Достапни линкови

Мигрантите во Идомени почнаа да работат


Во најголемиот мигрантски камп во Европа кај Идомени на македонско грчката граница и натаму има околу 10 илјади луѓе. Тие не се откажуваат од чекањето границата да биде повторно отворена. Во меѓувреме, веќе им снемува средства па некои од нив за да преживеат почнаа да работат: прават леб и отвораат берберници.

Триесет и пет годишната Сеима Ходеб, мигрантка од Ирак пред нејзиниот шатор во Идомени подготвува тесто за леб кој им го продава на другите во овој импровизиран мигрантски камп во Грција.

Таа е само една од оние кои решиле сами да си помогнат за да преживеат на македонско грчката граница и кои имаат намера уште долго време да останат таму.

Таа вели дека продава по 100 парчиња леб на ден во кампот во кој нема доволно вода за пиење, но затоа има најмалку осум бербери.

„Моите родители немаа избор кога останавме без пари пред неколку недели. Затоа почнаа да прават леб“, вели нејзината 17 годишна ќерка Савен.

Во кампот главно има Сиријци, Ирачани и Авганистанци и тие се таму веќе четири месеци.

Огромен број мигранти и бегалци успеаа да заминат во северниот дел на Европа и да побараат азил во главно Германија, но по затворањето на балканската рута, десетици илјади останаа заглавени во Грција.

Сè додека постои Идомени, ние ќе и бидеме товар на совеста на Европа. Ако го оставиме Идомени светот ќе се заборави за нас.

Оние кај Идомени одбиваат да бидат преместени во официјалните кампови во внатрешноста на Грција.

Сега во овој камп има три импровизирани џамии, градинка и училиште како и неколкумина кои продаваат храна.

Шаторите на мигрантите се несредено поставени, а има само хемиски тоалети кои не се чистат.

Грчкиот министер за миграција Јанис Музалас во минатата недела изјави дека условите во кампот се, како што рече, „навреда која треба да биде прекината“.

Сепак, тој додаде дека за разлика од Франција која урна дел од импровизираниот камп познат како „Џунгла“ во Кале, Грција тоа ќе го стори преку „засилен дијалог“ со мигрантите.

„Животот тука е ужасен, немаме чиста вода, немаме пари, храната не е добра, ниту пак доволна за секој“, вели 29 годишниот палестинец од Дамаск Ридван Кико кој, како што додава, бил принуден да почне да продава овошје и зеленчук.

Тој, како што вели, ги купува од грчките Роми, а ги продава за да може да купи лекови за неговата мајка која е дијабетичар и има потреба од инсулин.

„Продавниците почнаа да се отвораат кон крајот на март. Има способни луѓе кои сакаат да бидат корисни за нивните семејства и да заработат“, вели Марко Буоно, шеф на канцеларијата на УНХЦР во Идомени.

И покрај апелите на грчките власти, повеќето од мигрантите и бегалците одбиваат да заминат од Идомени, а често пати доаѓа и до немили сцени и тепачки во кампот.

Кико, кој во Дамаск предавал математика вели дека ќе остане таму се додека не го продолжи патот за Германија.

„Сè додека постои Идомени, ние ќе и бидеме товар на совеста на Европа. Ако го оставиме Идомени светот ќе се заборави за нас“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG