Достапни линкови

Економијата на пауза до излез од политичката криза


Илустрација

Илустрација

Компаниите ги одложуваат одлуките за нови инвестиции додека трае политичката криза. Бизнисот е во исчекување на изборите и распоредот на политичките сили по нив.

Претставниците на бизнис секторот на кои им е потребна стабилна политичка клима изборите ќе ги дочекаат во атмосфера на очекување, велат експертите кои додаваат дека до тогаш нема да има промени во економијата и покрај постигнатиот договор за избори на 11 декември. Според професор Ванчо Узунов, до изборите нема да има добри вести во врска со странските инвестиции и економскиот раст каде што политичката криза, во која се наоѓаме подолго време, донесе пропратни економски ризици. Тој посочува дека и понатаму ќе има исчекување како ќе бидат изведени изборите и каков ќе биде распоредот на политичките сили и оти потоа евентуално може да се очекува во нормален колосек да се врати инвестирањето.

„Веќе имаме покажано во минатото дека дадено ветување за избори не значи дека навистина ќе се одржи или какво ќе биде и уште помалку прилично е неизвесно каков ќе биде распоредот на политичките односи по изборите. Така што, кој било сериозен инвеститор до крај на годината месеците сигурно ќе ги дочека во латентна состојба, во мирување. Да види што де факто ќе се случи. Од догодина можеби и ќе има некакви позитивни поместувања, но велам можеби. До изборите ама баш ништо“, вели тој.

Директорот на слободните економски зони Виктор Мизо деновиве изјави дека во време на политичка криза странските инвеститори само ги пролонгирале одлуките за инвестирање, но во ниеден момент не се откажале. Узунов истакна дека сега може да се очекува да инвестира само некој кој решил да влезе и е во финална фаза, но оти одлуките за инвестирање се носат пред година или две.

Македонија стана сè помалку интересна за странските инвеститори со пролонгирањето на политичката криза. Поранешниот гувернер на НБРМ Љубе Трпески прогнозира подобри изгледи за економијата по постигнатиот договор и одредувањето датум за избори. Тоа е позитивен сигнал за странските инвеститори дека кризата е надмината, вели Трпески, но додава дека останува да се види дали партиите ќе го почитуваат тоа што е договорено.

„Не е сосема надминато, ќе има и понатаму одредено исчекување да се види дали добро ќе бидат изведени изборите, дали ќе ги признае меѓународната заедница и потоа се очекува да се врати во нормален колосек инвестирањето од странците“, вели тој.

Трпевски дополнува дека без разлика што партиите го договорија датумот за избори, не може да се каже дали во наредниот период ќе има зголемување на економската стапка на раст. Според него, тоа зависи и од случувањата во економијата во Европа и особено во Германија.

Професор Узунов оценува дека во најдобар случај економскиот раст ќе се одржи на нивото на коешто е сега.

„Значи беше прогнозата за ова година околу 2 отсто, да бидеме среќни да биде толку на годишно ниво растот за оваа година“, вели Узунов.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG