Достапни линкови

Протестираат тие што не избегале во странство


Секојдневните протести против политиките на власта даваат искра надеж дека младите се борат за перспектива и причини да останат во Македонија.

Актуелната кризна состојба во државата, недовербата кон институциите, високата младинска невработеност, неквалитетното образование, загрозената слобода на изразување, желбата за подобро утре со години ги тераат младите да си ги спакуваат куферите и да си одат. Од друга страна, секојдневните протести против политиките на власта даваат искра надеж дека младите се борат за перспектива и причини да останат во Македонија.

Постои огромна неизвесност за начинот на кој ќе функционира ова општество и лошите демократски услови дефинитивно влијаат врз младите. Оттука можеме да кажеме дека политичката криза дефинитивно ги брка младите од Македонија.
Сандра Анастасовска, претседателка на МОФ

Од Младинскиот образовен форум велат дека проблемите постојат со години наназад, но сега, како никогаш порано, ги изразуваат аномалиите на системот.

„Се чувствува правната несигурност, каде секој млад човек е потенцијален хулиган, додека законите се менуваат, но не во полза на граѓаните. Од една страна, постои огромна неизвесност за начинот на кој ќе функционира ова општество и лошите демократски услови дефинитивно влијаат врз младите. Оттука можеме да кажеме дека политичката криза дефинитивно ги брка младите од Македонија“, вели Сандра Анастасовска, претседателка на МОФ.

Од друга страна, додава таа, протестите покажуваат дека има критичка маса кои не дозволуваат овој општествен контекст да биде финален за нивното живеење.

„Тие се истрајни во својата цел и нема да дозволат да се повтори, со тоа што можеме да кажеме дека протестите дефинитивно влеваат надеж дека во иднина можеби, ако успееме, ќе се вратат оние млади луѓе кои можеби заминаа во овој општествен контекст“, вели Анастасовска од МОФ.

Иселувањето на младите често е во фокусот на говорите на Шарената револуција. Неодамна Рената Јајоска од СДММ рече дека земјава е рекордер по иселување на млади. Тие си заминуваат оти не ја гледаат иднината во ваква Македонија, рече Јајовска во својот говор на еден од протестите на Шарената револуција.

„Оваа порта што ја гледате чини 10 милиони евра, а за 10 милиони евра замислете каков студентски град ќе направевме, но не, тие не инвестираат во иднина, тие инвестираат во иднина од гипс и стиропор. Денеска не вработува ниту една диплома, вработува партиската книшка од ВМРО-ДПМНЕ“, рече таа.

Професор Билјана Секуловска - Габер во својот говор пред Министерството за економија на еден од протестите рече дека и студентите и професорите укажувале на проблемите и барале реформи.

„Младите, студентите, кои ја почнаа битката, кои го покажаа патот и сега покажуваат дека се тие на кои им останува оваа држава, дека не сакаат да бегаат од оваа држава. Ние им се придруживме и сакавме вистински реформи, сакавме дијалог, меѓутоа никој нас не не слуша за ништо, како за ништо што не се слуша никој друг во оваа држава“, рече таа.

На оваа тема пишуваше и Дино Блажевски, претседател на подмладокот на ВМРО-Народна партија, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

„Ме радува што постои тренд на решителност кај младите па наместо решението да си одат од државата го заменуваат со кревање глас против лошите политики и за подобро утре“, напиша меѓу другото во колумната.

Официјални бројки на државата за иселувањето досега нема, затоа што не е спроведен попис од 2002 година. Медиумите и експертите се повикуваат на истражувањата на Светска банка, според кои до крајот на 2013 година од Македонија се иселиле околу 630 илјади луѓе. Статистичката служба на Европската унија - Евростат, пак, пресметала дека во периодот од 1998 до 2011 година, Македонија ја напуштиле околу 230 илјади граѓани, најголем дел од нив млади.

МВР на почетокот на годината објави податоци дека минатата година од земјата се иселиле дури 78 илјади луѓе.

Истражувањата покажуваат дека повеќето млади сакаат да ја напуштат државата. Во студијата на Фондацијата Фридрих Еберт и Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања објавена на крајот на 2015 покажува дека повеќе од половина од младите во Македонија сакаат да заминат во странство, а дури една третина од нив воопшто и не помислуваат некогаш да се вратат дома.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG