Достапни линкови

Ќорвезироска во потрага текстот да биде љубов, а љубовта текст


Оливера Ќорвезироска

Оливера Ќорвезироска

„Еден текст и една жена“ е насловена новата книга на Оливера Ќорвезироска, што се појавува како 12-то издание во есеистичката едиција на ИЛИ-ИЛИ и во кое авторката, низ љубовно-критички интерпретации и ситуации, прави пресек на квалитативните примероци во современата македонска книжевност за кои вреди да се пишува и полемизира.

Четириесетина текстови за нешто повеќе од триесетина автори, не случајно почнувајќи со Анте Поповски и завршувајќи со првата објава на еден голем текст за едно многу популарно фејсбук-поетско име - Јосип Коцев или Квентин Скриблер, се најдоа меѓу кориците на новата книга на македонската писателка и критичарка Оливера Ќорвезироска - „Еден текст и една жена“, што се појави како 12-то издание во есеистичката едиција на книгоиздателството ИЛИ-ИЛИ од Скопје.

„Во тоа од Анте до Јосип Коцев сакав да пратам една порака дека ништо не застанува, туку дека продолжува и се движи, па кој колку гледа. Внатре има текстови за класиците на македонската книжевност, значи од Коле Чашуле, Оливера Николова, за оние од средна генерација - Калина Малевска, Лидија Димковска, Гоце Смилевски, за младите како Коцев, Ана Голејшка... Повеќе од триесеттина имиња кои нешто значат во Македонија последните две децении да речеме, вклучувајќи ги оние што се најактивни овој период дури и на социјалните мрежи“, вели Ќорвезироска.

Таа истакнува дека долго време пишува книжевна критика и се занимава со есеистика, но дека не е автор којшто сака само да ги собере своите текстови што годините наназад ги објавувал и да направи книга од објавени текстови. Дополнува дека сакала тие текстови всушност да ги стави во нов контекст. Да им даде една боја на целина којашто ќе биде побелетристичка. Затоа во книгата специјално се најдоа и четири големи есеи коишто се прва објава.

„Организацијата ја направив да биде белетризирана, така јас ја доживував, значи со специјални упатства. Со поставување на книжевната критика во еден пољубовен контекст“, вели Оливера Ќорвезироска.

Таа посочува дека сакала да добие нова целина од некои стари нешта.

„Мислам дека насловот директно алудира на еден филм што е мој врсник „Еден маж и една жена“ (на режисерот Код Лелуш, од 1966 н.з), бидејќи клучната авторска идеја ми беше текстот да го поистоветам со маж, односно текстот да биде љубов, а љубовта текст“, вели таа.

Во рецензијата за книгата, Владимир Мартиновски забележува дека „Љубовта кон Текстот е двојно кодирана: како кон Текстот за кој се пишува, така и кон Текстот што притоа се испишува“. Тој подвлекува дека „Еден текст и една жена“ на Ќорвезироска е истовремено силен демант на честата теза за „смртта на книжевната критика“ во нашиот книжевен контекст.

Лидија Димковска, пак, во своето писание ќе рече дека „кога ги читаме критичките текстови на Оливера Ќорвезироска полни со издржани ставови, со свест и одговорност за критичко вреднување, со поставување на делата во вистински книжевен и културен контекст, текстови напишани на чист и убав јазик, посакуваме да ги прочитаме и делата за кои се зборува“.

Ќорвезироска, од своја страна, вели дека таа им припаѓа на оние луѓе што бурно реагираат на реченицата дека „во Македонија нема книжевна критика“. Таа смета дека отсуството на книжевна критика кај нас не е проблем на критичарите и на книжевните работници, туку еден широк општествен проблем на сите нас.

„Книжевна критика постои, ама таа е прогонета. Едноставно не се објавува. Со години сум пишувала книжевни рецензии во многу дневни весници и можам да ви кажам дека никогаш јас не сум ги напуштила дневните весници, туку тие секогаш ме напуштале мене, односно книжевните рецензии, сметајќи ги за нешто што не им е важно. Така што, таа фама дека не постои книжевна критика, всушност е општествен проблем. Не е наш, на критичарите. Ние си ја работиме својата работа“, вели таа.

Инаку, Оливера Ќорвезироска е авторка на поетските објави „Трети кат“ (1982) и „Високите бели“ (1999), збирките раскази „Страдањата на младиот лектор“ (2000), „Сплетени раскази“ (2003) и „Две перници“ (2010), романот за возрасни: „Заклученото тело на Лу“ (2005) и оние за деца „Кифличката Мирна“ (1993) и „Мојот брат од тринаесетиот кат“ (2001), сликовница „Дедо Миле“ (2000) и книгата со критики и есеи „Отвораат ли сништата работа“ (1999).

Илустрацијата за корицата на нејзината актуелна објава „Еден текст и една жена“ е на ликовната уметница Жани Гелевска-Велјаноска, дизајнот на brigada.mk, а излегувањето на книгата финансиски е поддржано од Министерството за култура.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG