Достапни линкови

ЕК креираше рамка за работата на новата влада


Препораките на тимот европски експерти се однесуваат на: следење на комуникациите, судство и обвинителство, надворешниот надзор од независни тела, избори и медиуми.

Извештајот по нарачка на Европската комисија кој го изработи група експерти под водство на Германецот Рејнхард Прибе, всушност претставува инструмент за креирање на агендата на евентуалната влада која би раководела со земјата во транзициониот период до најавените избори за април идната година, оценува Бојан Маричиќ, извршен директор на Македонскиот центар за европско образование.

Овој извештај всушност ги преставува рамките во кои треба да се движи преодната влада за да може и партиите полесно да се договорат за нејзиниот состав.
Бојан Маричиќ, извршен директор на Македонскиот центар за европско образование.

„Овој извештај всушност ги преставува рамките во кои треба да се движи преодната влада за да може и партиите полесно да се договорат за нејзиниот состав”, вели Маричиќ.

Следната лидерска средба договорена по вчерашниот едночасовен состанок на претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА со амбасадорите на САД и ЕУ е закажана за на 29 месецов. На неа според документот кој како анекс на договорот од 2 јуни од Скопје го објави вчера Европската комисија треба да се договори организацијата на владата што ќе ги подготви изборите. Инаку лидерите вчера не сакаа да дадат изјав, но попладнето еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ја поздрави средбата и на интернет страницата на Комисијата ги објави целосниот извештај на Прибе, препораките, договорот од 2 јуни меѓу партиските лидери и додатокот на тој договор потпишан вчера.

Препораките на тимот европски експерти се однесуваат на: следење на комуникациите, судство и обвинителство, надворешниот надзор од независни тела, избори и медиуми.

Во документот се наведува дека сите препораки и коментари дадени од групата се со цел надминување на многу тешката кризна ситуација преку преземање на конкретни мерки.

Фамилијарната поврзаност помеѓу високо позиционирани политичари и носители на високи функции во УБК, како и во Јавното обвинителство создаваат ризична средина за конфликт на интереси.
Извештај на ЕК.

„Извештајот е објективен во оцените за состојбите во Македонија, но може да биде попрецизен во препораките околу понесување на одговорност од владејачките партии, оти нивното однесување е предуслов за функционирањето на преодната влада и одржувањето на фер и демократски избори”, вели Маричиќ.

Европските експерти бараат построга контрола на работата на УБК меѓудругото и да се отстрани директниот пристап на управата до техничка опрема што дозволува надгледување на комуникациските сигнални телеком-провајдери (т.е. целосно отстранување на практичната и техничката способност на УБК да ги фаќа комуникациите директно).

Во однос на правосудниот систем пак меѓудругото се бара да се отстранат елементите на системот на дисциплина и разрешување на судиите што во моментов се мешаат во независноста на судството и во законодавството и практиката.

„Фамилијарната поврзаност помеѓу високо позиционирани политичари и носители на високи функции во УБК, како и во Јавното обвинителство создаваат ризична средина за конфликт на интереси”, се наведува во извештајот на експертите.

Брисел бара и да се обезбедат ефективни законски санкции за непочитување на барањата и препораките на независните тела и да се обезбеди дека Канцеларијата на Народниот правобранител е во целосна согласност со париските принципи.

Во врска со Антикорупциската политика и законодавство се предлагаспроведување на итни мерки за воспоставување веродостојна евиденција на корупцијата на високо ниво, а особено да се осигура дека сите тела за спроведување на законот и на надзорни тела имаат доволно автономија да дејствува самостојно во согласност со законот.

Експертите препорачуваат и деполитизација на јавната администрација, мерки за изборите и за медиумите.

Според Маричиќ колку сите овие препораки може да се спроведат до евентуалните предвремени избори во април зависи од мандатот и составот на новата влада.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG