Достапни линкови

logo-print

Глигоров - Има организиран грабеж на општествениот имот


Државата успеа да ја намали корупцијата на пониските ешалони и ние мислевме дека тоа е добро, дека навистина се занимава со борба против корупцијата, меѓутоа од друга страна гледаме дека постои некој вид на организиран грабеж на општествениот имот на највисоко ниво, вели стопанственикот Венко Глигоров во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Глигоров, вие сте успешен стопанственик чија работа е директно поврзана со економските политики во земјава. Токму затоа ве прашувам, навистина ли бизнис климата во Македонија е толку поволна како што нè уверуваат надлежните?

Добро, јас сум стопанственик, но поголем дел од моето време го користам на анализи, соработка со други бизнисмени, активен сум во тие општествени дејности, имам прилично добра комуникација и може да споделам прилично добра анализа. Некако се издвојуваат неколку групи на бизнисмени кои ја оценуваат бизнис климата, односно опкружувањето. Оние извозно ориентираните од трговските зони, Бунарџик и останатите, тие се релативно задоволни зашто ние им плаќаме сè, немаат многу директни допирни точки со домашното стопанство, освен со неколку фирми, така што тие, може да се каже дека се задоволни или биле задоволни. Сега политичката ситуација малку ги загрижува, но генерално се задоволни. Има фирми коишто соработуваат со власта, земаат тендери и слично, тие ќе ви кажат дека е супер деловната клима, ваква влада немало досега и нема ни да постои, меѓутоа имате една многу поголема група на реални бизниси, коишто не работат директно со државата, коишто се мачат секојдневно со предизвиците и со бизнис климата, но и со купувачи и добавувачи и тие може да кажат дека олку лошо не било можеби 25 години, уште од транзицијата. Останува уште една мала група реални фирми коишто работат извоз и коишто се релативно задоволни од пласманите, но не се задоволни од целокупната клима во Македонија, ги загрижува ситуацијата, протести, премногу раскараност, поделеност, има исто така и неликвидност и во голем дел непрофесионалност од државните институции.

Ја споменавте политичката криза. Какви последици чувствува бизнис заедницата од кризата која веќе долго трае?

Има неколку нивоа на таа политичка криза. Таа прво е последица од слабото работење на институциите на државата во последните години. Ако имате партизирани институции, ако имате бавни процеси, ако имате многу корупција и слично, тоа директно влијае на работењето и на бизнисите. Дополнително, ако не е изразена волјата на гласачите и ако некоја одредена група или партија излегуваат и велат дека не е добро и треба да се менува и ако тоа трае со месеци, тоа дополнително ја влошува кризата, со оглед на тоа што два-три месеци имаме луѓе на улици, на работа послабо се мисли, има слаба концентрираност, никој не знае што ќе се случи, тоа влијае на продуктивноста на вработените и влијае на сите нас. Ако ги анализираме сите показатели за оваа година, имаме пад и на странски директни инвестиции, има пад на реалниот бизнис, на оние домашни македонски компании кои со години работеле успешно, имаат намалување на приходи, намалување на профит, единствено имаме незабележителен раст на БДП-то, меѓутоа тоа се должи претежно на извозните странски инвестиции и делумно на градежништвото, сè друго е со многу слаби перформанси.

Господине Глигоров, колку бизнис заедницата е подложна на корупција, којашто е навлезена малтене во секој сегмент на општеството?

Видете, корупција има секаде. Да не се лажеме дека во други земји нема и дека може да се искорени до крај, меѓутоа имате корупција и имате криминален начин на водење на држава. Имате корупција на разни нивоа, имате корупција и на највисоко ниво, а не само на подолните. Кај нас, со тек на годините, некако државата успеа да ја намали корупцијата на пониските ешалони и ние мислевме дека тоа е добро, дека навистина се занимава со борба против корупцијата, меѓутоа од друга страна гледаме дека постои некој вид на организиран грабеж на општествениот имот на највисоко ниво. Борбата против корупцијата треба да се постави на сите нивоа. Во нашиот случај, како што слушнавме од „бомбите“, најопасна е корупцијата или организираниот грабеж кога се осмислуваат проекти, не за да се направи нешто, туку тие проекти се осмислуваат со однапред познати фирми и распределени пари само колку да се одлеат пари од државната каса и да одат во приватни џебови. Таа е најлошиот вид корупција, и како што слушнавме од „бомбите“, се работи за огромни износи на испумпување од економијата, што е штетно за сите нас. Штетно е да кажам и за роднините и пријателите што ќе живеат тука на тие луѓе што се занимаваат со таков вид на корупција. Кај нас во последните години гледаме дека постои појава на имагинарни бизнисмени. Има сомневања дека истите тие политичари отвораат сметки во странство и потоа сами со себе си се договараат. Така што, тие што се реални бизниси воопшто не ни стигнуваат до можноста за корупција. Затоа е добро да има смена на власта, зашто кога една власт премногу долго владее, таа се етаблира, се канализираат парите и сето тоа оди по партиска директива без можности за средства за подобрување на услугите кон граѓаните.

Целото интервју со стопанственикот Венко Глигоров може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG