Достапни линкови

Сите заборавија на „Прибе”


Еврокомесарот Јоханес Хан неколкупати ги напоменуваат препораките на Прибе во контекст на напредокот на Македонија кон Европската унија.
Еврокомесарот Јоханес Хан неколкупати ги напоменуваат препораките на Прибе во контекст на напредокот на Македонија кон Европската унија.

Власта не направи ништо од она што го препорача експертот Прибе, а се однесуваше на следењето на комуникациите, судство, изборите, медиумите...Во меѓувреме и опозицијата не инсистира на спроведувањето на реформите. Власта има интерес да ги одолговлекува, а опозицијата е фокусирана само на фер избори.

Десетици пати во изминатава година владини претставници и високи функционери од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат исполнување на итните реформски приоритети, односно на препораките од извештајот на тимот експерти предводен од Германецот Рајнхард Прибе.

Но во пракса најавите не се исполнуваат, а се чини дека сите заборавија на реформите и се фокусираат само на спроведување на Договорот од Пржино, сметаат експертите.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија, реалноста е дека приоритетите во разрешувањето на политичката криза се други, а итните реформи подразбираа владата да направи акционен план за спроведување на препораките.

„Со најавата на премиерот дека ќе се започне со имплементирањето на акциониот план истиот и конечно, по речиси една година задоцнување, беше објавен и стана достапен за јавноста, меѓутоа покрај овој чин на објавување на документот ништо повеќе не беше преземено од страна на Владата“, вели Трошановски.

Груевски уште лани во јуни соопшти дека владата усвоила план за нови реформи за европската интеграција со конкретни мерки и рокови. Една година подоцна планот не се реализира, а неговиот наследник на функцијата Емил Димитриев во мај годинава рече дека ќе ја засилел комуникацијата со институциите за спроведување на реформите.

Еден месец подоцна во јуни Груевски овојпат од позиција на претседател на партија повторно најави дека првите предлози од државните институции би требало да дојдат како пакет следните недели во областите судство, медиуми, администрација, безбедност.

За тоа додаде тој ќе биле консултирани домашни, меѓународни експерти, а ќе била вклучена и опозицијата. Во меѓувреме и опозицијата , а и владиниот коалициски партнер ДУИ не инсистираат на спроведувањето на реформите.

„Најмногу интерес секако има владата која само го одолговлекува спроведувањето на реформите, а всушност презема чекори што се против реформите. Опозицијата се надева дека ќе го оствари тоа што е можно - се фокусира само на фер услови за избори, а меѓународната заедница се држи до принципот дека дипломатијата е уметност на можното и го прави само она што е можно да се договори меѓу политичките партии“, вели Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика.

Препораките на групата експерти на Европската комисија предводени од Прибе, кои беа објавени лани се фокусираа на реформи во пет области - следењето на комуникациите, судство и обвинителство, надворешниот надзор од независни тела, избори и медиуми.

Со оглед на тоа дека и поранешениот евроамбасадор во Македонија Аиво Орав, а и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан неколкупати ги напоменуваат препораките на Прибе во контекст на напредокот на Македонија во Европската унија, упатените очекуваат тие да се одразат и во следниот извештај на Европската комисија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG