Достапни линкови

logo-print

Поранешниот премиер Никола Груевски, како нарачател и поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, со цел да му се одмаздат на Фијат Цаноски, кој ја напуштил владината коалиција, го поттикнале градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, да стори кривично дело, рече обвинителката Фатиме Фетаи.

ТНТ е името на новиот предмет што го презентираше денеска Специјалното јавно обвинителство. Станува збор за уривањето на објектот „Космос“, кој беше во сопственост на бизнисменот и лидер на политичката партија ПЕИ Фијат Цаноски во 2011 година.

Криминална спрега на релација централна - локална власт, која функционирала многу ефикасно за задоволување на желбите на нарачателот, аболираниот поранешен премиер на Република Македонија.

Обвинителката Фатиме Фетаи, која го презентираше предметот, изјави дека од прибраниот доказен материјал произлегува дека поранешниот премиер Никола Груевски, како нарачател и поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, со цел да му се одмаздат на Фијат Цаноски, кој ја напуштил владината коалиција, го поттикнале градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, да стори кривично дело.

Со оглед дека овие политичари се помилувани од претседателот Ѓорге Иванов, прво осомничена во овој случај е градежната инспекторка која направила незаконски записник по кој донела и незаконито решение за рушење на објектот Космос.

Според СЈО, се работи за „криминална спрега на релација централна - локална власт, која функционирала многу ефикасно за задоволување на желбите на нарачателот, аболираниот поранешен премиер на Република Македонија“.

Обвинителката Фетаи презентираше и пораки од мобилниот телефон на сега веќе починат сопственик на фирмата која го извршила уривањето.

„Се разбира дека претходницата на овие пораки го чувте во веќе широко познатата фраза „Миле ми текна“, или во овој случај „Миле ми текна друга варијанта - Ние да го смениме таму ДУП-от?“, во овој случај како дел од неовластено прислушуваните разговори, помеѓу еден од поранешните премиери и еден поранешен министер за транспорт и врски. Сметаме дека треба да се истакне и пораката испратена од Ф.И. до Министерот за транспорт и врски на ден пред рушењето со експлозив, со следната содржина: „Јас ќе го испочитувам договорот со тебе и за Партијата. Миле, ти што ќе сториш брат за мене? Јас сум во клиничка смрт овие 7 месеци. Каков масакр мене ми се случува брат, од кого? Од моите? Има господ ќе суди на сите. Јас бев, сум и ќе останам ист, сега помогни ми ти со твојот авторитет, јас ќе ја завршам работата, ќе се гордееш утре вечер, а јас со пелин во душата, блокирана сметка и доверители на врат и со добиен очен инфаркт? Ако треба така за Партијата и за Човекот, ОК, ама лични профити не, гревота е“, рече таа.

Штетата предизвикана од уривањето изнесува 15 милиони евра, а Цаноски во судска постапка побарува 58 милиони евра оштета. За дел од осомничените, СЈО планира да побара од судот само мерки за обезбедување, односно одземање на патни исправи и забрана за напуштање на градот.

Лидерот на опозицијата Зоран Заев минатата година при објавување на прислушуваните разговори изјави дека во нив се слуша како Груевски дава насоки за уривање на објектот Космос.

„Втор машки глас: Има четири, пет стуба скинато, оти место да одиме со машини, со сајли за мермер сечење, тие се многу ефикасни.

Прв машки глас: На кој кат?

Втор машки глас: Одозгора надолу.

Прв машки глас: Аааа, значи ништо немаме. Одозгора надолу. Многу ситна штета е тоа.“

„Прв машки глас: Миле, ми текна, а бе и ГУП да му смениме.

„Втор машки глас: ВО ГУП-от сега?

Прв машки глас: Да, парк, зеленило, ајде.“

Фетаи на почетокот на презентацијата порача дека не постои совршен злостор и дека правдата ќе го стигне секој што се огрешил пред законот.

„Поракатa е до сите оние кои нечесно ја подриваат работата на Обвинителството, кои се закануваат на различни начини кон припадниците на Специјалното обвинителство, нивните семејства и пријатели. Всушност, тоа се лица на кои правдата не им е од интерес и на нечесен и кукавички начин се обидуваат да се спасат од неа. Им порачуваме: ПРАВДАТА ЌЕ ГО СТИГНЕ СЕКОЈ ОНОЈ КОЈ СЕ ОГРЕШИЛ ПРЕД ЗАКОНОТ. ТОА Е НАШАТА ЦВРСТА ВЕРБА И ОПРЕДЕЛБА“, рече таа.

По „Титаник“, „Тортура“, „Тврдина“ и „Транспортер“, ТНТ е петти предмет кој го отвори Специјалното јавно обвинителство. Обвинителката Катица Јанева изјави дека „Случајот ТНТ“ е очигледен пример за класична злоупотреба на институциите во лични или партиски цели.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG