Достапни линкови

logo-print

Котеска - Иднината на спомениците од „Скопје 2014“ е во Мементо парк


Проектот „Скопје 2014“ е хулиганство, а не гаѓањето со боја. Мислам дека иднината на тие споменици и онака ќе биде во некој Мементо парк надвор од Скопје, каде што ќе одиме се прошетаме за да го видиме ова 10-годишно лудило овековечено во тие споменици, вели професор Јасна Котеска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Професорке Котеска, кога во еден момент помислуваме дека сме на чекор да излеземе од политичката агонија, гледаме дека уште подлабоко влегуваме во неа. Дали македонските политичари имаат капацитет да влијаат за позитивен епилог или разрешницата исклучиво ќе зависи од меѓународниот притисок, со оглед дека недвосмислено ни се нотира дека земјава е на работ на голема криза?

Тешко е да се предвиди дали македонските политичари имаат капацитет, но ќе мора да го најдат во секој случај. Меѓународниот фактор очигледно ќе има улога, деновиве беше објавено дека ќе има нов германски олеснувач во преговорите, меѓутоа мислам дека суштинскиот капацитет, за среќа, го понесоа македонските граѓани, кои протестираат секој ден од чест часот. Сведоци сме дека тие протести траат секој ден веќе три недели во континуитет, се шират, веќе се низ 12 града во земјата и тие покажуваат, граѓаните, ние покажуваме дека имаме капацитет за демократска, европска Македонија, а на политичарите останува да се види колку ќе имаат капацитет, а притоа под политичари со капацитет не го подразбирам Никола Груевски којшто сметам дека целосно е надвор од реалноста, има изгубено секаков компас и тој не верувам дека ќе има каков било капацитет да преговара. Мислам дека странците дури и не преговараат во суштинска смисла со него, мислам дека го држат на кратко јаже, евентуално да не ја експлодира ситуацијата во некаква безбедносна смисла, а од друга страна да има привид дека контролира некаква ситуација, меѓутоа искрено се сомневам дека кој било преговара со него во сериозна смисла.

Шарената револуција обои дел од институциите, имаше и дел негативни реакции во однос на тоа, меѓутоа дали тоа е израз на револт кој не може да се контролира и кончено треба сериозно да се сфати ситуацијата, затоа што од друга страна со атмосферата на контра-протестите кои се одржуваат со музика, како да се сака да се затскрие незадоволството. Навидум, една слична ситуација како на политичката сцена.

Прво, спомениците и спомен обележјата се дивоградби во град Скопје. Вториот елемент е дека „Скопје 2014“ е пералница на пари. Знаеме дека во проектот не учествуваат македонските уметници така како што сака да ги претстави владата. Учествуваат тројца главни автори и пет изведувачи, без портфолија, без искуство во работа со неокласицистички или не знам какви објекти и трето, да направам една паралела, „Скопје 2014“ и она што се случува со Шарената револуција е како некој крадец да ви влезе дома, да ви украде 1.000 евра колку што имате заштедено, да потроши 30 евра расфрлајќи пластични предмети врз дотогашниот мебел, колку и да бил тој скромен, а другите да ги однесе на Кајманските Острови. И вие со месеци живеете меѓу таа пластика, гипс и стиропор и одеднаш прснете со дезодоранс врз некој од нив и вашите соседи се бунтуваат дека тоа е акт на хулиганство, кога вие сте во една симболичка и фактичка смисла ограбен, нападнат и предмет на хулиганство од друг човек. Меѓутоа, уште нешто, „Скопје 2014“ и објектите ќе се распаднат за кратко време. Мислам дека околу 1964 година е донесен тој урбанистички план на Кензо Танге и на тогаш водечките експерти коишто под капата на УН работеа на реставрирање на Скопје. Еден од основните принципи во тој мастер план, внимавајте, еден од основните, е дека на левиот брег на реката Вардар не смее да се гради, тоа не е направено зашто тие сакале да го остават пуст, туку затоа што на тој дел од градот не се гради, тие објекти не го издржуваат тестот на времето. Најсмешното за теоретичари како мене, ние се обидувавме да го расшрафиме грандиозниот проект, идејата зад „Скопје 2014“, за по прислушуваните разговори да дознаеме дека станува збор буквално за ад хок решенија каде што Груевски му се јавува на „Миле, ми текна“ и му вели - ми текна, видов една разгледница, јас сакам таква фонтана да ми направиш во Скопје, еј Миле ми текна, не тој рококо, таа неокласицистичката слика што ти ја пратив на компјутер. Ние фактички сме го анализирале мозокот на еден човек и неговата идеја како треба да изгледа дневната соба на нашата нација, така што негативните критики против герила акциите против спомениците се апсолутно неоправдани, по ниедна основа. Од друга страна, ако земете предвид дека сите комунистички и воопшто тоталитарни режими започнаа така што инсталираа споменици, а тие први настрадуваа со обезглавување на спомениците на Ленин, на Сталин, нивно закопување, горење во некои случаи, истото се случува сега со спомениците од „Скопје 2014“, со тоа што го гледате народот во побенигна ситуација. Тие дури не го ни загрозуваат ова монументално здание што се обиде Груевски да го инсталира, тие само симболично покажуваат дека не им се допаѓа. Мислам дека иднината на тие споменици и онака ќе биде во некој Мементо парк надвор од градот Скопје, каде што ќе одиме да купиме влезница и ќе се прошетаме низ тие споменици да го видиме ова 10-годишно лудило овековечено во тие споменици.

Целото интервју со професор Јасна Котеска може да го погледнете во видеото на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG