари од буџетот. Со ребалансот на буџетот за годинава, предвидено е во пензискиот фонд да се префрлат 432 милиони евра за да има навремена исплата на пензии. Во предложениот буџет за догодина, пак, се предвидува за пензии да се префрлат дополнителни 452 милиони евра, што е 45 отсто од вкупниот буџет на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Поранешниот заменик министер за економија, Зоран Витанов, вели дека дупката во пензискиот систем се должи на стареењето на населението, односно на малиот број на вработени во однос на пензионери, како и на иселувањето на работоспособното население.

„Но, тука има и многу други субјективни фактори. Треба да се види како партиите, тоа можеби е работа и за СЈО, јас не сум правник за да навлегувам, на кој начин недомаќински, неодговорно, а често пати можеби и незаконски го празнат Фондот со нефункционално и сомнително трошење на парите, па вработеноста во фондот, како се пласираат понатаму тие средства, има многу фактори. Плус државата може инцидентно да интервенира, а не постојано од буџетот да се даваат 45 отсто од сите средства на Фондот, тоа е и неуставно, не само незаконски“, вели тој.

Светска банка посочува дека една од причините за продлабочување на дупката во Фондот за пензиско е и на намалување на стапката за придонеси од 21 на 19 отсто во 2009, па на 18 отсто наредната година. Витанов вели дека тоа е популистичка мерка.

„Кога луѓето кратковидно ќе го погледнат тоа ќе си речат еј супер, мене сега ми се помали давачките, меѓутоа долгорочно сите ние си ја сечеме гранката на којашто седиме, ама тогаш таа влада нема да биде на власт и проблемот ќе падне на некој друг, а ние сега сме испаднале популарни и симпатични. Фондот, еве јас јавно кажувам, е прашање на време кога ќе објави банкрот. Јас како човек што има 45 години сум цврсто убеден и сто отсто знам дека нема да доживеам пензија од тој фонд, а го полнам веќе 25 години“, вели тој.

Македонија има едни од најниските стапки на придонеси за пензиско осигурување во Европа и централна Азија. Пониски стапки имаат само Косово и Казахстан.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG