Достапни линкови

Груевски - Немам вина, сакаат да ме оцрнат


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски по барање на СЈО денеска беше на распит во Кривичниот суд за случајот ТНТ. Рече дека немал намера да замине од земјата, иако Катица Јанева изразила сомнеж. Тој ги обвини опозицијата и СЈО дека ќе го терале да се правда иако немал никаква вина

По околу еден час поранешниот премиер и актуелен претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски го напушти Кривичниот суд. Тој беше повикан на распит по предлог на Специјалното јавно обвинителство за предметот именуван како „ТНТ“ за уривање на објектот Космос.

„Бев повикан во судот затоа што Катица Јанева изразила сомнеж дека ќе ја напуштам земјата. Не знам дали некој верува во тоа, но се гледа дека СЈО прави чекори кои се нарачани и најверојатно тоа го посакува нивниот нарачател кој во неколку наврати изјави дека не ги признава македонските судови “ рече Груевски кој не одговараше на новинарски прашања. Брзам на настан во друга прилика, рече тој на обидот да се постави прашање.

Во својата изјава зборуваше за изборите, нискиот рејтинг на опозицијата која и ја обвини дека во соработката со Специјалното јавно обвинителство ќе се обиделе да го оцрни него и неговите соработници. Тој најави дека очекувал да биде повикуван , како што рече, за апсурдни причини во судот и ќе требал да се правда иако нагласи дека немал никаква вина.

Специјалното јавно обвинителство во април го објави случајот ТНТ за уривањето на објектот „Космос“, кој беше во сопственост на бизнисменот и лидер на политичката партија ПЕИ Фијат Цаноски во 2011 година.

СЈО тогаш образложи дека од прибраниот доказен материјал произлегувало дека Груевски, како нарачател и поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, со цел да му се одмаздат на Цаноски, кој ја напуштил владината коалиција, го поттикнале градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, да стори кривично дело.

Се работи за „криминална спрега на релација централна - локална власт, која функционирала многу ефикасно за задоволување на желбите на нарачателот, поранешниот премиер на Република Македонија, нагласија тогаш од обвинителството.

Минатата година,пак, претседателот на СДСМ Зоран Заев во една од т.н. опозициски бомби објави разговор во кој рече дека се слушаат гласовите на Груевски и Јанакиески како се договарале да се достави решението за уривање на објектот, а поранешниот премиер му кажувал на министерот како да се збришел објектот и да се сменеле Деталниот и Генералниот урбанистички план.

По делумното повлекување на аболицијата минатиот месец и целосното во понеделникот, СЈО повторно ги активира предметите што ги работеше. Во случајот ТНТ за уривањето на Космос се спроведува истражна постапка и за Груевски, Јанакиески и Трајковски, а поднесени беа и предлози за определување мерка за претпазливост против истите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG