Достапни линкови

Во внатрешноста може да сонуваат просечна плата


Слободан Најдовски
Слободан Најдовски

Половина е македонската економија е во Скопје, па со тоа и просечно исплатената плата по региони е катастрофално лоша, вели поранешниот пратеник Слободан Најдовски во разговор за Радио Слободна Европа.

Господине Најдовски, според последните податоци од Државниот завод за статистика, просечна плата во Македонија е 22 илјади денари, додека средната плата во земјава не е поголема од 13 илјади денари. Што значи тоа?

По сè изгледа дека испаѓа како онаа познатата народна – Некој јаде кисела зелка, некој месо и заеднички јаделе сарма. Не само кога е во прашање платата, туку и за кој било податок, кога ќе се земат просечните вредности, често пати доаѓаме до искривена слика, до погрешни заклучоци, затоа, според мене, потребна е една поцелосна, внатрешна, длабинска анализа на исплатените плати во државата, за да добиеме појасна претстава за каква е состојбата на исплатата на платите. Од голите бројки кои произлегуваат од Државниот завод за статистика може да се види дека одредени категории вработени, поради високата плата, иако се помал број, незначителен број во вкупниот број на вработени, го подигнуваат просекот на исплатената плата, но тоа не значи дека е добра ситуацијата со платите на поголемиот број на вработени.

Дали покачувањето на просечната плата во земјава значи дека се подобрува животниот стандард на граѓаните?

Мора да се направи таа споредба со растот на трошоците за живот на граѓаните за да се согледа како тоа се одразува на животниот стандард. Најголем дел од граѓаните се далеку под исплатената просечна плата, а со самото тоа се покажува дека имаат исклучително низок стандард на живеење и затоа кај нас и стапката на сиромаштија е толку висока, иако често пати тие бројки се фризираат. Според мене, многу е важно Државниот завод за статистика да даде податок каква е просечно исплатената плата по региони во државата, имајќи предвид дека податоците за бруто - домашниот производ изразен по региони во државата се фрапирачки и, би рекол, лоши, споредени по региони, имајќи предвид дека половина од Бруто – домашниот производ се создава во главниот град на државата и самото тоа повлекува на заклучок дека и просечно исплатената плата по региони е катастрофално лоша, на штета на граѓаните коишто живеат надвор од Скопје.

Што мислите зошто Државниот завод за статистика не прави истражувања како порано за потрошувачка кошничка?

Најверојатно, имајќи предвид дека државните институции кај нас се строго партизирани, својата професионалност ја подредија на партијата. Сметам дека во последните години не сакаат да излезат со тој податок за да не се согледа навистина колкаво е нивото на сиромаштија во Република Македонија.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG