Достапни линкови

logo-print

Минималната плата навистина е минимална


Илустрација

Илустрација

Платите во Македонија може и да бидат повисоки, но се одржуваат на ниско ниво поради големата невработеност.

Во повеќе сектори во македонското стопанство постојат реални услови минималната плата да биде зголемена, но ниското ниво се одржува поради големата невработеност и слабата конкурентност на пазарот на труд. Ваков е ставот на дел од економистите, откако деновиве опозициските политичари го актуализираа прашањето, велејќи дека минималната плата треба да изнесува 12 илјади денари во сите сектори во економијата.

Економскиот аналитичар Слободан Најдовски коментира дека минималната плата треба да биде поврзана со месечните трошоци на граѓаните. Тој, разграничувајќи ја состојбата во јавниот и приватниот сектор, објаснува дека јавните претпријатија можат да ги зголемат минималните плати само ако подобро се организираат и го ограничат бројот на вработените според потребите на компаниите, а не на партиите.

„Додека во приватниот сектор мислам дека голем дел од стопанствениците ја злоупотребуваат ситуацијата на големата невработеност и од тој аспект, посебно за ниско образованите кадри, исплаќаат ниски плати. Мислам дека самите треба да појдат од искуството коешто го има во развиените држави каде компаниите ги стимулираат вработените што повеќе да постигнуваат поголеми резултати во своето работење. Таму претпријатијата, освен што исплаќаат повисоки плати, доделуваат и дел од дивидендата во вид на акции за да ги заинтересираат вработените за поголема продуктивност“, вели Најдовски.

Од оваа година нето износот на минималната плата во Македонија е 10.080 денари, додека на вработените во одделите на производството на текстил, облека и кожа им се исплаќа минимум од 9.000 денари.

Претседателот на синдикатот за рударство, енергетика и индустрија Пеце Ристески вели дека во Македонија има услови за повисоки плати, но тој укажува и на прекршување на Законот за минимална плата. Тој вели оти има случаи кога сопствениците, откако ќе им дадат плати на вработените, бараат дел од парите да им бидат вратени.

„Добар дел од претпријатијата солидно работат, но и таму имаме прекршување. Значи на вработените да им се исплати на рака и луѓето да враќаат пари, а има и случаи кога самиот работодавач располага со банкарските картички на вработените. Значи, такво јавување имало кај нас како Синдикат, меѓутоа тоа е тешко докажливо, бидејќи работникот за да не го загуби работното место тоа го премолчува пред надлежните органи“, вели Ристески.

За споредба, на оние 162 евра загарантирана минимална плата во Македонија, единствено пониска сума примаат вработените во Косово и Албанија каде законскиот минимум е 130 евра, односно 150 евра. Во Србија минималната плата изнесува 180 евра, во БиХ и Црна Гора 190, Хрватска 400, а во Словенија 790 евра. Во Германија минимална прата е 1.700 евра, во Холандија и Велика Британија 1.500, а Франција 1.450.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG