Достапни линкови

logo-print

Кујунџиски – Не смеам да ѝ забранам на книгата да има иднина


Жарко Кујунџиски, писател.

Жарко Кујунџиски, писател.

Деновиве издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, по повод 10-годишнината од првото издание, објави нов тираж од романот „Спектатор“ на Жарко Кујунџиски. Тоа е прв дебитантски роман во современата македонска книжевност со шест изданија, а цели шест месеци поминаа и од публикувањето на „Скопје и сè е можно“ со кој авторот измами слатки и горчливи насмевки на своите читатели.

Жарко Кујунџиски е писател, издавач, колумнист, преведувач, новинар... На десетгодишнината од првото издание на неговиот „Спектатор“, кој патем во меѓувреме стана основа за филмското сценарио „Генерацијата Чернобил“ и беше преведен на англиски и на полски јазик, издавачката куќа „Антолог“ објави нов тираж. Со тоа стана првиот дебитантски роман во современата македонска книжевност со шест изданија.
Штом една книга и по цели 10 години е сè уште жива меѓу читателите, сè уште се бара, не смеам јас како писател или издавач, да ѝ забранам да има иднина.

„Годинава на некој начин се одбележуваат 10 години од „Спектатор“ и бидејќи се покажа дека подолг временски период немам воопшто примероци од петтото издание сметав дека, ако не правам промоција и не ја одбележам декадата на друг начин, барем да отпечатиме нов тираж од книгата бидејќи се покажа дека за интересните или добрите дела секогаш има интерес. Штом една книга и по цели 10 години е сè уште жива меѓу читателите, сè уште се бара, не смеам јас како писател или издавач, да ѝ забранам да има иднина. Затоа во „Антолог“ и се решивме да објавиме следно издание на романот“, вели Кујунџиски.
Целта ми беше да напишам што почитана книга во една бестселерска формула, ако воопшто постои формула за пишување на книги.

По „Спектатор“, за кој писателот и режисер Александар Русјаков ќе забележи „дека кога влегол во неговиот свет станал нешто трето, читател кој во себе раѓа писател затоа што читал и сонувал свет што и самиот сакал да го надградува“, Кујунџиски потпиша уште осум книги – романот „Америка“, драмите „Ендрју, љубов и други непогоди“, збирката песни „Сузан“ (во случајов како Џеси Блејз), па „Најдено-загубено“, книгата раскази „13“, новата збирка песни „Мојата Сузан повторно девојка“, студијата „Најкраткото долго“ и на 1 април годинава четвртиот роман „Скопје и сè е можно“.

Хуморот и сатирата без оглед на тоа во која форма се, дали се како сеир, дали се како шега кажана на семејна собиранка, дали се иронија, карикирање, секогаш му била типична на Македонецот. Итар Пејо за мене е еден од најголемите национални херои.
„Мислам дека се ретки моментите кога авторот што пишува во исто време може да се забавува со тоа што го пишува бидејќи е потребна една дистанца – да ја напишеш страницата, да отстои, да се вратиш па да ја прочиташ. Додека ја пишував „Скопје и сè е можно“ ми доаѓаше понекогаш смеа и во тој момент знаев дека романот ќе има фидбек. Штом инстантно, без таа авторска дистанца, веќе сум толку навлезен во текстот што ме радува секој напишан ред, знаев дека мора да има позитивна реакција. А и општо, пред самиот чин на пишување, мене ми претстоеше едно мало истражување на темите со кои би се бавел во мојата следна книга бидејќи овојпат имав желба да си поиграм со тоа што е тоа висока, што ниска литература, што е литературно, а што не е за во литература и тие граници меѓу тоа што се нарекува pulp или евтина литература и она што некако кај нас со години се провлекува чисто како стандардна литература. Сакав малку да ги измешам лончињата од проста причина што ете нели јас сум академски образован писател и сум магистрирал на литература, но исто така отсекогаш сум имал некакво чувство и некаква потреба да уживам во литература која не секогаш ја тематизираат како таква. Целта ми беше да напишам што почитана книга во една бестселерска формула, ако воопшто постои формула за пишување на книги. Истражував која е таа тема што уште на старт ќе привлече што повеќе читатели, што повеќе публика. Истражувајќи го тоа дојдов до сознание дека проектот „Скопје 2014“ како таков е веројатно еден од најтолкуваните настани или проекти во поновата, ако не и целосната македонска историја и некако се закачив на таа јадица. Прво си мислев што сега јас ќе кажам кога толку се кажува за проектот од две различни страни?! Меѓутоа јас не се откажав. Упорен сум. Согледав дека општо околу проектот „Скопје 2014“ се гледа најпрво од политичка, дневно политичка терминологија и од две основни гледишта – или „за“ или „против“. Меѓутоа, бидејќи јас секогаш така сум сакал да најдам кривина помеѓу или поглед од страна, сфатив дека таков можеби и не постои. О.К луѓе, тоа е така, можеби и едното и другото има свои недоследности и точности, меѓутоа дајте да видиме дали целиот тој проект може да биде основа за книжевна предлошка бидејќи кога нешто е толку зборувано политички, историски, идеолошки и каков не знам сè друг аспект, е многу тешко од тоа да направиш литература, да направиш четиво бидејќи сакале или не, луѓето ќе гледаат или ќе бараат нешто од она што се зборувало во каква било смисла за тој проект и затоа мене ми беше огромен предизвик да се издигнам над сите тие дискурси кои што владеат во општествово за тој проект и не да дадам свој став или мислење за него, туку да направам од него основа за книжевен проект. Од реакциите што ги имам во овие нешто повеќе од половина година мислам дека во голема мера се успеало бидејќи луѓето кажуваат дека пред сè романот им е забавен, интересен, смешен. И тоа го кажуваат читатели од различни политички или идеолошки провиниенции и за мене како автор тоа е најголемиот комплимент за романот“, вели Кујунџиски.
Следниот роман сигурно ќе биде сериозно несериозен. Не, не можам да гарантирам ниту едното ниту другото, но она што можам да го ветам е дека ќе биде различен од сите мои четири романи.

Инаку, романот е извонредно податлив за филмување, а Кујунџиски вели дека согласно неговиот однос кон филмот кој отсекогаш бил и пред литературата се надева дека од „Скопје и сè е можно“ може да испадне една мала независна телевизиска серија или барем стендап-шоу.

„Мојот однос кон филмот отсекогаш бил можеби и пред литературата. Ете и во „Спектатор“, во мојот прв роман, каде што исто така користев некои наративно техники за да ги поврзам литературата и филмот, и во романот „Скопје и сè е можно“ сето тоа што го добива читателот и не е директно пишувано туку е како снимен материјал. Главниот лик Тале Тесла всушност како да прави некакво свое реално шоу, така што јас мислам дека книгата е многу податна за филм бидејќи е и малку пообемна. Или не мора филм туку некоја кратка телевизиска серија во независна продукција. Ако ништо друго, да не одеме и да не пукаме толку високо, бидејќи нели човек треба да си ги скроти малку амбициите, мислам дека од ова барем едно стендап-шоу може да се направи за почеток. Прво на една таква сцена луѓево да осетат дека има материјал, има штоф во книгата. Јас сум убеден дека може да биде многу забавно бидејќи се во неа е многу пластично, многу реално опишано, без премногу описи и затоа романот е многу податен за филмување“, вели Кујунџиски.

Пишуван на скопски, романот изобилува со хумор и сатира кој во некоја рака го движи дејството.

„Хуморот и сатирата без оглед на тоа во која форма се, дали се како сеир, дали се како шега кажана на семејна собиранка, дали се иронија, карикирање, секогаш му била типична на Македонецот. Итар Пејо за мене е еден од најголемите национални херои, иако не е во таа формална категорија на вистински херои. За мене лично тој секогаш претставувал еден многу симпатичен лик ако ништо друго, кој што знае дури во ситуација кога нема ништо сем една корка леб да направи од тоа гозба. Тие приказни кои што се влезени во нашиот ген, со кои што сме ние израснати, не може на Македонецот да не му извршат влијание. Кога ќе седнеме ние на слава или некаков друг семеен собор секогаш има еден двајца ликови кои се расфрлаат со шеги и коишто е празник да ги слушаш од тоа колку се инвентивни, смешни, интересни... Полни со анегдоти, од вицевите кои што се здодевни на хартија кога ги читаш, тие едноставно знаат да направат ремек дело, вистинска приказна. Мислам дека тој хумор кој што го има Македонецот не може да го утепа ниту еден систем, капиталистички околности, трка по пари и т.н. Може привремено да го притисне, да го стави во агол или во ќоше, како што можеби моментално се случува. Јас ги гледам луѓево, посебно во Скопје, дека сè помалку се смеат или имаат време да се најдат и да се опуштат, меѓутоа во малите места гледам дека тие колку и да им е тешко секогаш се спремни дури и од најтешката ситуација да направат хумор. Не само на туѓа туку и на сопствена сметка. Таа е таа итарпејовска карактеристика за која што јас мислам секој Македонец ја носи во себе, односно секој Македонец крие во себе еден мал Итар Пејо. Е, сега колку и како ќе го претстави тоа зависи од икс општествени или лични фактори и тоа ми беше една од главните цели – да биде оваа книга еден вид на потсетување. Таа итарпејовска карактеристика ми е драго што го носи овој роман иако не секогаш учените луѓе многу позитивно се изјаснуваат за хуморот – сметаат дека тоа е некоја форма на пишување која што е пониска од сериозната. Јас никогаш нема да се согласам со тоа бидејќи сметам дека еве еден Квентин Тарантино, секогаш правам паралели со личности од филмот, еден од најголемите режисери, нема филм, а во кој што не користел хумор. И тоа е тој тип на хумор кој мене лично ме привлекува и јас дури наоѓам сличност помеѓу хуморот на Итар Пејо и на Тарантино од проста причина што и едниот и другиот имаат еден вид на дрскост, на искреност и отвореност, а истовремено сето тоа да биде смешно што е исклучително тешко. Сигурно Тарантино не слушнал за Итар Пејо, а Итар Пејо можел да претпостави дека ќе се случи Тарантино. Мојот роман нема да кажам дека ги обединува, но се обидува да прикаже дека хуморот е нешто што е универзално за сите и нешто што може да ги поврзе и историски и географски далечните средини“, вели Кујунџиски.

Иако притеснет од обврските помеѓу издаваштвото и пишувањето што практично подразбира дека во последно време им се обраќа на песните и на пократките книжевни форми, за следниот роман Кујунџиски вели дека ќе биде сериозно несериозен.

„Следниот роман сигурно ќе биде сериозно несериозен. Не, не можам да гарантирам ниту едното ниту другото, но она што можам да го ветам е дека ќе биде различен од сите мои четири романи, секој нареден е во многу нешта поинаков од она што било претходно напишано. Значи има автори кои што земаат една линија, одредена насока и упорно ја следат. Како Алтман или Маркез. Меѓутоа има писатели и режисери кои што во секој следен филм или користат различен жанр или различна техника на снимање, да ги земеме Кјубрик или Тарковски. Во сè што работам мора да има предизвик! Следната книга ќе биде на тема што мене ќе ме предизвика. Не знам во која насока ќе се движи бидејќи секогаш околу мене има многу приказни кои што се борат меѓу себе како што има и многу Жарковци кои што се борат меѓу себе дали да се пишува на овој или оној начин, меѓутоа секогаш победува најдобриот, односно најборбениот“, вели писателот.

Конечно, Кујунџиски како единствен претставник од Македонија неодамна влезе во еден одбир од 80 светски автори, потем беше меѓу нашите писатели на Ревијата на мали книжевности во Загреб – Хрватска, а неговиот расказ „Кога се губат очилата“ влезе во американската антологија - Најдобрата проза од Европа за 2013 година.

„Лаже тој што ќе каже дека не му е битно каква било почит искажана од читателите во и посебно надвор од својата држава. Мене ми е тоа навистина драго, меѓутоа она што е исто така опасност кога човек се занимава со јавна дејност е премногу да се вообрази. Она што јас се обидувам е да не се вообразам и да не знам што сум постигнал. Во секој случај, влезот во тие 80 за мене е многу битен. Тоа е можеби личен избор на одредени луѓе или човек, меѓутоа е значаен бидејќи многу литература се создава и да исплива човек на површина е многу тешко и патот е трновит. Пред да се случи ова сврстување меѓу 80-те најдобри, се случи и селекција на еден мој расказ во една многу битна американска антологија која се однесува за цел свет – Најдобрата проза од Европа за 2013 година. Јас и претходно сум бил вклучен во антологии на Балканот и во светот, меѓутоа ова е прва антологија од која вистински почувствував фидбек од читатели од цел свет што за мене беше воодушевувачки. Ми се јавија луѓе од САД, од Канада, од Холандија, од Бразил, некако дошле до Антологијата, го прочитале расказот, напишале дури и некаква критика, некаква рецензија на некој блог. Тоа е чувството за кое сите ние живееме. Дефинитивно не можеме да направиме милиони од издаваштво или од книги, меѓутоа можеме условно да се сретнеме преку литературата со некои други нации. Да се сретнеме со творештвото на нивните култури и тие да се сретнат со македонската култура. Така што таа Антологија која што четири или пет години по ред досега се објавува и во која два или три пати имало македонски претставник, мислам дека е многу убав начин за да се приопшти пред американската јавност и англиското говорно подрачје, добар почеток за пласирање на сопствените дела надвор од сопствената држава и мене ми е многу драго што се случи и им пожелувам такво нешто и на другите македонски писатели“, вели Кујунџиски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG