Достапни линкови

Само послушните останаа


Јована Димушевска, волонтерка во Македонската платформа против сиромаштија

Јована Димушевска, волонтерка во Македонската платформа против сиромаштија

Имаме страшно лоша проценка на потребите на пазарот на трудот и ни недостигаат работници. Во Македонија стана тренд секој да има факултет, па и магистерска, пишува активистката Јована Димушевска во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Први септември. Уште една генерација во барабанот на нон сенс образование. Сите се со најубави желби за нивните најмили да пораснат во интелигентни и послушни луѓе. СТОП! Ај од почеток. Интелигенцијата и послушноста никогаш не оделе и никогаш нема да одат рака под рака како особини на една личност. Зошто? Затоа што интелигенцијата не се покорува на авторитет, моќ, позиција, додека послушноста го прави токму тоа. Интелигенцијата е опасна за општествената структура. Интелигенцијата ги забележува сите глупости што се прават во име на културата, нацијата, традицијата. Сега прашањето е дали посакувате вашите деца да израснат во интелигентни или во послушни луѓе?!?!?

Зошто велам нон сенс образование? Според мене, образованието ни е во големо недоразбирање со општествените норми. Од една страна учиме сè и сешто, сакаат од нас да направат сестрани личности. Учиме со години. Скоро сите завршуваат факултет, а доста голем е и процентот на магистратури. Ама не смееме да го кажеме гласно своето мислење.

Нè учат да бидеме слика без тон во општеството во кое живееме. Да работиме што ќе ни дадат и да не прашуваме многу. Не учат на критичко мислење, а ако се бунтуваме сме хулигани, ако се бориме за своите права сме невоспитани.

Во изминатите години бевме сведоци на масовна преселба на млади во Скопје. Во потрага по подобро образование, подобра работа, подобро место за живеење. Малите градови и села се опустошени. Тук таму по некој 100-годишен дедо или баба ги чуваат куќите од духови. Во малите градови ни семафорите не работат. Нема за кого. Како цела Македонија да живее во Скопје. Факултетите полни. Имале-немале, секој ќе најде пари да го прати детето во Скопје да учи, да има подобра иднина. Не е за секој да си го дозволи ама и не е толку скапо во споредба со другите европски земји.

Чудно, ама ете скоро 90 отсто од средношколците се запишуваат на факултет, иако не сите го завршуваат, но сепак, каде е проблемот? И зошто младите се незадоволни и си одат? Имаме страшно лоша проценка на потребите на пазарот на трудот и ни недостигаат работници. Во Македонија стана тренд секој да има факултет, па и магистерска. На пример, ако годишно на пазарот на трудот има потреба од 100 дипломирани економисти, Македонија има да понуди 600. Или, ако имаме потреба од 100 дипломирани на родови студии, Македонија ги става во мирување. Исто така, имаме потреба од земјоделци, фармери и слично. За нација мала како нашата имаме висока стапка на високообразован кадар, а нема толку работни места. Не можеме сите да работиме по канцеларии и да бидеме директори и директорки. Мора некој да ја обработува и почвата. И нормално е да има невработеност.

Младите не сакаат да се потценуваат себе и своите можности. Чекаат и бараат работа соодветна на степенот и видот на нивното образование, некогаш и со години и на крај си бараат чаре по белиот свет. Што се однесува до Европа, имаат висок стандард на живот, па и не е неопходно секој да има факултет. Низ европскиве земји стапката на невработеност е ниска, социјалата јака, стандардот одличен. Немаат високо образовани невработени. Нив им недостасува високо образован кадар. Е тука доаѓаме ние. Образовани и неиспочитувани од сиромашната татковината, желни за да дадеме, желни да напредуваме, желни да успееме. Нас ни треба туѓината и ние и требаме на туѓината. Едни вчера, други денес, полека полека ќе отидат сите.

Сведоци сме и дека Скопје од епицентар на масовно доселување стана попатна станица. Се завршува факултет и правец Петровец. Тие што беа паметни одамна си заминаа. Тие што беа паметни, ама не беа доволно храбри, се охрабрија, па сега скоро заминаа. Малку останавме. А меѓу тие што останавме сè помалку паметни луѓе има. Живеат ден за ден, водат туѓа битка, слават туѓи победи и си легнуваат празни во душата. Немаат соништа да ги следат, немаат амбиции, нема иднина за која со страст би зборувале. Се вртат празни муабети, несодржајни, трачарски. Се прашувам каде им отиде младоста на младите? Имаат ли желби? Потреба за успех и самоостварување? Или најголемиот сон и достигнување е да се работи во администрација и да се зема државна плата?

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG