Достапни линкови

Задоцнети реакции за еврообврзницата


Илустрација
Илустрација

Владата уште од почетокот на годинава најави дека само во текот на оваа година планира да го зголеми јавниот долг за половина милијарда евра, но пошироката јавност не реагираше до објавувањето на еврообврзницата.

Прасе не се гои во очи Божиќ. Оваа стара изрека уште еднаш се потврди со неуспехот да се спречи новото задолжување со еврообврзницата за која јавноста почна жестоко да негодува дури откако беше објавена. Сепак, владата ги најави овие задолжувања уште во Фискалната стратегија за периодот 2016-2018 година, како и со ребалансот на буџетот, но тогаш отсуствуваше посилна реакција од пошироката јавност, иако имаше критики од страна на опозицијата и од дел од стручната јавност.

Во Фискалната стратегија, како што објавивме на почетокот на годинава, се наведува дека владата планира да го зголеми долгот за 1,6 милијарди евра во наредните три години. На крајот на март годинава, јавниот долг изнесувал над 4,3 милијарди евра, односно 45 отсто од БДП-то. Фискалната стратегија предвидува, до крајот на годинава долгот да достигне 49,1 отсто од БДП-то, односно да надмине 4,7 милијарди евра. Планираното зголемување на долгот од 400 милиони евра е постигнато токму со еврообврзницата, која на крајот тежеше 450 милиони евра.

Со ребалансот на буџетот, пак, кој е во собраниска процедура, и извесно е дека ќе биде изгласан, се предвидува државата да го намали задолжувањето дома и да го зголеми задолжувањето во странство. Па така, наместо за првично планираните 371 милиони евра, со ребалансот се предвидува државата годинава од странство да позајми 556 милиони евра. Во првите четири месеци од годинава, на странските пазари се позајмени само 36 милиони евра. Ако на ова се додаде и еврообврзницата, владата си остава простор за задолжување уште 70 милиони евра во странство до крајот на годинава.

Шарената револуција го обои Министерството за финансии
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:08 0:00

Поранешниот гувернер на Народната банка Петар Гошев вели дека пошироката јавност најчесто реагира задоцнето зашто не ги следи случувањата во општеството професионално, а стручната јавност никој не ја слуша.

„Многу податоци се фризирани, многу податоци се неточни, многу информации се скриени, огромна пропаганда се врши секојдневно, така што многу луѓе поради тоа не се начисто што е вистина, а што не е, иако повторувам, за професионалните лица тоа не треба да биде изговор, тие мора да ископаат аргументи да реагираат на време, но очигледно тоа не е доволно за да се промени однесувањето на една власт. Промената на однесувањето на една власт настанува кога ќе се собере доволен јавен притисок, кога ќе има доволно критична маса на луѓе коишто ќе ја притиснат власта“, вели Гошев.

Фискалната стратегија исто така предвидува владата догодина да го зголеми јавниот долг на 51,3 отсто од БДП-то, односно до над 5 милијарди евра, а до крајот на 2018 година, јавниот долг треба да достигне 5,6 милијарди евра, односно 52,4 отсто од БДП-то.

Од 2006 година досега, Македонија го зголеми јавниот долг од 1,8 на 4,3 милијарди евра, односно од 33 на 45 отсто од БДП-то.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG