Достапни линкови

Владата има интерес платите да бидат минимални


Илустрација
Илустрација

Работам и земам седум илјади плата, барем да земам 12 илјади, па да можам да врзам крај со крај. Оваа изјава на една анкетирана граѓанка го покажува очајното ниво на платите во Македонија.

Невработеноста не е единствената болка на македонскиот народ. Не помалку боли и нискиот животен стандард, кој соодветствува со ниските плати. Ваквата оценка на стручната јавност ја поткрепуваат и последните податоци на Државниот завод за статистика. Според нив, околу 60 проценти од вработените лица примаат плата од 8.000 до 20.000 денари, што е под нивото на просечна плата во Македонија. Наспроти ова, само 16 проценти од вработените имаат плата еднаква или малку повисока од просечната, а само 1,2 проценти од вработените се во категоријата највисоки месечни примања.

„Работиме, ама што земаме, 7000 денари? За што попрво? Барем 12 илјади да имаме. па да врземе крај со крај.“

„Работиме колку само давачките да си ги платиме и ништо друго.“

„Месечните приходи доста варираат. Кога двајцата сопружници би работеле, би можело еден скромен живот да се живее“, велат дел од граѓаните што ги прашавме дали и како се живее од македонска плата.

Неколку фактори се одлучувачки за висината на платата, објаснуваат економистите. Основната причина е големата невработеност, а со тоа и големата конкуренција на пазарот на трудот. Вториот фактор е тоа што најголемиот дел од домашните фирми не носат висок профит, како на пример вработените во земјоделството или градежниот сектор. Третата причина за ниските плати е отворањето на нови работни места во слободните економски зони, каде што ретко каде платата е повисока од 200 евра.

„Наместо странските инвестиции да придонесат за зголемување на платата, ние имаме обратен ефект. На пример, ако некој странски инвеститор му плаќа на работникот плата околу 200 евра, зошто тогаш некој кој го има истиот фактор во друга фирма, би му дал повисока плата? Напротив, многу од домашните стопанственици видоа дека македонскиот народ е подготвен да работи за многу ниска плата“, вели економскиот аналитичар Слободан Најдовски.

Од друга страна, Најдовски вели дека ниското ниво на платите е поврзано и со синдикалното организирање. Кај нас синдикатот, наместо да ги штити интересите на вработените, ги штити интересите на стопанствениците и полтронски се однесува кон Владата, вели тој.

Логично е отворањето на нови работни места кои постојано ги истакнува Владата, да значат и поголема конкуренција на пазарот на труд, како и повисоки плати. Но, кај нас тоа не е случај, велат упатените.

„И оние вработувања коишто ги прави Владата со својата програма Македонија вработува што е смешна, не претставува ништо друго освен еден популистички потег бидејќи и во тие случаи најголем број од вработувањата се исклучиво за задоволување на одредени барања од одредени свои членови во партијата и смирување на притисокот за невработеноста“, изјави Најдовски.

Ниските плати значат и ниски придонеси во социјалните фондови. Економистите велат дека при склучувањето договори со странските инвеститори, Владата се обврзува да ги плаќа социјалните придонеси за пензиско и инвалидско осигурување. Во нејзин интерес е платите на работниците да бидат пониски за да се намалат расходите од буџетот по основ на компензациите за придонеси на вработените, вели Најдовски.

Зголемувањето на платата на тие вработени, би значело автоматско зголемување на расходите на Владата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG