Достапни линкови

„Црно на бело“ на Димковска – документ на нашето време


„Црно на бело“ е насловена новата, шеста по ред, поетска објава на Лидија Димковска чија промоција ќе се одржи овој четврток, на 18 февруари, во 20 часот, во киното „Фросина“ во Скопје. Книгата, за која промоторите ќе забележат дека е тоа „ веројатно досега најзрелото книжевно остварување на Димковска“, „аманет, и тестамент, и амајлија“ и дека со делото „стануваме сведоци на еден поетски свет кој нè соочува со реалноста“, се појави деновиве како прво издание во новата едиција „Поеза“ на ИЛИ-ИЛИ.

Во една од песните од „Црно на бело“, шестата поетска објава на Лидија Димковска што се појави деновиве, поетесата пишува:

На ќерка ми запчињата ѝ се нишаат во една,
ѝ паѓаат во друга,
а ѝ растат нови во трета земја.
Во исто време, на еден крај на светот човек е жив,
на друг мртов,
а на трет веќе бесмртен.

Прелистувајќи ги нејзините страниците, посегајќи по редовите од трите циклуси во делото, неодминливи се и стиховите:

Лицето можеш да го измиеш и стопати,
но образот никогаш.
Миејќи го лицето си ги водениш ракавите,
а триејќи го образот – свеста.
За лицето ти се потребни сапун и вода,
за образот – совест на крвта.

И само од нив, од потребата за длабока промисла, нималку не чуди кога Елизабета Шелева во своето писание како рецензент ќе забележи дека „Црно на бело“ е досега веројатно најзрелото книжевно остварување на Лидија Димковска; длабока и по својот дострел - универзална, а концепциски - заокружена и автентична книга достојна на 21 век, која извонредно му прилега и му парира со својот неслучајно апокалиптичен дух и темно обоен сензибилитет!

Кога Гоце Смилевски тврди дека со стихозбриката „стануваме сведоци на еден поетски свет кој нè соочува со реалноста, преку раздробувањето на баналноста на секојдневието и тргнувањето во потрага по смислата на постоењето“.

И, најпосле кога Оливера Ќорвезироска потенцира дека „ова не е најдобриот поетски глас на Лидија Димковска, ова е најдобриот поетски глас на современата македонска поезија. „Црно на бело“ е и аманет, и тестамент, и амајлија, а најмногу од се* е, сепак, ѓердан и нож за вратот на виновниците и љубовниците.“

Авторката, во пресрет на промоцијата на делото, истакнува дека е возбудена бидејќи држи во раце поетска книга после седум години, а тие седум години се и симболично обележани со скршеното огледало на насловната страница на книгата. Појаснува дека во меѓувреме таа не престанала да пишува туку го објавила романот “Резервен живот“, а дека поезија пишувала цело време меѓутоа објавувањето го одложила на некое време бидејќи сметала дека книгата треба навистина да биде зрела, подготвена и да може да комуницира со читателите и со светот на најдобар можен начин.

Односно стихозбирката е и документ на нашето време, на времето во кое што ние живееме, и документ на мојот личен живот.

„Чувствувам дека ова е можеби мојата најзрела поетска објава. Мислам дека имав такво чувство и кога ги објавив книгите „Нобел против Нобел“ и „pH неутрална за животот и смртта“, но сега чувството е и малку поинакво. Мислам дека овие песни се настанати, создадени од најсуштинското јас во мене, во моето битие. Дека мораа да настанат и бидејќи се создаваа во еден подолг временски период едноставно се обликуваа максимално. Некако се ронеа како бисери и самата сум задоволна од тоа што произлезе како поетска збирка. Таа е составена од три циклуси и книгата се вика „Црно на бело“ бидејќи песните песните од неа се толку поврзани со животот и со реалноста, не само со македонската туку и со универзалната што се некако во книгата стои „црно на бело“. Односно стихозбирката е и документ на нашето време, на времето во кое што ние живееме, и документ на мојот личен живот.“

Поетесата дополнува дека тоа е токму она што неа најмногу ја предизвикало да ја објави оваа книга. Тој допир меѓу неа како Лидија Димковска, како човек и светот во кој што живее.

„Тој свет како што знаеме е многу суров. Дваесет и првиот век мислам дека по својот лошотилок, своите политики, по својот цинизам ги надмина останатите векови и во овој век некако да се пишува поезија е се уште храброст. Иако нели Адорно рече дека нема да се пишува повеќе поезија после Аушвиц, изгледа дека без поезија не можат да се преживеат кризите во светот и кризите во животот. И како резултат од сето тоа настанаа песните од мојата поетска збирка „Црно на бело“. “

Од друга страна, Димковска истакнува дека дневно-политичките настани не влегуваат многу лесно во поетските ракописи. Дека е потребна некоја временска дистанца за да навлезат во поетските стихови. Вели дека реалноста е многу поширока од таа рамка на дневната политика и дека таа, на еден или друг начин, пробива во книжевното битие на авторот и, ако не во стихови тогаш се појавува во некои есеистички записи, во дневнички записи што се исто така многу важни. Потсетува дека дневниците секогаш биле документ на времето, па можеби и нејзините ќе бидат документ на времето што го живееме и дека во нив секако ќе се најде простор и за оној немил настан што и се случи околу Нова година со нејзиното „прогласување односно непрогласување за најчитан автор/ка“ од страна на скопската библиотека „Браќа Миладиновци“.

„Тоа беше навистина многу грдо, многу лошо од страна на директорката Гордана Петреска и тоа всушност фрли сенка на нејзината работа и на Библиотеката како институција, а во никој случај на моето творештво бидејќи јас на некој начин бев колатерална жртва на политичко-дневните настани во Македонија во кои директно не учествувам бидејќи не живеам тука. Но тоа не значи дека нема да се произнесам за нив или дека не размислувам за нив или дека на новинарско прашање нема да одговорам за тоа што се случувало. Значи, кога човек живее 1.000 километри од својата матична земја, од својата татковина, размислува и знае што се случува таму, никако не може да остане рамнодушен.

Јас пишувам на македонски јазик и се уште сум, пред сè, македонска авторка и како таква имам право не само да ме читаат македонските читатели, туку и да бидам во дијалог и со нив, но и со институциите во Македонија. Тој дијалог со библиотеката „Браќа Миладиновци“ беше многу лош и се претвори во скандал што не требаше да се случи. Тие немили настани поминуваат, оставаат секако траги, но од нив треба да се срамат тие што тоа го направиле, а не авторите. “

И чисто колку за потсетување. Родена 1971 година во Скопје, Лидија Димковска завршила општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во родниот град, а постдипломски студии по романска книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија, каде што работела како лектор по македонски јазик и книжевност. Сега живее во Љубљана, Словенија. Преведува романска и словенечка литература на македонски јазик.

Досега ги објавила поетските збирки: „Рожби од Исток“ (заедничка со Борис Чавкоски) 1992, награда „Студентски збор“; „Огнот на буквите“ 1994; „Изгризани нокти“ 1998; „Нобел против Нобел“ 2001, второ издание 2002; „Идеална тежина“, избрана поезија, едиција „130 тома македонска книжевност“ 2008; „pH неутрална за животот и смртта“ 2009. Нејзините поетски збирки се препеани на англиски, германски, словенечки, романски и полски јазик, а песните и се застапени во светската периодика на повеќе од дваесеттина јазици.

За својата поезија ја добила германската награда „Хуберт Бурда“, романските награди за литература „Поесис“ и „Тудор Аргези“, а била номинирана и за германската награда „Берлински мост“, за американската „Најдобра препеана книга“ и за полската „Европски поет на слободата“.

Димковска е потписник и на романите: „Скриена камера“ 2004, награда „Стале Попов“ на ДПМ, второ издание 2014; „Резервен живот“ 2012, второ издание 2013, трето издание 2015, награда „Стале Попов“ на ДПМ и Награда за книжевност на Европската унија. Нејзините романи се публикувани на повеќе светски јазици.

Составувач е на антологијата на најмладата македонска поезија „20.млади.мак.поети.00“, на Антологијата на современата словенечка поезија и на Антологијата на малцинската и имигрантската книжевност во Словенија „Од јазик на јазик“.

Учествувала на бројни меѓународни книжевни средби и читања и престојувала на многу книжевни резиденции низ светот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG