Достапни линкови

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски деновиве рече дека нема логика да се одржи лидерска средба без претходно да се знаела содржината на состанокот. Таква средба неделава очекува и Европската комисија. Според аналитичарите ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаат да го завршат мандатот со оваа влада

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ претпочитаат да нема дополнителен процес за излегување од кризата, туку да продолжат со мандатот кој им трае до 2018 година, оценува аналитичарот Џељаљ Незири. Според него тоа е и причината зошто се избегнува лидерската средба.

„Мислам дека нивната цел е да избегнуваат секакви средби кои би значеле обид за излегување од кризата и целата ситуација да остане концентрирана во власта, сите одлуки да се носат од власта во која само тие партиципираат“ вели Незири.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски деновиве рече дека нема логика да се одржи лидерска средба без претходно да се знаела содржината на состанокот. За СДСМ сега е моментот да се почне со преговори за условите за да можело наесен да се организираат фер и демократски избори.

Додека состанокот на партиските лидери останува неизвесен порака стигна и од Брисел. Портпаролката на Европската комисија Маја Коцијанчич рече оти се надева дека оваа недела ќе се одржи лидерска средба.

Според политикологот Митко Гаџовски и покрај ваквите позиции сепак во скоро време ќе дојде до лидерска средба. Во односот на ВМРО-ДПМНЕ сега, тој не гледа одбегнување на состанокот од некои суштински причини, туку како што вели тактизирање.

„ВМРО-ДПМНЕ се свесни дека мора да се седне на преговарачка маса. Од таму во ниту една ситуација не рекоа дека отстапуваат од преговори, или дека Договорот од Пржино не важи, така што мислам дека ова е дел од тактиката што ја користат пред да започнат преговорите за целосно спроведување на работите што се дел од Договорот од Пржино“ вели Гаџовски.

Последниот обид за одржување на средба во таков формат беше во април и пропадна. Тогаш на иницијативата на еврокомесарот Јоханес Хан во Виена беа повикани лидерите на партиите, ВМРО-ДПМНЕ прифати веднаш, но СДСМ одби. Опозицијата тогаш бараше да се повлече аболицијата и датумот за избори на петти јуни, па потоа да седне на маса.

„Тогаш ВМРО-ДПМНЕ прифаќаше средба заради фактот што планираше брзи избори без суштинско спроведување на реформите од извештајот на Прибе и Договорот од Пржино. Сега кога веќе се покажа дека избори без тие реформи не се возможни ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се вратија на стариот состав на Владата и се обидуваат да го истерат целиот мандат до крај “ вели Незири.

Инаку деновиве и лидерот на ДПА, Мендух Тачи рече дека лидерската средба немало што да понуди за излез од кризата и дека таква средба би била несериозна, а оти и не верува дека ќе се одржи. Според очекувањата на евентуалниот состанок треба да се разговара за составот на владата и датумот за изборите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG