Достапни линкови

logo-print

Груевски се пазари, демонстрантите бојадисуваат


Фокус пишува дека Груевски со сите потези само се обидува да го зголеми влогот за финалниот пазар што си го замислува за својата амнестија, а Република продолжува со тезите дека Сорос ја финансира Шарената револуција.

Фокус - Последните сништа на силеџијата

„Со сите потези што очајнички ги влече Груевски, кој на партискиот егзекутор во полицијата Митко Чавков му издава наредби во лукашенковски манир да апси ‛шарени револуционери‛, само се обидува да го зголеми влогот за финалниот пазар што си го замислува за својата амнестија‟, тврди авторот на воведната колумна „Последните сништа на силеџијата‟ во најновиот Фокус, па ја дообјаснува неговата намисла дека колку повеќе сила покажува толку повеќе страв во коски ќе втера и потоа ќе се испазари. „Но, законите во политиката не се исти со физичките закони‟, предупредува Фокус, затоа што „сè што прави насила, на Груевски му се враќа по носот и по тимбата. Демек, се чатали дека сам ќе оди на избори, арно ама, опозицијата не е село без кучиња и цврц – си ја свитка опашката. Го множи СЈО со нула со аболицијата, арно ама, СЈО не е партиско сираче, туку чедо на Брисел и Вашингтон и оп – рикверц како попарен. Ја погани Шарената револуција дека била платеничка и соросоидна, ама цел свет му се смее на лудилото и на крајот ќе мора да ги прифати барањата на граѓаните. Деновите и неделите што идат Груевски го чекаат судбоносни одлуки‟, потсетува авторот на уводникот во Фокус.

Република - Бои за интересите на Сорос

Република продолжува со своите тези дека Сорос бил финансиерот и плаќачот на Шарената револуција, заедно со СДСМ, се разбира. Па насловува: „Бои за интересите на Сорос – Бојосување за преземање на суверенитетот‟. Во редакцискиот текст неделникот наведува дека Сорос ги почнал своите активности за „купување на државата‟ уште во 1993 година, кога владата на СДСМ ја задолжила Македонија со кредит кај Сорос со што, како што пишува, „се дозволи негово мешање во внатрешните работи на државата‟. Република повторно наведува имиња на личности и граѓански организации кои наводно биле платени од Сорос, според неделникот, сите организатори и главни предводници на Шарената револуција.

Глобус - Знаење или полтронство?

„Знаење или полтронство?‟ - прашува авторот на една од колумните во најновиот Глобус. Па додава дека „голем дел од современата генерација интелектуалци, или се удави во портокаловото море од националистички и антимакедонски лаги и глупости, или колаборираше со портокаловата власт и ги уживаше сите можни бенефиции, со што морално се деградираше. На таков „празен простор‟ со полтронско лигавење на скалилото на ученоста се искачија празноглавци и глупаци, односно луѓе без никаква автономна мисла... и цели десет години бесрамно проповедаа самоизолација од остатокот на светот и колективно национално самоубиство за одбрана на портокаловиот криминал. И нормално, го убија вистинското знаење, а го востоличија полтронството како пат до успехот‟, пишува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG