Достапни линкови

Црвена боја за потсетување на крвта на Нешкоски


Црвена боја врз портретите на Груевски и Јанкулоска пред Влада, црвени пораки испишани на белиот мермер на плоштад. Големи транспаренти со пораката „крвта не се крие“ се само дел од денешниот протест на првата годишнина од жестоките судири меѓу демонстрантите и полицијата, откако беше објавена опозициската бомба за убиството на Мартин Нешкоски.

Црвена боја која треба да асоцира на крвта на убиениот Мартин Нешкоски вечерва беше размачкана врз портретите на поранешниот премиер Никола Груевски и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, кои демонстрантите ги донесоа пред владата.

Пробавте да скриете е мотото на денешниот протест на првата годишнина од жестоките судири меѓу демонстрантите и полицијата, откако беше објавена опозициската бомба за убиството на Мартин Нешкоски. Тој беше убиен пред пет години, но досега никој не одговараше за обидот за прикривање на убиството. Братот на убиениот Мартин, Александар Нешкоски, учествуваше на протестите во Скопје на кои имаше над две илјади луѓе.

Претходно и белите како снег мермерни плочки на плоштадот Македонија, каде што беше убиен Нешкоски, станаа црвени како крв. Демонстрантите на плоштадот напишаа Убијци, Правда за Мартин и Слобода за сите, алудирајќи на притворените демонстранти. На зградата на Метропол на плоштадот Македонија беа истакнати два големи транспаренти на кои е испишано „Стоп за режимската бруталност“ и „Крвта не се крие“.

Демонстрантите носеа слики со Мартин Нешкоски и натпис „Кој е следниот“. Тие извикуваа „Рацете ви се извалкани со крв“, „Убијци“, Робија, „Затвор не ти бега Никола“ и препознатливата парола „Нема правда, нема мир“.

Протестот и денеска почна во 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство. Насобраните потоа продолжија до Собранието, па до Влада. Демонстрантите бараат укинување на политичките аболиции од страна на претседателот Ѓорге Иванов, одложување и изборите и формирање техничка влада што ќе создаде услови за фер и демократски протести.

Фокусот на денешните протести беше ставен на годишнината од 5 мај, односно од ланските протести по објавувањето на бомбата на опозицијата за убиството на Мартин Нешкоски. На денешните протести се пуштаа и делови од прислушуваните разговори што се однесуваат на обидот да се скрие убиството на младиот Нешкоски, кој беше убиен вечерта на по изборите на 5 јуни 2011, додека на плоштадот владејачката ВМРО-ДПМНE ја прославуваше изборната победа.

Минатата година опозицијата објави прислушувани разговори поврзани со случајот Нешкоски, во кои, според СДСМ, се слуша како високи претставници на власта се обидуваат да го затскријат убиството. По објавувањето на опозициските „бомби“ илјадници луѓе излегоа на улиците со барање случајот да се расветли и сите вмешани да одговараат. Протестите се претворија во судири со полицијата, што резултираше со повредени приведени луѓе.

Протести организирани од „Протестирам“ денеска се одржаа и во Делчево, Охрид, Крива Паланка, Ресен, Градско, Карбинци, Куманово, Радовиш, Прилеп, Струмица, Битола и Гевгелија.

Денеска се одржаа и контрапротести организирани од Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) и тоа во Градско, Радовиш, Крива Паланка, Кочани, Битола и Ресен со барање за одржување на изборите, како што велат, „единствениот начин за ставање крај на агонијата во која се наоѓа Македонија.“

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG