Достапни линкови

logo-print

Мартиновски – Прашање е колку критиката влијае на книжевната сцена


Владимир Мартиновски, писател, поет и литературен критичар.

Владимир Мартиновски, писател, поет и литературен критичар.

Критика кај нас има, но вистинското прашање е колку таа може да влијае на актуелната книжевна сцена – вели Владимир Мартиновски, добитник на наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга критики и есеи објавена во 2013 година, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија. Признанието му се доделува за „Зоон поетикон – Аспекти на современата македонска поезија“, публикацијата што ја објави „Кликер книги“ од Скопје.

Премногу често се повторува таа констатација дека не постои литературна критика во Македонија, но јас не би се сложил со тоа. Критика перманентно се пишува и се објавува и според мене прашањето е колку таа критика се чита, особено ако се има предвид дека подолг временски период книжевната периодика, за жал, нема некоја поголема дисперзија – ќе забележи Владимир Мартиновски, актуелниот добитник на наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга критики и есеи објавена во 2013 година, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија.
Мислам дека можеме да бидеме среќни оти годинава навистина беа објавени неколку одлични книги. Дел од тие книги јас лично ги имам прочитано и велам дека има критика. Проблемот би го лоцирал повеќе во тоа колку има реакција на тие критики. Колку таа критика вистински влијае врз книжевната сцена.

Авторот, кому ова високо признание му е доделено за „Зоон поетикон – Аспекти на современата македонска поезија“, публикацијата што ја објави „Кликер книги“ од Скопје, дополнува дека од друга страна има една нова тенденција, а тоа е преку дигиталните медиуми да се пласира литературна критика која што наидува на читаност и на одредени размисли и коментари.

„Мислам дека можеме да бидеме среќни оти годинава навистина беа објавени неколку одлични книги. Дел од тие книги јас лично ги имам прочитано и велам дека има критика. Проблемот би го лоцирал повеќе во тоа колку има реакција на тие критики. Колку таа критика вистински влијае врз книжевната сцена. Тоа е една, се разбира, поголема тема за дискусија“, вели тој.

Оваа книга е дел од еден малку поголем проект и пред сè мојата најголема радост од оваа книга е ако успее кај читателите да предочи некои аспекти на богатството на македонската современа поезија.
Делото на Мартиновски е одбрано од вкупно 11 во конкуренција и пет влезени во најтесниот избор (во кој биле и „Читателска читанка“ на Наташа Аврамовска, „Медитерански синестезии“ на Анастасија Ѓурчинова, „Златото на литературата“ на Кристина Николовска и „Со посвета“ на Соња Стојменска-Елзесер), а жирито (проф. д-р Јелена Лужина, д-р Илија Велев и Јовица Тасевски – Етернијан), во образложението пишува дека наградата му се доделува „за неговата луцидна, интригантна, кохерентна, добро обмислена и графички беспрекорно обликувана книга „Зоон поетикон“, која македонската поезија, рецентната, но и онаа што го ужива високиот статус на канонизирана класика, ја чита, коментира и вреднува на начин што го доживуваме не само како компетентен, туку и како сугестивен, вибрантен и мошне оригинален“.
Поетот е истовремено и општествено битие. Секој поет пишува и за да биде прочитан.

„Се обидов да посочам на некои значајни аспекти на современата македонска поезија. Дел се пригодни текстови, значи жанровски кодирани од приликите – промоции на книги, поговори и т.н. Станува збор за еден подолг временски период во кој, паралелно со другите преокупации и обврски се обидував да ја следам македонската поезија. И онаа што се создава во овој период, но и да дадам свои мислења и да ги толкувам нашите, слободно ќе кажеме класици или дел од литературниот канон на 20-от век“, вели авторот.

Мартиновски истакнува дека со голема радост ја склопувал оваа книга и дека тоа, во некоја рака, му било и поголемиот предизвик. Тој вели дека дел од текстовите останале за некоја идна ваква целина, а дека овде сакал само да предочи 12 можни визури во читањето на современата домашна поезија длабоко свесен дека има уште многу други автори кои завредуваат особено внимание.

„Во таа смисла можам да кажам дека оваа книга е дел од еден малку поголем проект и пред сè мојата најголема радост од оваа книга е ако успее кај читателите да предочи некои аспекти на богатството на македонската современа поезија. Тука има многу автори што навистина со радост ги читам и препрочитувам“, вели Мартиновски.

Конечно, писателот, поет и литературен критичар констатира дека токму тој огромен креативен потенцијал нотиран и во насловот на книгата „Зоон поетикон“ или Човекот како творечко суштество, се навикнавме да го перцепираме и како „политикон“.

„Поетот е истовремено и општествено битие. Секој поет пишува и за да биде прочитан“, ќе рече Владимир Мартиновски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG