Достапни линкови

Споменик „пералница на пари“ во центарот на Скопје


Со боја против корупцијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:32 0:00

Со боја против корупцијата

Шарената револуција ги зафати Државната комисија за спречување корупција и владината ограда, а никна и нов споменик „пералница на пари“ која симболизира неуморно перење на пари од страна на власта. Во воздух завршија стотици шарени балони на кои беа закачени слики на, како што велат демонстрантите, корумпирани политичари.

Демонстрантите кои со недели протестираат против политиките на власта, се обидоа со импровизиран катапулт со балони со боја да ја обојат зградата на Владата. Откако во неколку наврати не успеаа, тие со балоните со боја ги офарбаа белите столпчиња од новата владина ограда која народот го чинеше околу 700 илјади евра.

Живееме во заробена држава, киднапирани институции и служат на партиската врхушка. Во држава каде важи сè за врхушката, а за другите ништо. Сакам да живеам во земја каде ќе има правда и мир.
Миша Поповиќ, граѓански активист.

Шарената револуција денеска во фокусот ја имаше корупцијата. Па така демонстрантите со боја денеска гаѓаа кон зградата на Државната комисија за спречување корупција, која според демонстрантите не си ја извршува работата. Дел од демонстрантите со бели чадори застанаа пред полицајците за да ги заштитат од фрлањето боја.

Споменик пералница на пари поставија демонстрантите во паркот Жена борец во Скопје, која, како што велат пере пари 24/7 и ја симболизира власта која неуморно пере пари. Демонстрантите претходно ги пуштија во воздух шарените балони на кои беа закачени фотографии, на како што велат корупирани политичари. Тие бараат таквите политичари да си заминат од власта и да одговара за корупцијата. Кога демонстрантите пристигнаа пред Собранието на разглас се пуштаа дел од т.н. опозициските бомби во кои се откриваат корупциски скандали во кои се вмешани функционери.

Пред Собранието се обрати активистот Миша Поповиќ. Тој зборуваше за корумпираната држава и за нефункционалноста на Државната антикорупциска комисија.

„Живееме во заробена држава, киднапирани институции и служат на партиската врхушка. Во држава каде важи сè за врхушката, а за другите ништо. Сакам да живеам во земја каде ќе има правда и мир“, рече Поповиќ.

Адвокатот Драган Малиновски, кои е и поранешен антикорупционер рече дека корупцијата во Македонија создаде свој систем што тој е толку усовршeн, што може и да се брендира.

Новинарката Сашка Цветковска сликовито прикажа како политичарите перат пари, а потоа свечено ја пресече лентата на новиот споменик пералница за пари. Во својата презентација таа за политичарите користеше превдоними.

„И јас би сакала да кажам - бандо криминална, ама последниот што кажа така е во затвор“, рече Цветковска.

Шарената револуција трае веќе четири недели по улиците на Скопје, но и во многу градови низ Македонија. И денеска демонстрантите почнаа да се собираат пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство во Скопје. Тие велат дека СЈО е институција, која има за цел да го почне расчистувањето со широко распространетата корупција на највисоко државно ниво. Протестот заврши пред Владата.

Демонстрантите бараат повлекување на одлуката за аболиција, оставка на претседателот Ѓорѓе Иванов, формирање на специјално одделение на Кривичниот суд за предметите на Специјалното јавно обвинителство, како и повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, вклучување на граѓанското општество во решавање на кризата и формирање на преодна влада. Паралено со протестите во Скопје, се протестираше уште во 12 градови, во Велес, Прилеп, Битола, Струмица, Гевгелија, Кочани, Штип, Куманово, Крива Паланка, Битола, Охрид и Ресен.

„Нашите барања се јасни и сè додека не се исполнат нашата борба останува на улиците. Секој ден сè побројни“, велат од „Протестирам“.

Во меѓувреме протести организирано од Граѓанско движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) се одржаа во Штип, Крива Паланка, Велес, Битола и Ресен. Тие бараат избори со кои ќе се стави крај на кризата.

„Стоп за кризата, стоп за деструкцијата. Да за одење на избори и крај на оваа состојба која го умори народот, ја успори економијата и ја прави неизвесна иднината на Македонија“, пишуваа од движењето на социјалните мрежи.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG