Достапни линкови

logo-print

Пензионерите гласаат, сите им се умилкуваат


Архивска фотографија - Пензионери од Скопје во присуство на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во посета на Археолошкиот музеј.

Архивска фотографија - Пензионери од Скопје во присуство на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во посета на Археолошкиот музеј.

Во Македонија има околу 300 илјади пензионери. Тие години наназад се главниот таргет на Владата имајќи предвид дека тие редовно излегуваат на избори. Низа мерки се преземаат со цел да се придобие нивниот глас. Пензионерите се задоволни од мерките, но некои велат дека тие се со цел властите да ја добијат наивната поддршка. Експертите се согласни оти мерките се во корист на властите, но и дека цената за нив ќе ја отплаќаат наредните генерации.

Бесплатен железнички и автобуски превоз, бесплатна бања, зголемени пензии, намалени цени на лекови, бесплатно болничко лекување за пензионерите кои земаат пензија под просечната, како и бесплатно скијање. Ова се дел од мерките кои ги презема Владата за подобрување на животот на пензионерите во земјата. Пензионерите години наназад се главниот таргет на Владата имајќи предвид дека тие редовно излегуваат да гласаат на избори. Во Македонија има околу 300 илјади пензионери, но нема податоци колку точно од нив гласале. За 2016 година, односно од септември е предвидено ново зголемување на пензиите за пет проценти, а продолжува и спроведувањето на веќе постоечките мерки. Повеќето од пензионерите кои ги анкетиравме велат дека се задоволни од мерките кои ги презема Владата, но некои од нив воопшто и не ги користат.

„Некого му е доволно, на некого не, тие што не се задоволни реагираат. Јас сум пензионер, но не го користам бесплатниот автобус. Цел живот сум по спортот, скијам, но на шега велам дека на стазите каде се скијат пензионерите покрај амбулантно возило, треба да стои и погребално возило, малку црн хумор.“

Бесплатен туристички викенд за пензионерите во Дојран.

Бесплатен туристички викенд за пензионерите во Дојран.

„Од оваа Влада пензионерите досега имаат голема корист, сите оние придобивки кои ги даде премиерот, како бесплатни бањи, зголемување на пензии. Јас бев лекар и кога отидов во пензија, пензијата ми беше мала, оти тогаш и платите на лекарите беа помали. Но со зголемувањето на пензиите од премиерот Никола Груевски јас веќе земам некаде за околу 5-6 илајди повисока пензија.“

„Немаме никакви забелешки, само малку пензиите се мали“, велат анкетирани граѓани.

Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери Драги Аргировски истакнува дека мерките кои се преземени во интерес на пензионерите се и со нивна заложба, како подобрување на стандардот и достојна старост. Според него, во последните девет години пензиите се зголемени за 70 проценти, а просечната пензија изнесува 212 евра. Најниската пензија пак е зголемена за 90 отсто и изнесува 8.430 денари.

„Таква висока просечната пензија нема никој во нашиот регион. Ева на пример во Србија просечната пензија е 190 евра, Албанија 140, во Бугарија 135, во Грција не е познато колку е, ама таму има голем пад на висината на пензиите поради ситуацијата, кризата таму, така што и пошироко имаме повисоки просечни пензии и говорејќи од таа гледна точка треба да бидеме задоволни“, вели Аргировски.

Политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ вели дека пензионерите во Македонија не се само оние кои најчесто излегуваат на избори, туку се и единствената група на гласачи која има редовни примања, без разлика колку се високи или ниски.

„Владата со мерките во последните неколку години само ги купува пензионери да бидат нивни гласачи.“

Економскиот аналитичар Слободан Најдовски смета дека е очигледно оти Владата ги има таргетирано пензионерите во функцијата на политичка злоупотреба за изборите. Според него, секако дека пензионерите заслужуваат повисок стандард, бидејќи додека работеле придонесувале за полнење на пензискиот фонд.

„За жал, со политиката што ја води актуелната Влада во правец на ослободување на плаќање на придонеси за пензиско осигурување ги намалува приходите во Пензискиот фонд, а со тоа ја загрозува самата финансиска стабилност на Фондот, но Владата со политика која ја води од денес за утре, за да не ги изгуби пензионерите за гласачи и за да ги придобие во што поголем број, измислува најразлични начини кои од една страна се позитивни за пензионерите, но од друга страна не се ускладени со приходите што ги има Пензискиот фонд“, вели Најдовски.

Агрировски не сака да ги поврзува мерките за пензионерите со гласањето на изборите.

„Секоја влада си прави своја политика. Ние бевме многу повредена социјална категорија. Уште за време на транзицијата најпогодени беа пензионерите и стечајците“, вели Аргировски.

Тој додава дека и ЕУ со своите програми ги охрабрува пензионерите да соработуваат со властите и со политичките партии за да ги решаваат нивните проблеми.

Некои од пензионерите признаваат дека мерките се со цел власта да ги придобие нивните гласови на избори, но некои, пак, сметаат дека тоа воопшто не е случај.

Стојадиновиќ истакнува дека има пензионери кои се свесни и кои се директно засегнати од лошите политики на власта и тие што се свесни за манипулацијата семејствата или им се иселени или им се невработени.

„Тие кон не се свесни, не можеме да кажеме дали се мал или голем процент, но се луѓе кои не се многу заинтересирани за политика и важно им е дека нешто добро се прави за нив, и нешто, како наводно, државата се грижи за нив, а всушност е само прикриено ограбување по кон знае кој пат на пензионерите.“

Според Најдовски парите кои се трошат за пензионерите го ставаат пензискиот фонд во една нестабилна ситуација.

Пензионерите се жалат и дека и покрај тоа што имаат редовни примања, пензиите може да бидат повисоки, при што им помагаат и на нивните деца и семејства. Пензионерите сметаат дека Владата треба да презема повеќе мерки за зголемување на животниот стандард на наредните генерации.

Агрировски признава дека не само пензионерите се заинтересирани за покачување на пензиите, туку и нивните деца и семејства, што значи, како што истакнува тој, околу 900 илјади граѓани се засегнати од тие примања.

Најдовски наведува дека придобивките кои ги добиваат пензионерите не се бесплатни, тие ќе мора да се платат во иднина како резултат на политиката на оваа власт.

Во светот исто така е во пораст трендот на зголемување на бенефициите за постарите. Некои експерти единственото објаснување за ова го гледаат во политиката. Односно, зошто да се мисли за иднината кога тоа сега не носи гласови на изборите.

Гоце Атанасов

Во индустријализираниот свет, владите брзаат да им даваат пари на постарите. Германската влада не само што ја намали возраста потребна за заминување во пензија, туку неодамна објави нивно зголемување за пет отсто, што е најмногу од 1993 година. Токму тоа беа и првите потези на новата полска влада. Во исто време кога буџетите се затегнуваат овој тренд може да изгледа неразумен. Но, ова зголемување на бенефициите за постарите има единствено објаснување: политиката.

Како што популацијата во Европа и во Јапонија старее, така и демографската пирамида забрзано се превртува и сега наместо војна меѓу класите испливува војна меѓу генерациите, оценува Харолд Џејмс, професор по историја и меѓународни односи во универзитетот Принстон. А, таа војна, како што додава, се води пред сè во гласачките кутии, односно старите луѓе ги добиваат изборите, додека младите остануваат дома. Притоа штети трпат националните буџети, односно рамнотежата меѓу образованието, пензиите, здравството и даноците. Со овој судар е скршен меѓународниот пакт кој долго време ја чуваше социјалната и политичката стабилност.

Каков мотив би имале владите да се грижат за луѓе кои се уште не се дојдени на свет во однос на сегашните гласачи? Фокусот врз сегашноста има многу подалекосежни последици. Импактот особено е тежок во контекст за пазарот на трудот. Во некои земји младите типично се обидуваат да ги напуштат колку што е можно побргу. Особено во Медитеранските земји невработеноста меѓу младите достигнуваат рекордно ниво благодарение на комбинацијата на проблематичните макроекономски политики. Подобар пристап кон овој проблем би можело да го намали егзодусот на младите како што всушност направи Ирска кон крајот на минатиот век. Тамошниот брз економски раст натера многу квалификувани работници кој претходно ја напуштија земјата да се вратат и да поттикнат уште поголем развој. Но за да се направи тоа земјите треба да бидат поотворени и повеќе иновативни, што не мал подвиг особено кога постарите ја имаат политичката контрола. На штета на младите не одат само националните економии.

Сегашните генерации претставуваат своевиден данок за нивните наследници со оглед на нивните можности за живеење. Некои коментатори ваквиот товар многу побрутално, наведувајќи дека сегашните генерации всушност ја колонизираат иднината, како и европските колонизатори во минатото, грабајќи ги богатствата на Земјата, оставајќи им ја осиромашена на оние што тие ги колонизираа. Може да се каже дека е безнадежно наивно да се очекува алтруизам од сегашната генерација. И, секако во денешната самозадоволна култура тешко може да се очекува луѓето да ги стават интересите на идните генерации на прво место. Засега, сигурносниот вентил што го обезбедува движењето на трудот може да го намали револтот кај младите против себичноста и самозадоволството на старите. Прашањето е што ќе се случи кога можностите надвор во странство нема да бидат подобри од оние дома, заклучува професор Харолд Џејмс.

Ја реобјавуваме саботната анализа што првично беше објавена на 16 април годинава.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG